„Сиромавиот милионер“ богат со Оскари
23 февруари 2009Оскарот за најдобар филм во минатата година му припадна на „Сиромавиот милионер“. Од вкупно десет номинации, филмот на британскиот режисер, Дени Бојл освои вкупно осум Оскари меѓу кои и оној за најдобра режија.
Победничкиот филм е приказна за едно младо момче од индискиот град Бомбај, кое израснало во сиромашните сламови и се наоѓа пред освојување на огромна награда на телевизиски квиз. Филмот ја прикажува неговата животна приказна, од раѓањето па се до моментот кога стои во студиото.
Оскарот за најдобра машка улога му припадна на американскиот актер Шон Пен, за улогата во филмот „Милк“, каде глуми политичар хомосексуалец. Во конкуренција за овој оскар беа и Бред Пит, Френк Лангела, Мики Рурк и Ричард Џенкинс.
Актерката Кејт Винслет годинава го доби првиот Оскар во кариерата. Американската филмска награда за најдобра женска улога ја освои за улогата во филмот „Читачот“.
„Долго се подготвував за овој момент. Уште како малечка се вежбав пред огледало во купатилото како еден ден ќе се заблагодарувам кога ќе добијам Оскар. Тогаш во рацете држев шише од шампон. Сега држам нешто друго“, рече видно возбудената Кејт. Останатите претенденти во оваа категорија беа младата актерка Ен Хатавех, ветеранката Мерил Стрип, Анџелина Џоли и малку познатата Мелиса Лео.
Постхумно Оскар и за Хит Леџер
На трагично починатиот австралиски актер Хит Леџер, постхумно му беше доделена наградата Оскар за најдобра машка споредна улога. Златната статуетка ќе и‘ биде предадена на неговата сега тригодишна ќерка Матилда, но кога ќе наполни 18 години. Оскарот за најдобра споредна женска улога, годинава отиде во рацете на шпанската актерка Пенелопе Круз за фимот „Љубов во Барселона“. Ова е прв нејзин Оскар.
Златната статуетка за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје отиде во рацете на јапонскиот филм „Заминувања“. Во оваа конкуренција беа и германскиот филм „Баадер Мајнхоф комплекс“, францускиот „Одделение“, израелскиот „Валцер со Башир“ и австрискиот „Одмазда“.
Оскар доби и Германија. Режисерот Јохен Александар Фрејданк ја доби златната статуетка за краткометражниот филм „Земја на играчките“.