1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите очи вперени во Комисијата за пратеничкиот имунитет

30 ноември 2017

Од деловнички и правен аспект не е спорно присуството на Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски на седницата на Комисијата за мандатно-имунитетни прашања, чии членови се двајцата. За моралниот аспект може да решат и самите

Mazedonien Erstürmung des Parlaments
Фотографија: picture-alliance/dpa/B. Grdanoski

Точно напладне треба да започне седницата на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, на која ќе се расправа за барањата за притвор на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Жаклина Пешевска. Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски, вели дека сите членови на Комисијата се известени за одржувањето на седницата. Во нејзиниот состав, покрај заменикот -претседател Петар Атанасов, членуваат Мирослав Јовановиќ, Александар Кирацовски, Сашко Костов, Агим Шаќири, Трајко Вељаноски, Борис Змејковски, но и двајца од шесте пратеници чиј имунитет е предмет на денешната расправа: Крсто Мукоски и Јохан Тарчуловски.

Кои пратеници помагаа во упадот во Собранието

03:00

This browser does not support the video element.

Морален аспект

Како што дознаваме, претседателот на Собранието Талат Џафери го доставил судското барање до надлежната Комисија, но по претходни правни консултации за процедурата и одредени правни дилеми.   Имено, според членот 64 од Уставот на Република Македонија „пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години“. Со оглед дека пратениците се сомничат за  „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“ според членот 313 од Кривичниот закон, за кој минималната казна е десет години затвор, дилемите се однесувале на прашањето дали може да се смета дека пратениците „се затечени во вршење на кривичното дело“, ако од настанот поминале седум месеци, а индициите за тоа ги има на видео-снимки обезбедени подоцна. Најверојатно, правниот совет бил дека не може да се смета дека тие се затечени во вршењето на кривичното дело.

Вчера попладнето почнаа да се подготвуваат метеријалите за седницата и известувањата за сите членови на Комисијата. Од собраниските служби велат дека присуството на Мукоски и Тарчуловски на седницата не е спорно од деловнички и правен аспект.

„Пратениците може да гласаат за одлуки кои се однесуваат за нив. Како што гласаат и за верификација на нивните мандати, за нивно учество во работи тела, во собраниски делегации... Прашањето може да проблематизира само од морален аспект“, велат од собраниските служби.

Поради тој аспект, член на Комисијата може да побара Мукоски и Тарчуловски да се изземат од присуство и гласање на седницата поради судир на интереси, а тоа може и тие самите да го побараат.

ВМРО ДПМНЕ бара ослободување на сите притворениФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

ВМРО-ДПМНЕ: Ова е политичка инквизиција!

Но, засега никој не може да предвиди како ќе постапат пратениците. Во Комисијата немаат информации дали Мукоски и Тарчулоски ќе присуствуваат на седницата, односно дали ќе присуствуваат членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ. Оваа опозициска партија во знак на протест поради истрагата против нејзини пратеници и други лица осомничени за  „крвавиот четврток“, вчера ја бојкотираше конститутивната седница на Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС)

„Поради недемократско однесување на власта и селективниот пристап при примената на правдата во Република Македонија, ВМРО-ДПМНЕ нема да учествува на конститутивната седница на ЗЕЛС“, соопшти вчера ВМРО-ДПМНЕ, обвинувајќи дека Македонија е заробена држава од страна на СДСМ.

Покрај вчерашниот  протест пред Министерството за правда,  во предвечерјето на седницата на собраниската Комисија, ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција порача дека „сите поединци кои свесно учествувале во овој политички прогон со кој се кршат законите и Уставот на државата, ќе одговараат со враќањето на правната држава и демократијата“. Партијата побара „безусловно запирање на сите процеси на политички прогон, запирање на теророт и изживувањето кое го прави СДСM и итно пуштање на слобода на сите лица опфатени со тој прогон“.

„Ваквата политичка инквизиција ќе остане забележана на најцрните страници во историјата на државата. Власта се изживува со македонските патриоти обвинувајќи ги за наводен тероризам. Влече по судови и по притвори луѓе кои целиот свој живот немаат ни на мравка згазнато“, обвини опозициската партија, со став дека таа политичката хајка има за цел кршење на р'бетот на македонскиот народ и држава.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Транспарентност и одговорност

Од Брисел не ги коментираат истрагите ни партиските обвинувања, но потенцираат дека треба да се утврди одговорноста за настаните од 27-ми април.    

„Важно е да се утврди одговорност за настаните во Собранието на 27-ми април и ги повикуваме сите партии да се однесуваат одговорно. ЕУ не сака да коментира истраги што се во тек или судски постапки. Внимателно ги следиме случувањата и очекуваме сите партии да се однесуваат одговорно и во склад со законот. ЕУ и претходно ја нагласуваше важноста од утврдување одговорност за настаните на 27 април во Собранието“, изјави за новинската агенција „Мета“ Маја Коцијанчич, портпаролка на ЕУ.

Запрашани за коментар за приведувањата во врска со 27-ми април, од амбасадата на САД на агенцијата изјавиле: „Ги следиме вестите за апсењата. Ја повикуваме полицијата и обвинителството да продолжат со решавањето на случаите со апсолутна транспарентност и со почит кон правните процеси. Иако извршителите на нападите од 27 април треба да се соочат со одговорност за своите дејства, сепак сите лица имаат право на презумција на невиност.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми