Сирија: Турската инвазија ја зајакнува Исламска држава
Бјерн Блашке
14 октомври 2019
Навлегувањето на турските сили во северна Сирија влијае и на логорите во кои Курдите држат заробени членови на т.н. Исламска држава. Од таков логор во неделата избегаа неколку стотици заробеници од ИД.
Реклама
При борбите меѓу турските сили и курдските милитанти во северна Сирија е нападнат логорот Аин Иса и приликата ја злоупотребија членови на т.н. Исламска држава, кои беа заробени во него, за да ги нападнат стражарите. Во нередите околу 800 заробеници успеаја да избегаат. Така настанот го опишува Лукман Ами кој е портпарол на сириско-курдските автономни власти.
„Станува збор за 785 членови на ИД, тоа се борци и нивните семејства, кои заради турскиот напад успеаја да избегаат од логорот. Се случи тоа за што предупредувавме цело време!"
Предводник на Сириските демократски сили, скратено СДС, појасни дека нема доволно стражари. Многу од борците на СДС биле прераспоредени на фронтот, а преостанатите стражари по нападот од Турците избегале. Сега имало само 60 до 70 стражари кои се распоредени таму. Пред турската офанзива биле околу 700, за повеќе од 10.000 затвореници, во најголем дел семејства на борци на ИД.
Од почеток на турската офанзива на сириско курдските милитанти кои сочинуваат голем дел од СДС, светот е загрижен дека од офанзивата најголема корист ќе извлече ИД. Рајдур Калил, портпарол на СДС појасни дека милитантите сега мора пред се да се справуваат со турскиот напад.
„Заробениците на ИД веќе не се врвен приоритет за нас. Тие се сега на второ или трето место. Некои од заробениците беа пренесени од страна на американската војска, но тоа се само мал број. Ние имаме илјадници борци на ИД во нашите затвори, луѓе кои се многу поопасни. Кој се интересира за борците на ИД во нашите затвори и е уплашен дека може да избегаат, треба да се залага за тоа да се прекине офанзивата во североисточна Сирија."
Во сириско курдските затвори има до 10 илјади борци на ИД, од кои околу 4 илјади странци. Во логорот Ал Хол и други во регионот живеат дополнително 70 илјади припадници на семејствата на борци на Исламска држава. Во меѓувреме околу 130 илјади лица од североисточна Сирија го напуштија регионот и се во бегство од турскиот напад.
Тоа ситуацијата ја прави непрегледна, што може да биде злоупотребено од ИД за да се репозиционира, особено што многу терористи на ИД оперираат тајно. Американскиот секретаријат за одбрана проценува дека во Сирија и во Ирак сеуште има 18.000 борци на ИД.
Во саботата од кругови на ИД објавија дека паралелно со турската офанзива почнува нова кампања на ИД со цел да се одмаздат за тоа што Курдите се бореле против нив. Во изминатите денови во североисточна Сирија имаше повеќе бомбашки напади, кои и` се припишуваат на терористичката организација.
Што всушност претставува „Исламска држава“?
„Исламска држава“, покрај разорувањата во Ирак и Сирија, во вестите често се наоѓа и поради нејзината бруталност. Што е ИД и колку е моќна? Во продолжение ви претставуваме одговори на најчесто поставуваните прашања.
Што е „Исламска држава“?
Се смета дека „Исламска држава“ е фракција од терористичката организација Ал Каеда, т.е. сунитска милитантна група, за која се верува дека е формирана како одговор на недовербата и фрустрациите од неуспешното владеење на владите во Сирија и Ирак. На нивното знаме пишува „Мухамед е пророкот на Бог“ и „Нема друг бог освен Алах“ - фрази со кои се согласуваат сите муслимани, не само „ИД“.
Фотографија: AP
Каде е активна „Исламска држава“
Целта на „Исламска држава“ е формирање на „калифат“ - држава каде се почитуваат традиционалните вредности на исламот и шеријатското право. Поради нестабилноста на регионите во Сирија и Ирак, „Исламска држава“ успеа да освои и да стави под своја контрола тероитории во двете држави.
Што ја прави „Исламска држава“ различна?
Клучна разлика е бруталноста на „Исламска држава“ со која се влева страв кај противниците и цивилите - преку егзекуцијата со обезглавување и бруталното насилство. Лидерите на „ИД“ велат дека владеат со регионите кои ги освојуваат. Експертот за Средниот Исток, Шади Хамид за ПБС изјави: „Тие нудат социјални услуги. Управуваат со локалната власт. Обезбедуваат минимално ниво на право и поредок“.
Фотографија: gebphotography - Fotolia.com
„ИД“ во однос на останатите терористички организации?
„ИД“ е активна во Сирија и Ирак, но нигериската терористичка организација Боко Харам неодамна ја изрази својата поддршка. Тоа е како натпревар во суровост: додека Боко Харам е одговорна за 13.000 смртни случаи, „ИД“ е одговорна за најмалку 24.000 повредени или убиени. Ал Каеда се дистанцираше од „ИД“, а една од нејзините фракции наречена Нусра Фронт се бори против „ИД“.
Фотографија: Getty Images/A. Katib
Кои се следбениците на „Исламска држава“?
Нешто по кое се разликува „ИД“ се нејзините следбеници. Повеќе од 20.000 странски борци се придружија на групата, од кои повеќе од 4.000 доаѓаат од западна Европа и северна Америка. На сликата се прикажани државите од каде што потекнувааат најголемиот дел на борците. Најголем број борци - споредено со вкупниот број на жители на земјите, доаѓаат од мали земји како Шведска и Белгија.
Што преземаат западните влади против „Исламска држава“?
Од август 2014 година, коалиција предводена од САД спроведува воздушни напади против цели на „ИД“ во Сирија (1.422 напади) и Ирак (2.242 напади). Некои влади исто така беа активни во рамките на нивните држави: Германија ќе процесуира најмалку 30 осомничени милитанти кои се вратиле од Сирија, додека Саудиска Арабија уапси 93 осомничени милитанти во април 2015 година.