1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите ги бројат тендерите, никој контролите

7 февруари 2020

Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МаСВА) изрази загриженост за начинот на кој во јавноста се третира прашањето на отпадот и апелира дебатата да се води на стручно ниво.

Müll Container Straße
Фотографија: Fotolia/lunamarina

Во чиј политички мандат повеќе тендери добила фирмата „Еко клуб“, овластена за собирање, транспорт и депонирање на опасен медицински отпад? На ова се сведе меѓупартиската пресметка по снимките кои ги објавија градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, и главниот инспектор на Град Скопје, Мирослав Богдановски, на кои се гледа неодговорно постапување со медицински отпад. Состојбата била снимена лани на 10-ти декември, во погоните на „Еко клуб“ сместени во просторот на Металски Завод во Скопје, а случајот бил пријавен во Основното јавно обвинителство - Скопје.

Градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов ги критикуваше надлежниот обвинител Фотографија: DW/P. Stojanovski

Шилегов вчера реагираше дека е несфатливо обвинителот да чека 50 дена за да постапи по пријавата доставена од страна на Градскиот инспектор за животна средина.

ОЈО: Постапивме веднаш!

Од Основното јавно обвинителство Скопје вчера ја информираа јавноста дека главниот инспектор во Град Скопје ја поднел кривичната пријава на 13.12.2019 година, три дена откако го забележал настанот. Притоа не доставил материјални докази, не приложил ни службена белешка за настанот, ниту записник за констатирани неправилности.

Од Обвинителството соопштуваат дека истиот ден по приемот на кривичната пријава, јавниот обвинител пред кој бил пријавен настанот, издал наредба до СВР Скопје за да се направат неопходни проверки со кои ќе се обезбедат докази за наводите во пријавата. Од СВР Скопје постапиле по наредбата и до Обвинителството доставиле известување со обезбедени и приложени писмени докази. Меѓу нив е допис од Државниот инспекторат за животна средина со Записник за извршен инспекциски надзор од 12.12.2019 година и Решение со кое правното лице било задолжено да изврши мерење на емисии на гасови во воздухот од емитерот на автоклавот за третман на медицински отпад. Од фирмата бил обезбеден извештај за постапување со отпад од 30.01.2019 година, извештај од мерење и анализа на концентрацијата на загадувачки супстанции во отпадните гасови од емитер од 23.02.2018 година, Договорот меѓу Дрисла“и „Еко клуб“ од 04.10.2017, дозволите за собирање, транспортирање, складирање и третман на опасен отпад на опасен издадени од Министерството за животна средина во ноември 2016 година, како и Одобрението за вршење на превоз на опасни материи во патниот сообраќај од јуни 2018 година, издадено од Министерството за транспорт. Собрани се податоци за правните субјекти со кои „Еко клуб“ соработувал во вршењето на дејноста, елаборатот за животна средина за поставување на постројка за дезинфекција на медицински отпад од септември 2016 година и Решението за одобрување на тој елаборат од Министерството за животна средина и просторно планирање. Во корпусот на обезбедени докази спаѓа и фотодокументација за затекната состојба во „Еко клуб“ на 13.12.2019 година, кога по наредба на јавниот обвинител беше извршен увид на лице место.

ОЈО Скопје соопшти дека по предметот постапува итно, со даден приоритетФотографија: DW/Katerina Blazevska

Проверки од Инспекторатот и финсиската полиција

Засега нема податок колку инспекциски активности биле реализирани од ноември 2016 година, кога „Еко клуб“ добил две дозволи од Министерството за животна среднина – една за собирање и транспортирање, друга за складирање и третман на опасен отпад.

Од ОЈО велат дека „од направените проверки од СВР Скопје и од досега обезбедените писмени докази, Обвинителството во предистражна постапка утврдило определени факти од значење за пријавениот настан, и ја продолжува предистражната постапка, а за целосно утврдување на фактичката состојба".

Надлежниот јавен обвинител издал наредба до Единицата за економски и компјутерски криминал на СВР Скопје од мобилниот телефон на Главниот инспектор во Град Скопје да бидат издвоени видеоматеријалите што тој ги снимил, со цел тие материјали да бидат обезбедени на законит начин. До Државниот инспекторат за животна средина било издадено барање за достава на податоци за сите дополнителни проверки и констатирани состојби во постапувањето со медицински отпад од страна на „Еко клуб“, а до Управата за финансиска полиција да изврши проверки во поглед на финансиското работење на правниот субјект. Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека по овој предмет постапува итно, со даден приоритет.

Повеќе:

Младите ќе седнат на улица против увозот на отпад!

Вардар го труе сѐ и сешто

Пустец: „Целиот отпад оди во селото и во езерото“

Дебатата да се води на стручно ниво

Алармот на Шилегов за овој случај, како и неговото незадоволство од темпото на постапуваење на Обвинителството, завршија и со критики од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Шилегов, Вие го водите градот трета година по ред, како тоа не знаете каде завршува медицинскиот отпад?! Како тоа при вонреден надзор е откриен случајот во декември?! Шилегов, сега е месец февруари!“, обвини Марија Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.

Критиките брзо излегоа од рамките на посочениот случај и стигнаа - директно на адреса на Заев.

„Во исто време кога Заев вели дека се грижи за животната средина и здравјето на граѓаните во Македонија, од 9 фирми кои работат со нафтен кокс, дури 5 компании се блиски до Заеви или се на Заев“, изјави Игор Николов, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвини дека „во 2019 година првата соработничка на Заев, Радмила Шеќеринска склучила  договор со фирмата за собирање, транспорт и третман на медицински отпад".

„Ова е доказ дека на СДСМ најважни им се личните бенефити само да тие си ги полнат своите џебови. СДСМ имаат морална и кривична одговорност за загрозеното здравје на граѓаните и загадената животна средина“, обвини ВМРО-ДПМНЕ.

Македонската асоцијација за управување со цврст отпад (МаСВА) изрази загриженост за начинот на кој во јавноста се третира прашањето на отпадот, неговиот третман и преработките од отпад за понатамошна употреба.

„МаСВА апелира сите решенија кои се однесуваат на отпадот, третманот на отпадот и негова преработка за понатамошна употреба и како енергенс, како и дебата на оваа тема да се води на стручно ниво, затоа што само со факти и примена на воспоставени технологии ќе се дојде до најдобри решенија во интерес на сите и ќе придонесе за поголема заштита на животната средина“, порачаа од асоцијацијата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми