Сите ги бројат само своите жртви
30 август 2011По повод Меѓународниот ден на исчезнатите лица, 30 август во регионот беа одржани повеќе протестни собири, од кои беше упатена единствена порака: свесни сме дека сето ова е направено поради политиката, и оти решението за пронаоѓање на исчезнатите лица е кај политиката и политичките моќници.
Извршниот директор на невладината организација Јуком од Белград Милан Антонијевиќ вели дека решавањето на судбината на исчезнатите е еден од предусловите за помирување во регионот: „ Ако се занимавате со судбината на секоја поединечна жртва, тоа е всушност пат кон помирување и пат кон тоа овој регион да не остане регион со многу лузни туку тоа да биде една добра лекција како овој судир да не се повтори во иднина“, смета Антонијевиќ.
Тој меѓутоа предупредува дека извршителите на воени злосторства во земјите од поранешна СФРЈ се’ уште се доживуваат како херои: „Многу од нив во нивните земји ги доживуваат како херои, што е недопустливо“, истакнува Антонијевиќ.
Исчезнатите - последица на политиката
Сараевката новинарка Џенана Круп-Друшко се согласува со Антонијевиќ: „Имаме ситуација во Бања Лука воените злосторници да се дочекуваат како најголеми воени херои, и за жал истото тоа се случува и во Сараево, а од другастрана се’ уште никој не е подготвен да признае дека злосторствата се правени во негово име и оти исчезнатите лица се последица на војните и воените злосторства, односно политиката“.
Исто мислење има и Весна Тершелиќ, директорка на невладината организација Докумета од Загреб: „На нашиот политички простор се’ уште се доминантни политики во кои се форсира грижата само за мнозинските жртви. Значи во Хрватска пред се’ за Хрватите, а во другите земји за мнозинските групи на исчезнати и убиени“.
РЕКОМ како можно решение за судбината на исчезнатите
Тершелиќ вели дека за тоа пред се’ се виновни владите на државите во регионот: „Надлежните институции и владите едноставно не вложуваат доволно напори за забрзување на процесот на лоцирање на потенцијалните гробови, ексхумација на евидентираните гробници, идентификација на пронајдените посмртни останки“.
Џенана Каруп- Друшко пак истакнува дека прашањето на исчезнатите лица не само што не е приоритет за политичарите , туку не е ни за општеството во целост, иако на пример во Босна и Херцеговина се’ уште како исчезнати се водат повеќе од 10 илјади лица.
„Луѓето се преокупирани со своите секојдневни проблеми и оптоварени се и натаму со национализми, кои доаѓаат од сите политички бои, од сите политички партии и не им е приоритет да се занимаваат со сериозните, клучните хумани, човечки прашања“.
Каруп- Друшко исто како и Милан Антонијевиќ и Весна Тершелиќ смета дека за решавањето на судбината на исчезнатите е неопходно формирање на Регионална комисија за утврдување на фактите за жртвите на просторите на поранешна СФРЈ, или накусо РЕКОМ.
Автор: Динко Грухоњиќ/ Симе Недевски
Редактор: Трајче Тосев