1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите погледи вперени во Иванов

30 јануари 2017

На потег е претседателот Ѓорге Иванов, од кого се очекува мандатот за состав на влада да му го довери на СДСМ. Груевски, по принципот „по мене потоп“, бара нови избори.

Mazedonien Präsident Ivanov
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Sulooca

СДСМ чека да го добие мандатот за состав на нова влада, ВМРО-ДПМНЕ бара нови избори, претседателот Иванов молчи, а јавноста се прашува дали одлуката на ДУИ му помага на Груевски во намерата за нови избориили партијата искрено е решена да партиципира во темелни промени. Ова е резултатот од вчерашната „едногласна одлука на ДУИ да не донесе конечна одлука“, бидејќи немало доволно аргументи за ниту една од петте опции: влада со ВМРО-ДПМНЕ, влада со СДСМ, проширена влада, заминување на ДУИ во опозиција или нови избори.

„Сите пет опции остануваат отворени“, изјави Османи.

Со вчерашната одлука, ДУИ практично остана на претходно изнесениот став дека „е подобро да донесе добра одлука, отколку навремена одлука“, и не му одговори на мандатарот Никола Груевски ни со „да“ ни со „не“ пред истекот на законскиот рок за формирање влада.

ВМРО-ДПМНЕ: Нови избори е зрело решение!

По ваквиот епилог, ноќеска по полноќ се изгаснаа светлата во Собранието, кое беше подготвено за друг тек на настаните. Згаснаа и светлата во новото седиште на ВМРО-ДПМНЕ. Овојпат без вообичаената помпа и без изјави си заминаа партиските функционери, а до јавноста беше дистрибуирано само кусо соопштение во кое партијата јасно навестува дека нема да прифати друг да составува влада, односно дека треба да има нови избори.

„ВМРО-ДПМНЕ заедно со коалицијата 'За подобра Македонија' како победник на последните избори, која доби најголема поддршка од граѓаните и освои најголем број гласови и пратеници, смета дека формирањето на Влада треба да биде во функција на затворање на политичката криза, а не нејзино продлабочување, и смета дека одржувањето на нови избори е зрело решение, а во функција на надминување на кризата и поставување на реформските приоритети во прв план. Секое друго решение само ќе доведе до нова конфликтност и проблеми во и онака поделеното општество и нема да биде во функција на одржливост и остварување на било чии програмски цели“, се вели во соопштението.

Притоа вината за ваквиот епилог ја адресира до „некој“ неидентификуван субјект.

„Очигледно некој сака да се занемари волјата на мнозинството граѓани и да ја втурне Македонија во некоја нова неизвесна фаза од нејзиниот развој. ВМРО-ДПМНЕ останува на своите принципиелни позиции по однос на стратешките прашања од државен и национален интерес и прогласот усвоен на 17-ти декември 2016-та година“, соопшти партијата.

ВМРО ДПМНЕ очекува нови избориФотографија: DW/P. Stojanovsk

Искрена одлука или резервен план?

Ваквите ставови најавуваат неизвесен тек на настаните, пред сѐ, сомнеж за можни правни импровизации со Уставот, со цел друга партија да не го добие мандатот за состав на влада. Дел од аналитичарите во ваквиот тон на партијата препознаваат политика „по мене-потоп!“

„Одлуката на ДУИ да не прави влада со ДПМНЕ е силен удар врз личната суета на Груевски“, смета професорот Ѓорги Спасов.

„Со оваа одлука на ДУИ, која значи дека тој поради обвинувањата од СЈО не е подобен за премиер, Груевски веројатно е лично навреден и веројатно нема да дозволи кој било друг од неговата партија да формира влада. Затоа од неговата партија веднаш по одлуката на ДУИ излегоа со соопштение во кое буквално порачуваат: кога веќе Груевски не може да биде премиер, тогаш најдобро решение за излез од кризата се нови избори“, оценува Спасов.

Според него, вчера било евидентно дека ВМРО-ДПМНЕ не се подготвува за формирање влада со ДУИ, бидејќи уште рано нивните партиски експерти почнале да го „толкуваат“ Уставот, според кој, ако Груевски го врати мандатот, Иванов ќе мора да му го довери на друг член од истата партија. Но, Спасов се сомнева и во можен „резервен план“ за останување на власт на старите коалициски партнери.  

„По одлуката да не состават влада со Груевски, Бујар Османи ги остави отворени петте можности на ДУИ за излез од кризата, меѓу кои едната беше и составување влада со ДПМНЕ. Тоа остава простор да се верува дека ДУИ и ДПМНЕ имаат некој резервен план за останување на власт. Но, засега е добро што Груевски веќе нема шанса да составува влада откако лакомо го зеде мандатот, и по овој личен пораз неговата моќ па и влијание значително ќе ослабнат. Очекувам и натаму да продолжат игрите во кои ќе го злоупотребуваат Иванови ДПМНЕ да не дозволува да се формира каква било влада“, проценува Спасов.

Смета дека е можно ВМРО-ДПМНЕ да почне со остри обвинувања на сметка на ДУИ за наводно продлабочување на кризата, со остра националистичка реторика против Албанците и против СДСМ, да влезе во кампања за нови избори, а секој легален обид таа партија да остане во опозиција да го толкува како „пуч“.

„Сето тоа не треба да ги спречи СДСМ и сите албански партии да формираат стабилна влада која ќе ги ослободи заробените институции и ќе го врати владеењето на правото. Националистичката реторика и заканите од Груевски веќе никого не треба да плашат. Тие се доказ само на неговата слабост и на неговата изгубена позиција. ДУИ не треба да ја пропушти шансата да застане на страна на прогресивното мнозинство кое може да најде вистински излез од политичката криза“, потенцира Спасов.

ДУИ тврди дека за партијата остануваат отворени пет опции Фотографија: DW

Не се пет опции

И покрај тоа што ДУИ тврди дека сите пет опции остануваат отворени, според аналитичарот Рамадан Рамадани, партијата сепак ја елиминирала едната опција и јасно е дека сигурно нема влада со ДПМНЕ.

„По речиси пет недели, со вакво темпо на елимирање на една од петте опции, ДУИ се покажа како бавна за решение на кризата. Среќа е за Македонија што сега ќе бидат во игра другите можни мнозинства во Собранието, и што другите партии на Албанците кои уште првиот ден рекоа дека нема преговори со мандатар обвинет од СЈО (Беса и Алијанса за Албанците), заедно имаат 8 мандата. Нови избори не се вистинска опција ни за ДУИ, ни за другите партии, барем не заедно или пред локалните избори. ВМРО-ДПМНЕ освен мандатот изгуби многу кредибилитет и кај коалициските партнери, кои вчера ги довлечка на состанок за составување на нова влада. Од денес во Македонија настапува нова ера во која се знае дека кој и да биде премиер, и на кого и да му припадне МВР, најскапиот 'мерцедес' во регионот веќе никогаш нема да го вози Никола Груевски“, констатира Рамадани.

ДУИ најави дека разговорите во партијата денеска ќе продолжат, но засега нема одговор дали тие ќе се интензивираат со СДСМ и со други партнери од албанскиот блок со кои имаат заедничка декларација, или со евентуална натамошна неможност за одлука, најдиректно ќе ја помогне опцијата за нови избори.

Според извори од ВМРО-ДПМНЕ, во партиското седиште синоќа расположението брзо се менувало. Наводно, сѐ до 23 часот Груевски ги уверувал дека „имаат влада“, а потоа - дека ќе има нови избори.

Маглата се очекува да се расчисти во текот на денешниот ден, а на потег е претседателот Ѓорге Иванов. 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми