Си оди владиката Василије Качавенда
13 ноември 2012Љубомир Качавенда е роден во 1938 година во Сараево, како вонбрачно дете. За време на војната во БиХ, но и подоцна, бил духовна потпора на Радован Караџиќ и Ратко Младиќ. Како зворничко-тузлански епископ со седиште во Бјелина, тој е единствен владика на Српската православна црква кој не се врати на предвоеното седиште на својата епархија во Тузла.
Светиот Синод на СПЦ овие денови ја прифати неговата оставка, оградувајќи се од медиумските претпоставки и конструкции. Како што соопшти портпаролот на СПЦ, епископот Иринеј, владиката Василиј е замолен да раководи со животот на Епархијата до мај 2013 и редовното заседавање на Светиот архиерејски синод на СПЦ, во чија надлежност е разрешувањето на владиката. Замолен е и да ги заврши започнатите градежни проекти.
Би бил среќен да не го знам она што го знам
Генералниот секретар на детската амбасада Меѓаши, адвокатот Душко Томиќ, ги застапува оние на кои владиката Василиј им згрешил. Вели дека владиката си оди под притисок, а не од здравствени причини. Тврди дека Светиот Синод, од угледни духовници во Српската православна црква добил информации за аферите и злоупотребите на овој владика.
„Би бил среќен да не го знам она што го знам, бидејќи ова ми ги стега телото и душата. Кога ќе си отиде Василије Качавенда дури тогаш ќе испливаат страшните работи. Страшните работи кои тој им ги направил на своите потчинети“, вели Томиќ за Дојче Веле. Се потсетува на поранешниот ѓакон Бојан Јовановиќ, кој во 2011за медиумите проговорил за сексуалните склоности на владиката Василиј.
За Томиќ најтежок случај е оној на ѓаконот Милича Блажановиќ, кој на 19 години настрада во манастирот Папрач кај Шековица во 1999 година. Наводното самоубиство на младиот ѓакон го привлече вниманието на јавноста, но се бргу се заташкало. Случајот беше повторно отворен откако фамилијата го ангажирала адвокатот Душко Томиќ кој тврди:
„Момчето, кое со цело срце ја сакаше црквата и Бог, отиде на небото ниту виновен ниту должен, туку само заради тоа што не сакаше своето тело да му го даде на својот претпоставен, владиката Василиј Качавенда. Ги собравме сите искази на сведоците, ѓаконите, дедото, бабата, мајката. Неодамна мајката и јавно сведочеше во средствата за информирање и Василиј Качавенда по ова не може да биде ништо, а камоли владика“
„Си оди симболот на злото и моќта“
Јусуф Трбиќ, новинар, книжевник и претседател на Бошњачката заедница на културата „Препород“ Бјелина, вели дека заминувањето на владиката Качавенда е добра вест за сите луѓе од овие простори, вклучувајќи ја и Српската православна црква. Потсетува дека владиката изградил манастир на местото каде имало единаесет бошњачки куќи во центарот на Бјелина и црква на темелите на една џамија во Дивич.
„За нас Бошњаците, владиката Качавенда е симбол на едно време, симбол на злото и моќта. Се’ што се случуваше во военото време на овие простори е поврзано со неговото име. Мислам дека е добро што владиката си оди. Ќе се намали и притисокот на овдешниот народ, бидејќи тој немаше мерки ни во своите барања ни во својата ароганција. Тој не се срамеше да ги проколне сите оние кои не дошле на една прослава на Бадниковата вечер на плоштадот во Бјелина и можеби неговото заминување е почеток на разидување со оние времиња кои ги паметиме по зло“, вели Трбиќ и додава дека владиката, ако е точно она што медиумите го јавуваат, ќе мора да одговара пред судовите за она што го правел.
„Како е можно таков човек да не одговара пред законот? Нека се спроведе судска постапка, па доколку е невин, нека биде ослободен. За нас обичните граѓани тоа е несфатливо“.
Престанок на уривањето на угледот на СПЦ
Аналитичарите сметаат дека Синодот и српскиот патријарх Иринеј се одлучни да го „сопрат уривањето на угледот на СПЦ“, па затоа слична судбина ги чека уште неколку владици. Адвокатот Душко Томиќ вели дека целиот свет ги расчистува односите во големи религиски заедници, и затоа е горд што вистината излегува на виделина.
„А каде ќе биде Василиј Качавенда? Ќе биде некаде изолиран, најверојатно, но нема да има мир бидејќи сум уверен дека судството ќе мора да каже нешто во врска со тој човек. Ме прашуваат дали се плашам? Да, но нека остане така. Вистината бара да се жртвуваме, а ова е голема вистина“.