1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сичко с‘што

14 јули 2021

Шансата за пробив е да ја преместиме играта, или барем дел од неа, на геополитички план, вклучувајќи ги тука интересите на НАТО. Тоа ќе овозможи во играта да се вклучи нов, поефикасен играч - САД. Пишува Петар Арсовски

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Додека се отплеткува гордиевиот јазол на проблемот помеѓу Македонија и Бугарија, неколку процеси се одвиваат паралелено, кои се поттикнати од, или последица на, овој тлеечки проблем. Резултатите од изборите во Бугарија ги комплицираат работите, не само на ниво на политички комбинаторики, но и во смисла на национален политички наратив во Бугарија, особено кон прашањето со Македонија. Како што се развлекува политичката разврска во Софија, така, се плашам, процесите кои следуваат ќе го направат решавањето на проблемот и потешко и поскапо.

Најнапред, резултатите од изборите во Бугарија ги потврдија постоечките трендови. Таканаречените протестни партии (оние кои не се врзани со тековните политички елити) добија уште повеќе гласови, а „старите“ партии уште помалку. Сепак, тој тренд не е доволен за да се направи чисто нова влада, составена само од протестни гласови, особено што динамиката на односи помеѓу тие партии уште повеќе се комплицира. Предлогот на Трифонов, иако е составен од квалитетни кадри, беше дочекан со инстант одбивање, можеби и само како политички потег, поради начинот на објавување. Во кругот на новите, протестни партии, сега борбата ќе се сведе на тоа кој е понезависен и помалку подготвен на компромиси, што ќе резултира со уште поостра реторика помеѓу нив. Ова, се разбира најмногу му одговара на Радев, кој има сопствен рејтинг, очекува избори наесен, и најмногу би сакал до тие избори да функционира техничка, „негова“ влада. Борисов, според резултатите, сеуште не е за „отпишување“, и не би бил изненаден од некаков посериозен политички потег од ГЕРБ, во насока на ново политичко ребрендирање, па дури и дотаму Борисов да даде безусловна поддршка на партијата на Трифонов (што навистина би ги измешало картите).

-претходни колумни од авторот:  Старото и новото

Во меѓувреме, додека партиите во Бугарија се борат за пол позиција, наративот кон Македонија, за жал, полека но сигурно, се претвора од политички каприц во мејнстрим политичка доктрина, што за нас секако се лоши вести. Внатрешните проблеми, но и етаблирањето на оваа политичка доктрина, ќе направи прозорецот за можно решение да се смалува, и во временска и во содржинска смисла. Така, се плашам, ако по ова прашање не се направи пробив пред претседателските избори, понатаму шансите експоненцијално ќе се намалат, за период од најмалку една година.

Кои се последиците доколку овој проблем се развлече на среден рок? Прво, позицијата на власта кај нас ќе биде под притисок за поагресивен став кон Бугарија. Ова е последица на разочарувањето на електоратот, но и на зајакнување на евроскептичните центри дома. Проевропските политичари ќе немаат ни бенефит, но ни волја за упорна инвестиција во позитивен наратив, кога тој очигледно не вродува со плод. Оттаму, доколку нема пробив до есен, треба да очекуваме заострување на таа позиција.

-претходни колумни од авторот: Шампањско

Второ, ќе се појави агресивен тон кон ЕУ, едно етаблирање на наративот дека „сме предадени“. Овој тон - иако во основа е правилен за одредени земји членки, а не кон ЕУ како институција - нема да се смени, напротив. Ако оваа блокада продолжи, мислам дека естаблишментот, а и општо, политичките елити, ќе останат, или ќе го засилат, анимозитетот кон ЕУ, што само ќе ја поткрепи политичката декаденција дома, зашто нема да има мотив за прифаќање на европските забелешки.

Трето, ќе се засилат сите процеси кои изгледаат како алтернатива на европскиот пат, кој ќе биде доживеан како ќорсокак. Треба да се очекува засилување на изблиците за алтернативно партнерство (во основа тоа е истиот симптом, но некои ќе го врзуваат со САД, а некои со Далечниот Исток). Од сите тие процеси, најсилен ќе биде притисокот за засилување на мини-шенген иницијативата, односно стратешкото партнерство со Србија и Албанија. Ова е поттикнато од фактот што трите земји делат една приказна на разочарување кон процесот на проширување, која ги зближува, а кај нас, тоа е поткрепено со здрава доза на југоносталгија, особено кон Србија.

На крајот, тлеењето на оваа криза, без изгледи за брз напредок, ќе произведе и дополнителен притисок за одвојување на Македонија и Албанија. Ако земјите членки увидат дека нема изгледи за брзо придвижување на почетокот на преговори со Македонија, стратегијата ќе се премести на спасување на процесот на проширување, за што единствена опција ќе биде барем Албанија да ја почне првата меѓувладина конференција. Ваквиот развој на настаните, по дефиниција ќе ги зголеми внатрешните етнички тензии во Македонија, зошто повторно ќе произведе јаз помеѓу визијата за иднината на Албанците и Македонците во земјата.

-претходни колумни од авторот: Завршница

Се на се, релативно песимистички процеси. Суштинското прашање е, дали постои можност да се избегнат овие сценарија? Мислам дека постои, но за тоа ќе биде потребно суштинско менување на геополитичката равенка низ која се одвива овој процес. Досега, ние ова прашање го третираме како без малку ексклузивен проблем на ЕУ, што не фиксира на исти играчи на ист терен. Без оглед на тоа колку пати ќе се повторува тој „меч“, шансите за различен резултат со овие два фиксни параметри ќе бидат минимални. ЕУ ќе остане заглавена во својата импотентност, неопходноста за консензус, приоретизирање на интересите на членките пред принципите и вредностите ... сето лоши вести за нас. Шансата за пробив е да ја преместиме играта, или барем дел од неа, на геополитички план, вклучувајќи ги тука интересите на НАТО. За ова, имајќи предвид дека половина од Бугарското министерство за одбрана било инфилтрирано од надворешни соработници, секако има причина, а тоа ќе овозможи во играта да се вклучи нов, поефикасен играч, во улога на најважната членка на ЕУ – се разбира, САД.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми