1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ситуацијата со станови во Германија е драматична

Хелена Кашел
22 јули 2017

Живот под кирија во големите германски градови станува луксуз. Релаксирање на ситуацијата не е на повидок. Последиците се загрижувачки.

Wohnungsmarkt in Berlin
Фотографија: picture-alliance/R. Schlesinger

За 30 евра во Германија човек може да купи букет од средна големина, прехранбени производи за неколку дена, компјутерска игра (или неколку), книга во цврст повез (или дури две). Околу 30 евра мора да се плати во Минхен 2016-та и за метар квадратен нов стан под кирија - на најдобра локација и најдобро опремен, велат податоците од „Финансиски тест“. Списанието се повикува на податоци од институтот vdp Research, финансиран од банките.

Ништо подобра не е ситуацијата ни со постоечките кирии: според F+B-индексот за кирии, кој ги споредува сите службени податоци за висината на станарините во Германија, просечната кирија во Минхен изнесувала 11,18 евра за метар квадратен, односно 71% повисока од сојузниот просек. Сè потешко се наоѓа поволен простор за живеење и во Хамбург, Берлин, Штутгарт, Диселдорф или Франкфурт. На сојузно ниво кириите во 2016-та се покачени за 1,8% - и покрај тоа што пред две години беа воведени мерки кои требаше да придонесат за стабилизирање на цените.

Потребни се уште еден милион станови

Цените се зголемени и кога станува збор за купување стан. Причина за тоа е и зголемената побарувачка, која предизвикува недостиг од станови, особено во центарот на атрактивните метрополи. Науката оваа појава ја нарекува реурбанизација. „Повеќе од половина генерација се запишува на студии и тие одат во градовите. Јасно е дека градовите ги привлекуваат младите луѓе", вели Сузане Хег, професор за географско истражување на градовите при Гете-институтот во Франкфурт на Мајна. Тој што може тоа да си го дозволи, по дипломирањето останува во градот.

До 2020-та, според Сојузниот институт за градба, урбано и просторно планирање, годишно би требало да се градат околу 272 илјади станови за да ја покријат побарувачката на сојузно ниво. Според информации на Германското здружение на кираџии, во Германија постои акутна потреба од еден милион станови. 2016-та биле изградени само 53 илјади станови, годината пред тоа уште помалку. Покрај тоа, во изминатите десет години, според информации од интердисциплинарниот институт Пестел од Хамбург, од пазарот снемало и околу 100 илјади т.н. социјални станови.

Просечна кирија за метар квадратен во големите германски градови во 2016 година

„Едноставна пазарна логика

Последново е поврзано и со промената во начинот на менаџирање на становите: многу поранешни јавни станови сега се во рацете на концерни. Најголемиот концерн во Германија за станови, Воновија, менаџира 300 илјади станови. Една од нивните цели е „преку постојани покачувања на кириите да остварат добивка, која потоа се распределува на акционерите. За нив станот воопшто не е релевантен, туку само добивката“, вели Сузане Хег.

Сузане ХегФотографија: Uwe Dettmar

Покрај тоа, многу новоизградени станови во центарот на градовите се преминати во сопственост. Луѓето честопати на тој начин се обезбедуваат со приходи за старост. „Очигледно човек може повеќе да заработи со изградбата на станови за продажба, а не за издавање и тоа е проста пазарна логика“, вели директорот на Германското здружение на кираџии, Лукас Зибенкнотен. „Истовремено, цели градежни проекти одат во разни фондови за недвижнини и слично, кои ги основаат осигурителни друштва или банки", вели Хег. И тие функционираат слично како Воновија: „Ако имам удели во Фонд за недвижнини, секако очекувам по една година да ми испорача и некаков приход.“

Втора Франција?

Недостигот од станови најмногу ги погаѓа луѓето со помали приходи. „Само секое петто финансиски слабо домаќинство во моментов воопшто има шанса да добие социјален изнајмен стан“, стои на интернет страницата на институтот Пестел. Германското здружение на кираџии предупредува од „социјално гетоизирање“, доколку посиромашни луѓе бидат по сила на околностите истерани од одредени градски јадра.

Постои загриженост „дека во Германија ќе настане ситуација слична на онаа во големите француски градови, каде посиромашните граѓани живеат во предградија“, вели Сузане Хег. Во Франкфурт уште сега само припадници на одредена група граѓани кои може да си дозволат да живеат во станови во старото јадро на градот, додека останатите се изолирани на периферијата. „Колку и да звучи смешно, уште сега има дискусии за тепачки и немири кога младата популација, незадоволна од ситуацијата во која живее, на своето незадоволство ќе му даде насилна форма“, вели Хег.

Лукас ЗибенкнотенФотографија: DMB/M. Wächter

Освен тоа, може да се случи луѓето заради растечките кирии „помалку да излегуваат, помалку да одат на одмор, повеќе се ограничуваат“, како што вели Хег. „Но, тоа не можеме ние да го видиме. Кој се појавува во центарот на градот или пак на концерти? Тоа се тие кои можат да си дозволат, останатите остануваат дома. Тоа е драматичното, но драмата е невидлива.“

Не е топ тема во предизборната кампања

Проблемот со простор за живеење ја стигна и средната класа. „Скоро секој кираџија кој доаѓа кај нас на советување и сака заедно да разгледаме некаков правен проблем, се жали на оваа тема“, вели Лукас Зибенкнотен. Се чини дека и политиката тоа го препознава. Сојузната министерка за градежништво Барбара Хендрикс (Социјалдемократска партија на Германија) во понеделникот (17.07) изјави дека со основањето на „Сојузот за поволно живеење и градење“ во 2014-та и со офанзивата за изградба на станови поддржана од сојузната влада „една од најважните теми во земјата повторно е ставена на сојузната агенда“. Државата, според неа, со дополнителни 1,5 милијарди евра тројно ги зголемила средствата за изградбата на социјални станови.

Темата сепак не доби поголемо внимание во предизборната кампања. Унијата и социјалдемократите сакаат да ја поддржуваат изградбата на станови, а многу предлози за подобрување на ситуацијата има и од страна на опозицијата, но во самите изборни програми се потскриени. Зибенкнотен не разбира зошто е тоа така: „Сосема е спротивно на расположението меѓу народот.“

Здружението на кираџии бара да се градат најмалку 200 илјади станови годишноФотографија: DW/V. Esipov

„Трендот некогаш ќе мора да се смени

За ситуацијата да се подобри Германското здружение на кираџии бара изградба на најмалку 200 илјади станови годишно, од кои 80 илјади - социјални станови. Инвеститорите, според нив, треба да добиваат даночни олеснувања или да бидат примамени со помош, но за возврат и кириите треба да останат на стабилно ниво.

Неверојатно е дека ваквата ситуација ќе се реши сама од себе. Зибенкнотен вели дека на пазарот полека се забележува релаксација во сегментот на највисоките кирии. „Тоа не им помага на широките народни маси. На обичниот пазар не гледам такви знаци. Мислам дека е потребна исклучителна воздржаност за такви прогнози.“ И Сузане Хег дели слично мислење: „Долгорочно цените мора да паднат, затоа што со оглед на актуелните примања постојат граници до каде може да се оди. Некогаш мора да дојде до промена на трендот, само не можам да кажам кога.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми