Тројца поранешни германски фудбалски функционери и еден швајцарски се обвинети за сомнителни исплати поврзани со организацијата на Светското првенство во фудбал во 2006 година, соопшти швајцарското обвинителство
Реклама
Според обвинителниот акт, поранешните претседатели на Германската фудбалска федерација (ДФБ) Тео Цванцигер и Волфганг Нирсбах, високиот функционер Хорст Шмит и швајцарскиот функционер на ФИФА Урс Линси пред бордот на ДФБ лажно ја претставиле вистинската намена на исплатата на 6,7 милиони евра.
Четворицата отфрлаат одговорност.
Постапката против легендата на германскиот фудбал Франц Бекенбауер, кој е исто така под истрага во случајот, ќе продолжи одделно поради неговите здравствени проблеми кои го оневозможуваат испрашување, соопшти швајцарското обвинителство.
Токму Бекенбауер беше на чело на организацискиот комитет на Светското првенство во 2006 година.
Шмит, Цванцигер и Линси се обвинети за измама, а Нирсбах за соучесништво во измама. Швајцарското обвинителство соопшти дека истрагата во истиот случај за перење пари е прекината.
„Истрагата откри дека во летото 2002 година, Франц Бекенбауер прифатил позајмица од 10 милиони швајцарски франци на негово име и на негова сметка од Роберт Луис-Драјфус. Оваа сума била искористена за финансирање на различни плаќања преку швајцарска фирма на сметката на катарска компанија која ја поседувал Мохамед Бин Хаман“, се наведува во обвинението.
Во тоа време, Бин Хамам беше член на Извршниот комитет на ФИФА и на нејзиниот Финансиски комитет.
„Точната цел на исплатата на 10 милиони швајцарски франци на Мохамед Бин Хамам не можеше да биде утврдена- меѓудругото и затоа што барањето за меѓусебна правна помош до катарските власти од септември 2016 година остана неодговорено до денес“.
Споменатата исплата беше причина за неколку истраги и доведе до оставка на Нирсбах поради сомнежите дека со парите се купувале гласови за добивање на организацијата на Светското првенство во 2006. Цванцигер беше на чело на ДФБ од 2006 до 2012, а Нирсбах го наследи се до избувнувањето на скандалот во 2015.
Илустрирана историја на светските фудбалски првенства
Од германското „Чудо од Берн“, преку „Божјата рака“ на Марадона, до Зидановиот „Удар со глава 2006“. Историјата на светските фудбалски првенства е полна со незаборавни моменти. Вака ги гледа карикатуристот Херман Аксел.
Фотографија: Aczel / Edel Books
„Монтевидео, бог те видео!“
Првото Светско фудбалско првенство е одржано во Уругвај во 1930. Повеќето учесници беа од северна, централна и јужна Америка, а од Европа стигнаа само четири екипи, меѓу кои и југословенската. Во финалето домаќинот го победи вечниот ривал - Аргентина. Резултатот 4:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Чудото во Берн
Првото СП по Втората светска војна беше одржано во 1954 година, во Швајцарија. Најсилна екипа беше репрезентацијата на Унгарија. Во првото коло „унгарската лесна коњица“ ја совлада Германија со 8:3. Но, Германците им се оддолжија во финалето (3:2) и првпат станаа светски рпваци. Фриц Валтер (лево) и легендарниот тренер Сеп Хербергер на рамената на навивачите.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Само еднаш
Англија - „мајката на фудбалот“ - само еднаш во историјата на светските фудбалски првенства беше првак и тоа на домашен терен во 1966 година. Во финалето ја совлада Германија со резултат 4:2. И денес е спорен голот кој Англија го постигна во 101. минута. Боби Мур (на сликата со пехар в раце) и неговите соиграчи на Англија ѝ ја донесоа првата и засега единствена титула првак на светот.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бразилска самба
Бразил во 1970 година по третпат стана светски првак. Кралот на фудбалот - Пеле (на сликата) и неговите соиграчи беа магионичари на теренот во Мексико. Во финалето ја совладаа Италија со резултат 4:1. На шест натпревари на СП, Пеле постигна 19 голови. Првпат таа година сите натпревари се пренесувани на телевизија во боја.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Бомбардер на нацијата
На СП кое во 1974 година првпат е одржано во Германија, имаше неколку премиери: „Кајзер Франц“ Бекенбауер против „кралот на тоталниот фудбал“ Кројф, Запад против Исток, нов пехар. Во финалето домаќинот играше против Кројфовата Холандија и Германија славеше со резултат 2:1. Победничкиот гол го постигна „бомбардерот на нацијата“ Герд Милер (во средина).
Фотографија: Aczel/Edel Books
Божја рака
Светското првенство во 1986. во Мексико ќе остане запаметено како шоу на аргентинската фудбалска ѕвезда Диего Марадона. Благодарение на неговата генијалност и лукавство, Аргентина по вторпат стана првак на светот. Самиот Марадона постигна убав, но според гол. На средбата против Англија, со помош на раката ја уфрли топката во голот. Марадона подоцна изјави дека тоа била „Божја рака“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Плукање
Во 1990. Германија во Италија ја прослави третата титула светски првак. „Панцерите“ (во превод - тенкови) во финалето ја победија Аргентина со 1:0. Првенството ќе остане запаметено по неспортското однесување на Холанѓанецот Франк Рајнкард (десно) кој го плукна Руди фелер во осминафиналето. Двајцата беа исклучени од игра. Германија победи со 2:1 и се реваншираше за поразот на ЕП од 1988 година.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Зидановиот удар со глава
Во 2006 година повторно славеше Германија, која по изведувањето пенали како домаќин во финалето ја совлада Франција. Неславен момент на првенството беше кога капитенот на француската репрезентација Зидан со глава го удри Италијанецот Матераци. Исклучен е од натпреварот и тоа означи крај на неговата успешна фудбалска кариера.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Конечно титула
На СП во Јужноафриканската Република доминираше Шпанија со својата „тика-така“ игра. Шпанците во финалето ја совладаа Холандија со резултат 1:0. Победничкиот гол го постигна Андреас Ињеста (број 6 на сликата). Германија во борбата за трето место го совлада Уругвај со резултат 3:2.
Фотографија: Aczel/Edel Books
Крал на дриблинзите
На СП во 2014 годинина Аргентина ја предводеше Лионел Меси. Неговите мајсторски дриблинзи ја доведоа Аргентина до финалето, каде што ја чекаше Германија, која претходно го совлада домаќинот Бразил со 7:1.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Екипа со четири титули
Финалната средба на СП во 2014 година се одигра пред 75.000 гледачи на стадионот Маракана во Рио де Жанеиро. Германија ја победи Аргентина со резултат 1:0 и така стана прва европска репрезентација која освоила титула на американскиот континент. На сликата се играчите на германската репрезентација кои настапија во финалето.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Низ светските првенства - со стрип
Издавачката куќа „Едел Букс“ по повод СП во Русија во продажба пушти илустрирана историја на светските фудбалски првенства под наслов „World Cup 1930-2018“. Незаборавните моменти од 84-годишната историја се претставени со многу хумор.
Фотографија: Aczel / Edel Books
Карикатуристот
Аргентинскиот уметник Херман Аксел (Germán Aczel) својата кариера ја почна во родниот Буенос Аирес, во кој, покрај останатото, работеше и за спортското списание „Ел Графико“. На 26-годишна возраст се досели во Германија и денес живее во Минхен. Во моментов работи за реномираниот англиски фудбалски магазин „FourFourTwo“.
Фотографија: Aczel/Edel Books
13 фотографии1 | 13
Истрагата на комисија на ДФБ во 2016 дојде до заклучок дека парите биле исплата за заем преку ФИФА од поранешниот шеф на Адидас, Луис-Драјфус.
Во октомври минатата година германски суд пресуди дека нема докази за осомничените фудбалски функционери да одговараат за даночна евазија.
Најдобрите германски репрезентативци на сите времиња
Во германската репрезентација отсекогаш имало извонредни фудбалери. Жири составено од спортски новинари ги одбра најдобрите 11-мина на сите времиња, кои во иднина ќе можат да се видат во „Куќата на славните“ во Дортмунд.
Фотографија: picture alliance/dpa/W. Baum
Сеп Мајер
Сеп Мајер, поради неговата агилност, беше нарекуван и „Мачката од Анцинг“. Голманот со своите 95 настапи е рекордер меѓу бранителите на мрежата во германската репрезентација и со неа стана европски шампион во 1972 година и светски шампион во 1974 година.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Паул Брајтнер
Дефанзивниот играч од средината на теренот Паул Брајтнер важеше за генијален стратег на теренот и за спорен револуционер надвор од него. Во 1974 година тој стана светски шампион со германската репрезентација, а две години претходно европски шампион.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Франц Бекенбауер
Најголемите успеси на Франц Бекенбауер се титулите светски шампион во 1974. како играч и во 1990. како селектрот на германската репрезентација. Тој важи за легенда на германскиот фудбал и со неговата леснотија и извонредна техника тој ја промени играта на либерото како никој друг играч во светот. Тој се разбира е „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/empics/N. Simpson
Андреас Бреме
Одбранбениот играч Андреас Бреме со еден шут испиша германска фудбалска историја. Тој, имено, во финалето на Мундијалот во 1990 година успешно го изведе пеналот за 1:0 и конечна победа против Аргентина. Бремедолги години беше бек од светска класа, еднакво добар со двете нозе - тогаш новитет во меѓународниот врвен фудбал.
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb
Фриц Валтер
Фриц Валтер припаѓа кон извонредните личности на германскиот фудбал. При освојувањето на светската титула во 1954, тој не само што беше капитен на репрезентацијата, туку и продолжена рака на теренот на тренерот Сеп Хербергер. Освен тоа, Валтер беше првиот играч во историјата прогласен за „почесен капитен“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Лотар Матеус
Тој беше исклучителниот играч на СП во Италија во 1990. Лотар Матеус беше доминантна фигура во германската репрезентација, која на крајот ја освои титулата. Тој е рекордер по бројот на настапи во репрезентацијата - 150 и по настапи како капитен - 75. Матеус играше на вкупно пет светски првенства и е еден од само шесте „почесни капитени“ на германската фудбалска репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Kleefeldt
Матијас Замер
Двигател, стратег, борец: Матијас Замер прво играше 23 пати за репрезентацијата на Германската Демократска Република, а по обединувањето и за репрезентацијата на Сојузна Република Германија. Во 51 натпревар тој постигна 8 голови. Негови најголеми успеси беа освојувањето на европското првенство во 1996. во Англија и второто место на ЕП 1992 во Шведска.
Фотографија: Bongarts/Getty Images/Lutz Bongarts
Гинтер Нецер
Тој се смета за естет и за прв хедонист на германскиот фудбал. И е еден најдобрите играчи од средниот ред на сите времиња. Нецер беше „десетка“ која со своите додавања знаеше да ги „послужи“ соиграчите. Во 1972 година со репрезентацијата стана европски првак, на СП во 1974 играше само на еден натпревар и не се чувствуваше како светски првак. Десет години беше член на германската репрезентација.
Фотографија: picture-alliance/dpa/I. Bajzat
Хелмут Ран
„Ран би морал да шутира, Ран шутира, гоооол“, врескаше во 1954 година репортерот Хеберт Зимерман пренесувајќи го на радио натпреварот од Берн. Десното крило Хелмут Ран го постигна решавачкиот гол за 3:2 против Унгарија во финалето на СП и ја одушеви целата нација. „Шефот“, како што го нарекуваа поради угледот и улогата на лидер на теренот, за репрезентацијата одигра 40 натпревари и постигна 21 гол
Фотографија: picture-alliance/dpa
Герд Милер
Герд Милер беше голгетер каков што ретко се гледа. Во 62 натпревари за репрезентацијата постигна 68 голови. Милер погодуваше особено кога беше најважно. Во финалето на СП 1974 го постигна одлучувачкиот гол за 2:1 против Холандија.Во 1972 година „бомбардерот на нацијата“ беше во репрезентацијата која го освои европското првенство. Милер едноставно погодуваше од секоја ситуација и во секоја можност.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P.Robinson
Уве Зелер
Уве Зелер е единствениот „почесен капитен“ на репрезентацијата кој никогаш не станал светски првак. Своевремено Зелер се сметаше за еден од најдобрите напаѓачи во светот и беше вистински џентлмен. Како капитен на репрезентација на Мундијалот во 1966 година го освои второто место, а на СП во 1970. - третото. Зелер во 72 натпревари за репрезентацијата постигна 43 гола.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K. Schnoerrer
Сеп Хербергер
Селекторот Сеп Хербергер важи за мозокот на „Чудото од Берн“, кога Германија во 1954 стана светски првак победувајќи го во финалето неприкосновениот фаворит - Унгарија. Хербергер на играчите им беше како втор татко и секогаш се трудеше со нив да воспостави добри човечки односи. Од 1936 до 1942 и од 1950 до 1964 година беше селектор на германската фудбалска репрезентација.