1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сиромаштијата на пензионираните гастарбајтери во Германија

Ивета Ондрушкова / Ивана Стојкова13 септември 2014

Напорна работа, скромен живот и копнеж за татковината – ова беше секојдневието за поголемиот дел од т.н. гастарбајтери во Германија. Многумина од нив сега веќе се пензионирани, а секој втор од нив живее во сиромаштија.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Марија К. имала само 18 години кога од едно мало село во југот на Италија се доселила во Германија. Прво работела во кујна, а потоа како шивачка во фабрика. Подоцна нашла работа во еден хотел во Келн. Морала да работи по девет часа дневно, а недела и бил единствен слободен ден. Сопругот го запознала во Келн. Тој исто така бил Италијанец. Се заљубиле и се венчале. По венчавката живееле во мал двособен стан без купатило.

Вечниот копнеж за татковината

Марија и нејзиниот сопруг планирале да се вратат во Италија. Прво сакале да се вратат откако четирите деца ќе се осамостојат и ќе се отселат од дома, но потоа решиле да се вратат во староста. Денес Марија има 71 година и уште се нема вратено во Италија. Се’ уште живее со сопругот во истиот град. Двајцата се пензионирани и живеат многу скромно.

Бројни гастарбајтери денес живеат со минимални пензииФотографија: imago/Caro

Италијанката ја раскажа својата животна приказна на научникот Ерик Сеилс. Тој е еден од авторите на актуелната студија на фондацијата „Ханс Беклер“, која говори за социјалната положба на поранешните гастарбајтери. Оваа студија покажува дека просечната пензија на жените, кои исто како Марија на времето се доселиле од Италија во Германија, изнесува околу 476 евра. Пензионираните мажи, со италијанско потекло, кои својот работен век го поминале во Германија, добиваат пензија во износ од 963 евра.

Пензиите на турските гастарбајтери, пак, се уште помали. Пензијата на жените изнесува 363 евра, а просечната на мажите 742 евра. За споредба – германските пензионери земаат просечни пензии од 1.109 евра, а пензионерките 572 евра.

Сиромаштијата кај странските пензионери поголема отколку кај германските

Речиси секој втор пензиониран гастарбајтер е погоден од сиромаштија, покажува споменатата студија. Имено, сиромаштијата кај странските пензионери е три пати поголема во однос на германските. Причината за ова е што странските работници од 60-ите и 70-ите години во Германија наоѓале лошо платени работни места и со тоа автоматски плаќале помалку за пензинско осигурување, па затоа денес примаат мали пензии.

Некогаш на станиците гастарбајтерите беа пречекувани со блех-музика и блицеви од фотоапаратиФотографија: picture-alliance/dpa

Инаку, според дефиницијата на ЕУ, за сиромашен или загрозен се смета оној чија пензија е помала од 60 отсто од просечните примања. За пензионерите кои живеат сами во Германија тоа значи дека мора да живеат со помалку од 850 евра, месечно. Кај паровите овој износ е нешто повисок – околу 1.300 евра. Процентот на Германци кои спаѓаат во оваа група изнесува 12,5, додека кај поранешните гастербајтери е речиси половина – 42 отсто.

Бројката на доселениците во Германија, кои припаѓаат во оваа група е прилично голема. Имено, од средината на педестите и средината на седумдесетите години на минатиот век, голем број на работници од Италија, Шпанија, Грција, Португалија, Турција и поранешните југословенски земји дојдоа во Германија. Веќе на 10 септември 1964 година во Германија пристигнаа милиони „гастарбајтери“, а само десет години подоцна, во западна Германија околу четири милиони од нив имаа „дозвола за привремена работа“. Најголемиот дел од нив работа најдоа на места со ниски плати, таму кај што Германците не сакаа да работат. Денес, многумина од нив се во пензија и исто како и порано, така и сега мора да внимаваат на секое евро што ќе го потрошат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми