Сиси положи заклетва како претседател на Египет
8 јуни 2014Сиси победи на минатомесечните избори на кои, според официјалните податоци, тој добил 97 проценти од гласовите.
За време на денешното полагање на заклетвата безбедноста во Каиро беше дополнително засилена со вооружен персонал, а на одредени стратегиски локации беа распоредени и тенкови.
Сиси пред Уставниот суд се заколна дека ќе го штити единството на Египет, законот и интересите на неговиот народ.
„Се колнам во светиот Бог дека ќе го зачувам републиканскиот систем, ќе го почитувам Уставот, законите и ќе се грижам за интересите на луѓето, а ќе ја заштитам и независноста на нацијата и нејзиниот територијален интегритет“, рече Сиси на церемонијата која беше пренесувана преку телевизија. На неа присуствуваа палестинскиот претседател Махмуд Абас, арапските кралски семејства од земјите во Персискиот залив и африкански лидери.
На плоштадот Тахрир, симболот на револтот против Мубарак, денес ретко се собираат демонстранти. Таму денеска млади мажи продаваа маици со ликот на Сиси и неговиот заштитен знак – темните очила за сонце. Коментаторите на државните и приватни медиуми го фалат него со надеж дека ќе донесе стабилност и ќе ја спаси економијата во земјата.
Мохамед Мурси беше првиот слободно избран претседател на Египет, но по една година на власт тој беше обвинет дека ја злоупотребува моќта, дека ги наметнува гледиштата на Муслиманското братство во однос на исламот и дека лошо ја раководел економијата – обвинувања кои тој ги отфрла.
Сиси него минатата година го симна од власт и стана де факто владетел во Египет. Муслиманското братство се соочи со најтешките моменти во својата 86-годишна историја. Стотици негови членови и приврзаници се убиени во улични демонстрации, а илјадници други се во затвор.