1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сите факти за референдумот во Турција

Џеферсон Чејс
15 април 2017

Турците утре (16. април, 2017) ќе одлучуваат за уставни реформи. Станува збор за тоа дали претседателот Реџеп Таип Ердоган ќе добие уште поголема моќ. Референдумот поларизира. Ова се одговорите на најважните прашања.

Deutschland Abstimmung - Türkei-Referendum
Фотографија: picture alliance/dpa/U. Deck

За што всушност станува збор?

Турците на референдумот ќе се изјаснат за тоа дали нивната држава треба од парламентарен да премине на претседателски систем. Така би се укинало местото премиер, а претседателот, кој директно го избира народот, би бил и претседател на владата и шеф на државата обединет во една личност.

Со тоа, исто така, на претседателот би му се доделиле уште поголеми овластувања: би можел да има право да го планира буџетот, да именува министри и судии, но и да ги разрешува од должност, и би можел во одредени области да носи и декрети. Истотака, шефот на државата би можел да биде и член на една политичка партија. Досега беше пракса претседателот да мора официјално да излезе од партијата и „неутрално“ да ја извршува претседателската должност.

Кусо речено, целата власт би се концентрирала во рацете на претседателот, а тој во моментов се вика Реџеп Таип Ердоган. Ердоган уште од 2005. година се обидува повторно да ја дефинира претседателската функција. Во овие стремежи тој доби поддршка по пропаднатиот државен удар во летото 2016 година. Тој оттогаш аргументира дека се неопходни радикални промени. Но, референдумот поларизира, како во Турција така и надвор од неа.

Кој сака промени на уставот?

Оние, кои ја поддржуваат партијата на Ердоган „Партија за правда и развој“ (АКП) ќе заокружат ’евет’ односно ’да’. Тоа не е изненадување. Тие тврдат оти се неопходни уставни реформи за да се модернизира владата и да биде во позиција да ги совлада сите предизвици на денешните политички полиња.

Малку изненадува тоа што десничарската „Партија на националистичкото движење“ (МХП), која традиционално го одбива претседателскиот систем, ги поддржува реформите на уставот. Постојат озборувања дека на шефот на МХП, Девллет Бахчели за неговата соработка му е ветено потпретседателското место.

Фотографија: Reuters/F. Bensch

Кој е против?

Реформите на уставот ќе ги одбијат други две силни турски партии. Тука се умерените левичари „Републиканска народна партија“ (ЦХП) и левичарската „Народна демократска партија“ (ХДП). Групите кои се борат за човекови права и демократските движења на референдумот ќе заокружат ’хајир’ што значи ’не’. Нивното образложение гласи: планираните уставни реформи на крајот на Ердоган ќе му овозможат да владее како диктатор. Ако на референдумот се прифатат уставните реформи тоа на Ердоган ќе му овозможи да се кандидира за претседател на Турција и во 2019. и во 2024. година. Што значи дека тој потполно регуларно би можел да остане на власт до 2029. година.

Дали тоа би било крај на турската демократија?

Одделни елементи на поделба на власта остануваат и во променетиот устав. Парламентот би можел во одредени области да ги прегласа одлуките на претседателот, би можел да води истраги или дури со двотретинско мнозинство да го симне претседателот од функција.

Но, веќе сега под овој систем владата на Ердоган успеа да ја поткопа демократската, правна држава: се апсат и се малтретираат опозициските политичари. По пропаднатиот државен удар во минатото лето, Ердоган отпушти 2.700 судии. Така што тешко е и да се замисли дека Турција ќе стане подемократска ако сегашниот претседател добие уште поголема моќ. Европската комисија можната концетрација на моќ на претседателот ја осуди како „претерана“.

Фотографија: picture-alliance/AA/Y. Bulbul

Дали Турците во странство ќе бидат „јазичето на вагата“?

Според податоците на турската влада во странство живеат 5,5 милиони Турци, само во Европа 4,6 милиони. Вкупниот број на население во Турција е околу 80 милиони, од нив 55 милиони имаат право на глас. Така што Турците кои живеат во странство, би можеле да одиграат одредена улога. Поради тоа двете страни се обидуваат ја да добијат поддршката на Турците во Австрија и во Холандија, а пред сѐ во Германија во која живеат околу 1,4 милиони Турци со право на глас.

Меѓутоа, малку е веројатно дека гласовите на Турците во странство многу ќе го свртат изборот во една или во друга насока. Заедницата на германските Турци е длабоко поделена на оние кои го поддржуваат Ердоган и оние кои му се противат. Водечките турско-германски личности ги повикаа избирачите дури воопшто и да не гласаат. А треба да се спомене и оти на последните парламентарни избори АКП на Ердоган во Германија освои 60 отсто од гласовите на германските Турци. Во Турција АКП доби околу 50 насто.

Како референдумот ќе влијае врз позицијата на Турција во Европа?

Без оглед на исходот од референдумот, односите меѓу Турција и Европа, веќе сега се нарушени. Турската влада во други европски земји шпионирала турски граѓани, Ердоган ја обвини германската канцеларка Ангела Меркел, но и другите шефови на влади на европските земји дека „применуваат нацистички методи“.

Само тоа е веќе доволно за пристапните преговори на Турција со ЕУ да бидат ставени на мраз. А ако уставните реформи бидат прифатени на референдумот, Ердогановите критичари со сигурност ќе аргументираат дека Турција не ги задоволува демократските стандарди за прием во ЕУ.

Фотографија: Reuters/H.Aldemir

Со НАТО работите се поинакви. Навистина постојат некои поединечни гласови кои повикуваат Турција да биде исклучена од Алијансата, но заедничките интереси се преголеми, затоа е малку веројатно дека тоа ќе се случи. На западна Европа и е потребна соработката со Турција за да ги контролира движењата на бегалците од Блискиот Исток кон европскиот континент.

Кој ќе биде победник на референдумот?

Анкетите од почетокот на март, кога започна периодот на гласање по писмен пат, покажуваат дека голем број гласачи сѐ уште се неодлучни.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми