1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Филм

Сите очи кон Холивуд: Македонија се надева на Оскар

Рајна Бројер
8 февруари 2020

Тригодишна продукција, две номинации за Оскар и главен протагонист кој не можете да го заборавите: Медена земја е интимен, безвременски портрет на една традиционална пчеларка во Северна Македонија.

Nord-Mazedonien l Dokumentarfilm, Filmemacher des "Land des Honigs"
Фотографија: Petr Stojanovski

Атиџе, жена во 50-те години, преминува реки и долини пешачејќи низ прекрасните планински предели на Северна Македонија. Под неа се само длабоки клисури и неоткриени предели во оваа мала европска земја. Нема објаснувачки коментар, ниту интервенција во дејството. Само Атиџе и природата. Спектакуларно и емотивно.

„Медена земја“ е сниман во период од 100 дена распоредени низ три години. Честопати, условите биле екстремни. Филмската екипа спиела во шатори на ниски температури, без струја и вода.

„Но за мене најголемиот предизвик беше да го редактирам материјалот од преку 400 часа без притоа да го разбирам јазикот“, вели Атанас Георгиев, продуцент на филмот, во интервју за ДВ. Протагонистите зборуваат турски, јазик кој не го разбира секој во Македонија.

„Првата верзија на филмот ја редактирав целосно без звук, не знаевме за што зборуваат, и се надевавме на најдоброто. А потоа го добивме преведениот транскрипт по неколку месеци, и бевме многу среќни затоа што тој беше се на што се надевавме“.

Филмот е сниман во предел во Северна Македонија кој е ненаселен и непристапен. „Најпрво моравме да го испитаме пределот за ние да сфатиме како живеат луѓето како Атиџе таму“, вели Тамара Котевска, ко-режисер на филмот заедно со Љубомир Стефанов.

Оваа земја има толку неоткриени места и природни ресурси, вели режисерката. Таа се надева дека со филмот ќе ја зголеми свеста за Северна Македонија.

„Многу патува и без оглед колку долго сум далеку од дома, мислата за враќање е секогаш присутна. Обожувам да патувам низ Македонија. Тоа е толку инспиративно“, вели Котевска.

„Медена земја“ е втората номинација за Оскар за земјата, по „Пред дождот“ на Милчо Манчевски во 1994 година. Оттогаш филмската индустрија во земјата беше доста тивка.

„Премногу работа, премногу ентузијазам и ретко кога успех“, вели Котевска.

Нејзиниот колега и продуцент Атанас Георгиев вели дека очекувал ова да му биде последниот филм.

„Правам документарни филмови повеќе од 20 години и се заколнав дека ова ќе ми биде последен. Мислев дека, како и другите пред него, ќе биде добар, но на крајот нема да биде успешен“.

Документарната продукција во Македонија, вели тој, речиси и да не постои.

„Документарците не се сметаат вредни за финансирање и не се приоритет во индустријата каде секој сака да прави играни филмови. Но се надевам дека со Медена земја ќе се смени тој начин на размислување“, вели Георгиев.
И двете номинации за Оскар веќе се успех, и тоа историски, затоа што за првпат еден документарец е номиниран во две категории. Гордоста се чувствува не само во Северна Македонија, туку и во целиот регион. И без разлика што ќе се случи на 9 февруари во Холивуд, филмот веќе ги освои срцата на глобалната публика и критичарите.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми