1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Религија

Скандалите во католичката црква

Џенифер Вагнер
20 февруари 2019

Во четврток во Рим почнува самитот посветен на злоставувањето, кој го свика папата Франциско. Сексуалното злоставување деца од страна на свештеници ја тресе од темел католичката црква. Кои се актуелните скандали?

Missbrauch in der katholischen Kirche
Фотографија: picture-alliance/dpa/H. Tittel

Досега немало самит во ваква форма. Папата Франциско ги покани шефовите на бискупските конференции од цел свет за да разговараат за сексуалното злоставување во рамките на католичката црква. „Конечно!“; „Предоцна!“ - досегашните реакции на најавената средба се недвосмислени. Исто така јасно е дека има многу штоф за разговор. Последен пример на сексуално злоставување е случајот со калуѓерките. Папата Франциско веќе призна дека нападите ги вршеле духовни лица. Но, овој проблем не е и единствениот проблем на папата Франциско. Еве преглед на актуелните скандали:

САД

Папата Франциско го отпушти кардиналот Теодор МекКерик во јули 2018 година. Сега и Конгрегацијата за веронаука го прогласи за виновен свештеникот кој некогаш беше ѕвезда. Заштитниците на католичката веронаука, кои се занимаваат и со кривични дела против верата и се надлежни за обработка на случаите на злоставување, го обвинуваат 88-годишниот МекКерик за сексуално непристојно однесување со малолетници и возрасни поврзано со злоупотреба на положбата. Освен тоа, МекКерик ја злоупотребувал исповедта со тоа што заведувал лица кои сакале да се исповедаат за недозволени сексуални дејства. Папата Франциско го отпушти кардиналот од свештеничкиот ред неколку дена пред одржувањето на самитот посветен на злоставувањето во Ватикан. Тоа е највисока казна која ја предвидува црковното право.

88-годишниот МекКерик, кој од 1970 до 1990 година ги наведувал на секс кандидатите за свештеници и злоставил најмалку двајца малолетници, е само еден од стотиците духовни лица кои се соочуваат со обвинувања. Експертите проценуваат дека бројот на жртви во САД изнесува повеќе од 100.000 лица. Само во сојузната држава Пенсилванија деца злоставувале повеќе од 300 свештеници. Тие во изминатите 70 години сексуално злоставиле илјадници малолетници.

Теодор МекКерик веќе нема црковна функцијаФотографија: picture alliance/dpa/Pool South Bend Tribune/R. Franklin

Чиле

Рикардо Ецати е обвинет за прикривање на злоставувањаФотографија: picture-alliance/AP Photo/L. Hildago

Правосудството во Чиле околу една година се занимава со скандал на злоставување. Истрага се води за 148 случаи, јавуваат чилеанските медиуми повикувајќи се на Обвинителството. Според нив, станува збор за повеќе од 250 жртви. Во скандалот, во кој има вмешано луѓе од црквата од различни рангови, има и бискупи. На надбискупот од Сантјаго де Чиле, Рикардо Ецати, му се префрла дека знаел за одредени случаи, но се обидел да ги прикрие. 77-годишниот надбискуп ги отфрла обвинувањата на жртвите, а поднесе дури и барање за запирање на постапката. Правосудните органи на Чиле тоа го одбија минатиот месец. Според судиите, истрагата сѐ уште не е завршена.

Германија

Обработката на скандалот на злоставување во католичката црква во Германија почна со откритијата на језуитскиот свештеник Клаус Мертес, кој во 2010 година го обелодени злоставувањето во берлинската католичка гимназија Канисиус, кое траело со децении. Дебатата доведе до тоа да се јават уште жртви на злоставување од цела Германија. Во студијата на Германската бискупска конференција, објавена во септември 2018 година, се проценува дека во периодот од 1946 до 2014 година најмалку 1.670 клерици злоставиле повеќе од 3.600 малолетници.

Злоставувањето во језуитската гимназија Канисиус траело со деценииФотографија: picture alliance/AP

Неодамна судот во Дегендорф осуди поранешен свештеник на 8,5 години затвор. Судот беше уверен дека обвинетиот од средината на 1990-те извршил над 100 тешки сексуални злосторства врз пет момчиња. Освен тоа, во обвинението се зборува и за намерни телесни повреди, фалсификати на свидетелства и поседување порнографски материјал со млади лица. 54-годишниот свештеник веќе бил во затвор поради сексуални злосторства во периодот од 2003 до 2009 година. Подоцна, како „отец Томас“ повторно успеал да ја придобие довербата на децата во црковната заедница Оцинг, во округот Дегендорф. Инаку, „отец Томас“ во 2008 година веќе бил отпуштен од свештенство со пресуда на црковен суд во Фрајбург во 2008 година.

Повеќе: 

Папа: Повеќе нема да има прикривање на сексуалното злоставување

Апостоли без морал

Ирска

Свештеници и калуѓерки со децении мачеле и злоставувале деца и жени и во Ирска. Повеќе бискупи дадоа оставки во земјата која е во најголем дел католичка. Уште во 1990-те се појавија првите извештаи за скандали со злоставување. Првиот извештај во 2005 година покажа дека имало повеќе од 100 случаи на злоставување деца. Во 2009 година една државна комисија го објави првиот опширен извештај, т.н. „Извештај Рајан“. Комисијата утврди дека во црковни институции деца живееле како затвореници и робови. Папата Франциско уште еднаш ги замоли жртвите за прошка во текот на својата посета на Ирска минатата година.

Папата Франциско побара прошка во Ирска (26.08.2018)Фотографија: picture-alliance/dpa/AP Photo/M. Dunham

Франција

Надбискупот Филип Барбарин со уште шестмина други свештеници е пред суд во Лион. Тие се обвинети дека во 1970-те не пријавиле сексуални напади. Пресудата се очекува на почетокот на март, но обвинителството уште во јануари се изјасни против осуда на 68-годишниот кардинал. „Еден дел од делата се застарени, а за оние кои не се застарени не може да се утврди вина“, изјави една обвинителка. Застарување на случаите е проблем во многу земји кои се зафатени со расчистување на скандали на злоставување во католичката црква. Затоа жртвите често можат да се надеваат само на осуда од страна на црковен суд.

Против Филип Барбарин се води судски процес во ЛионФотографија: picture-alliance/NurPhoto/N. Liponne

Австралија

Експертите проценуваат дека во Австралија има околу 60.000 жртво на сексуално злоставување од страна на луѓе од католичката црква. Напади имало како во црковни институции, така и во училишта или спортски клубови. Меѓутоа, информации или извештаи за процеси против свештеници во Австралија речиси и нема. Причина: во Австралија има блокада на информации за медиумите во врска со тоа. Таа блокада би требало да ја заштити поротата од влијанија од стран на амедиумите. Новинарите кои информираат и покрај блокадата можат во најлош случај да се соочат со кривично гонење.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми