1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сирија - клуч или пречка за мирот?

17 јули 2010

Пред десет години, на 17 јули, Башар ал Асад ја презеде претседателската функција во Сирија, по смртта на татко му. Каква улога игра земјата под негово раководство во потрагата по мир во регионот?

Башар ал АсадФотографија: AP

Генерации експерти за Блискиот исток ги мачи истото прашање: дали Сирија игра клучна улога на Блискиот исток или претставува пречка за мирот во регионот? Факт е дека двете можности се тесно испреплетени. Благодарејќи на добрите односи со Иран, Хезболах-милицијата во Либан и радикално-исламистичкиот Хамас во Појасот Газа, режимот во Дамаск располага со огромен потенцијал за влијание и попречување истовремено. Одлучувачки е како се однесува со нив.

Претседателот Башар ал Асад по овие прашања покажува слична флексибилност како неговиот татко Хафез ал Асад, кого го наследи пред десет години. И под водство на Ал Асад помладиот, државните сириски медиуми стриктно се држат до антиизраелскиот курс: несаканиот сосед се претставува како вечен агресор и во класични пропагандни манири се ословува како „ционистичка творба“. Улиците на Дамаск се полни со пропагандни плакати кои го прикажуваат Ал Асад рака под рака со шефот на Хезболах, Хасан Насрала или со иранскиот претседател Махмуд Ахмадинеџад. И раководството на Хамас е сместено во сириската метропола, впрочем како и некои други радикални палестински организации.

Плакат од Ал Асад во ДамаскФотографија: DW

Сигнали за мир на Блискиот исток

Истовремено, Ал Асад постојано испраќа сигнали кои навестуваат заинтересираност за мир на Блискиот исток и подобри односи со западните држави. Со тоа се разликува од неговите партнери Иран, Хамас и Хезболах, кои од време на време гласно пропагираат уништување на Израел. Кога Ал Асад го критикува Израел, тоа го чини како политичар кој се залага за мир, а кој во Израел за жал не може да најде соодветен соговорник. Така, кон средината на јуни, по смртоностниот напад на израелската морнарица врз конвојот за Газа, тој за Би Би Си изјави: „Овој напад уништи секаква шанса за мир во блиска иднина. Тој пред се’ докажа дека оваа израелска власт повторно е една пироманска влада. Со неа не е можно да се постигне мир.“

Ал Асад со францускиот претседател Никола СаркозиФотографија: AP

Дека направил обиди во таа насока е неспорно: како и татко му, и Башар ал Асад се согласи за индиректни мировни преговори со Израел, раководени од Турција. Но, тие по војната во Газа, во 2008 година, се замрзнати. Обновување на овие преговори не е на повидок во догледно време, покрај другото и поради драматичното влошување на турско-израелските односи. Експертите во моментов повеќе гледаат опасност од нова војна во регионот.

Сирискиот претседател на средба со либанскиот премиерФотографија: AP

Наспроти мислењата во Израел, многу европски посматрачи веруваат дека Сирија нема интерес за нова ескалација во регионот. Иако земјата, од страна на поранешниот американски претседател Џорџ Буш беше вброена во „оската на злото“, денес многу западни политичари се обидуваат да го придобијат шефот на сириската држава.

Факт е дека Сирија има некои интереси, кои би влијаеле на тоа земјата повеќе да се наклони кон мировниот курс и да соработува со западните држави: Сирија сака да го реформира својот пропаднат економски систем и за тоа е потребно САД да ги укинат санкциите кон Сирија. Но, Сирија пред се’ се залага да си ја поврати Голанската висорамнина, која во 1967 година беше запоседната од Израел и подоцна анектирана - тоа за режимот е национално прашање на престиж.

Но, би можел ли Ал Асад да рескира внатрешно и надворешнополитички, во корист на одвоен договор за Голанската висорамнина и подобрени односи со Западот, да ја раскине солидарноста со Хамас, Хезболах и Иран? Сите досегашни обиди за придобивање на Сирија останаа безуспешни. Сирија како клуч или пречка за мирот? Се чини дека Башар ал Асад свесно го држи ова прашање отворено.

Автор: Рајнер Золих/ Александра Трајковска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми