1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скандалот околу Штрахе ја тресе австриската влада

ЕМФ / дв
18 мај 2019

Владината криза во Австрија се заострува. Шефот на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе мора да си замине од вицеканцеларската позиција. Ќе се распадне ли и коалицијата?

Österreich Wien Vizekanzler Heinz-Christian Strache
Фотографија: Reuters/L. Foeger

Австрискиот канцелар Себастијан Курц од Австриската народна партија исклучува натамошна соработка со вицеканцеларот и шеф на Слободарската партија, Хајнц-Кристијан Штрахе, јавува ДПА. Поради тоа, логична последица е исфрлање на Штрахе од владата или негова оставка.

Штрахе претпладнево има термин во кабинетот на канцеларот Курц. Потоа се очекува прес-конференција. Турбуленциите во владата доаѓаат по објавувањето на видео-снимка на која се слушаат ветувања на Штрахе дадени на наводен руски олигарх за тендери, доколку тој за возврат му пружи помош во кампањата.

Видео-снимката, која е направена тајно на Ибица во 2017 година, ја објавија „Шпигел“ и „Зиддојче цајтунг“Фотографија: picture-alliance/APA/Süddeutsche Zeitung

Прашањето сега е дали Курц ќе ја продолжи коалицијата со наследник на Штрахе или ќе се оди на нови избори. Како можен насlедник на Шtрахе важи поранешниот кандидат на Слободарската партија за претседател на Австрија, Норберт Хофер. Тој во владата сега е министер за сообраќај.

Видео-снимката, која е направена тајно на Ибица во 2017 година, ја објавија „Шпигел“ и „Зиддојче цајтунг“. На снимката денешниот виценакцелар Штрахе и неговиот сопартиец Јохан Гуденус се во разговор со наводен руски олигарх. Притоа се разговара и за идејата жената да го купи најтиражниот австриски весник „Кронен цајтунг“, да ја поддржува публицистички Слободарската партија (ФПО), а за возврат да добие тендери штом партијата ќе стане дел од власта. За таа цел, како што се слуша на снимката, таа би требало да отвори градежна фирма. Жената се претставува како внука на руски олигарх и вели дека сака да инвестира 250 милиони евра во Австрија, притоа повеќепати нагласувајќи дека може да се работи и за црни пари, објави „Шпигел“. И покрај тоа, Штрахе и Гуденус не ја напуштиле средбата и разговарале и натаму за можностите за инвестирање во Австрија.

Скриншот од видео-снимката, на кој е прикажан вицеканцеларот Штрахе (д.) во разговор со жената која е наводно руски олигарх (не е на сликата) и сегашниот шеф на пратеничката група на ФПО, Гуденус (л.) кој го преведува на руски она што го зборува ШтрахеФотографија: picture-alliance/dpa/Spiegel/Süddeutsche Zeitung

Штрахе реагираше веднаш на објавувањето на снимката и во писменото објаснување наведува дека се работи за „чисто приватна средба“ која се одвивала во „пријателска и лежерна одморска атмосфера“ и дека во тој разговор за сите теми било повеќепати укажано на законските одредби и на неопходноста од придружување до правниот поредок.

ФПО најави правни чекори поради, како што се вели, фактот дека видео-снимката „многу очигледно е снимена илегално“.

Видеото е направено неколку месеци пред изборите во 2017 година. Тогаш Австриската народна партија под раководство на Курц и’ стави крај на коалицијата со Социјалдемократската партија. На изборите ФПО доби 26 проценти од гласовите. Од декември 2017 година партијата на Курц и ФПО владеат во коалиција.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми