Сирија може да стане „регионална кланица“
29 септември 2012 „За да се победи во една герилска борба на улица, мора да бидеш подобро вооружан“, очајно изјави еден од командантите на армијата на бунтовниците во северносириската метропола Алепо. „Иако напредуваме, преслаби сме, за да ги протераме војниците на Асад“, подвлекуваат борците. Против артилеријата и борбените авиони на трупите на владата честопати бунтовниците биле немоќни.
Против некои единици на претседателот Башар ел Асад вчера беа сепак забележани мали успеси на југозападот на земјата. На југоистокот трупите на режимот беа гранатирани. Набљудувачите зборуваат и за најжестоките борби во Алепо во последните два месеци.
Успеси, но не и пробив
Дезертиран официр изјави дека бунтовниците имале „илјадници“ борци. Командантот Абу Фурат на бригадата Ал Таухид јави дека бил заземен еден пункт на армијата во квартот Салахедин. Бунтовниците убиле 25 војници, пред да мораат да се повлечат поради недостиг на муниција, информира Абу Фурат. Исто така и во Ал Сукари и во Иса бунтовниците бележат напредок.
Советот за човекови права во Женева во меѓувреме го продолжи за шест месеци и го прошири мандатот на една комисија, која треба да истражува евентуални воени злосторства во оваа арапска земја. Во оваа комисија нова е повикана поранешната главна хашка обвинителка Карла дел Понте.
САД ставаат натамошни финансиски средства на располагање
Американската министерка за надворешни работи Хилари Клинтон во Њујорк најави дополнителна поддршка за движењето на отпорот во Сирија во висина од 45 милиони американски долари: 15 милиони за „невоени цели“, и 30 милиони за „хуманитарна помош“. Таа на средбата со колегите министри за надворешни работи критикуваше поради поддршката на сириското раководство од страна на Иран. Клинтон ги повика соседните држави да недозволат Исламската република да му пружа помош на Асад по копнен и воздушен пат.
ОН и Арапската лига предупредија од проширување на граѓанската војна во соседните држави. Генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун, генералниот секретар на Арапската лига Набил ал Араби и специјалниот пратеник за Сирија Лагдар Брахими на маргините на Генералното собрание на ОН зборуваа за „страшно насилство“. Тие предупредија, Сирија би можела да стане „регионална кланица“.
Откако Советот за безбедност на ОН повторно не постигна согласност околу Сирија и Западот ја повтори критиката за ставот на Русија во конфликтот, рускиот шеф дипломат Сергеј Лавров од своја страна вчера го обвини Западот дека блокира решение. Пред Генералното собрание на ОН тој рече дека неговата земја предложила резолуција за политички преоден процес во Сирија, кој се базира врз мировниот план претставен во јуни во Женева. Овој предлог меѓутоа бил блокриан.
Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле на средба со претседателот на опозциониот Сириски национален центар Абдел Басер Сајда побара обединување на различните опозициони струења.