1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

Сите во исчекување на пресудата за „крвавиот четврток“

15 март 2019

Дел од обвинетите јавно изјавија дека не сакаат амнестија туку правда, и дека ќе ја докажат нивната невиност. Минимум 10 години е казната затвор за делото „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“

Mazedonien Proteste im Parlament in Skopje
Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Целото внимание на јавноста денеска е насочено кон Основниот суд Скопје 1, каде во 12 часот ќе биде објавена пресудата за настаните од 27-ми април 2017 година. Имајќи го предвид големиот интерес на јавноста, Кривичниот суд преку соопштение ги извести сите медиуми и невладини организации кои ќе ја следат објавата на пресудата, да дојдат во судот најдоцна до 11 часот и 45 минути заради подготовка на технички и просторни услови.

Во предметот на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за настаните од 27 -ми април, обвинети се Митко Чавков, Митко Пешов, Душко Лазаров, Горан Ѓошевски - Леви, Оливер Поповски, Оливер Радулов, Мунир Пепиќ, Абдуљфета Алими, Игор Дурловски, Младен Додевски, Јане Ченто, Горанче Анѓеловски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Вилијам Михајловски, Никола Митревски Кољо и Александар Василевски - Нинџа.

Со оглед дека за кривичното дело од член 313 од Кривичниот законик - „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ се заканува казна затвор од минимум 10 години, во јавноста веќе се вртат разни прогнози за вкупниот број години затворска казна што Судот може да ја изрече денеска. Прв со таква проценка се огласи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, кој во интервју на ТВ „Сител“ изјави дека слушнал оти „вкупната пресуда ќе биде над сто години за сите обвинети од 27-ми април“. 

Проблематична споредба

Но, она што предизвика најмногу реакции, беше споредбата од страна на Мицкоски на овој судски процес со „нирнбершкиот“. Од СДСМ го искритикуваа тој чин, и порачаа дека мора да има одговорност за организаторите, нарачателите и извршителите на насилството, преку транспаретна и законска судска постапка.

„Ако судскиот процес против обвинетите за 27-ми април е 'нирнбершки процес', како што вели Мицкоски, дали со тоа признава дека се водел процес против злосторства против човештвото организирани од фашистичка власт? Бидејќи Нирнбершкиот процес е токму тоа!“, реплицираа од СДСМ.

Повеќе:

-„Крвавиот четврток“ го ниша мирниот азил на Груевски

-Случај Чавков: Кога гаранцијата не е гаранција

-Судење за 27 април: Кој подготвувал сендвичи за „крвавиот четврток“?

Со реакција се јави и амбасада на САД во Скопје и побара поцивилизиран дијалог.

„Запалива реторика од политички лидери предизвикува страв и поделби, посебно кога погрешно се користат минати настани, како Нирнбершките судења, за политички цели. Таквиот јазик е опасен и не придонесува за продуктивен дијалог за иднината на земјата. Критично е лидерите тука да се вклучат во поцивилизиран дијалог што ќе придонесе за напредок на стабилноста и просперитетот на Северна Македонија“, беше наведено во соопштението од амбасадата на САД.

Од ВМРО-ДПМНЕ подоцна објаснија дека изјавата на Мицкоски била погрешно разбрана и дека споредбата е направена во преносна смила на зборот: поради опфатот на луѓе, и драконските казни што се очекуваат за „крвавиот четврток“.

Судскиот процес за настаните во Собранието од 27-ми април 2017 година започна на 22 август 2018 година, против 33 лица обвинети за „терористичко загрозување на уставниот поредок на државата“. Со Законот за амнестија за дел од учесниците во тие настани, кој беше донесен во декември 2018 година, беа амнестирани 15 обвинети, меѓу кои пет пратеници од опозициската коалиција и тројца од водачите на протестите „За заедничка Македонија“. Амнестија тогаш не побараа пет од обвинетите: поранешниот министер за внатрешни работи и екс-директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, кој од пред три дена повторно е во притвор поради оперативни сознанија дека планирал бегство, началникот во МВР за специјални операции Душко Лазаров, еден од водачите на движењето „За заедничка Македонија“ Игор Дурловски, како и членовите на т.н. патриотски здруженија Јане Ченто и Игор Југ. Дел од нив јавно изјавија дека не сакаат амнестија туку правда, и дека нивната невиност ќе ја докажат пред Судот.  

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Истрага и за организаторите

Во меѓувреме, Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција отвори и посебна истрага за организаторите на настаните од 27-ми април: осомничени се Никола Груевски, поранешниот претседател на парламентот, Трајко Вељаноски, бившите министри на ВМРО-ДПМНЕ Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, и екс-разузнавачот Никола Бошкоски кој избега во Грција. Сите се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“. Според Обвинителството, осомничените како организатори ја вклучиле севкупната партиска структура и материјални средства за исполнување на целта, и овозможиле континуирано намалување на бројот на полициски службеници за обезбедување на протестите.

„Со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста, организирале непречено влегување на народните маси во законодавниот дом, вклучиле патриотски здруженија и ангажирале лица за извршување на насилство. Во седиштето на политичка партија континуирано го мобилизирале членството на партијата од Скопје и другите градови. Еден од осомничените со возило во сопственост на УБК донел огнено оружје и панцирни елеци пред Собранието што биле наменети за лица што протестираат и имаат искуство во ракување со оружје. Со овие активности осомничените предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв кај граѓаните“, образложија од Обвинителството.

Покрај овие пет лица, за истото дело е осомничен и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, кој беше притворен лани во декември, откако некои од обвинетите при нивната одбрана го посочија токму Атанасовски како организатор на настаните во парламентот. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми