1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Здравствениот систем пред „клиничка смрт“!

Костадин Делимитов9 ноември 2015

Вооружениот инцидент во Клиничкиот центар во Скопје ја прелева чашата. Им зовре и на лекарите, бараат оставки и одговорност за состојбите. Експертите предупредуваат дека се плаќа цехот на погрешните реформи.

Фотографија: DW/S. Toevski

Последниот инцидент во скопскиот Клинички центар каде беше пукано во хирург од страна на револтирани роднини на починат пациент го вклучи алармот за состојбите во македонското здравство. Инцидентот, кој за среќа заврши без смртни последици е уште еден сериозен индикатор за хаосот кој полека но сигурно го окупира целокупниот здравствен систем, велат упатените кои предупредуваат дека состојбите кулминираат и може дополнително да ескалираат. Апелираат на сериозен и длабок системски рез бидејќи цехот го плаќаат сите, и пациентите и лекарите:

„Ова што се случува е кулминација, еден вид катарза на цела оваа агонија во која се и државата и здравството во последниве години. Ова е директна последица на антиреформите, или таканаречените реформи кои ги доведоа пациентите, лекарите, сите граѓани и здравствени осигуреници во оваа ситуација. Ако остане овој курс на лудило во здравството верувам дека за жал ова нема да биде и последен случај. Ова е нешто за што предупредувавме уште во периодот на штрајкот и еве го, се случува, не само сега туку во последниот период. Непотребните смртни случаи и работи кои не смее да се случуваат во здравство во 21 век тоа е се последица на овие антиреформи и мислам дека не само министерот за здравство туку и негвоите претпоставени треба да понесат не само морална, туку и кривична одговорност“, предупредува др. Дејан Ставриќ, поранешен синдикален лидер на лекарите од Клиничкиот центар во Скопје.

Јавноста веќе подолг период е сведок на повеќе инциденти и немили настани во здравството, дел од нив за жал и со трагичен епилог. Жртвите се пациенти но и лекари. Дел од експертите веќе предупредија дека проблемите ќе се повторуваат ако итно не се спроведат длабински, а не само козметички реформи. Реагираат дека покрај индивидуалната одговорност постојат и системски пропусти кои овозможуваат да се појавуваат проблеми:

„Луѓето се ставени во една неповолна ситуација и лекарите и пациентите. Одговорен за тоа е посредникот помеѓу нив, министерството за здравство кој ги регулира односите помеѓу оние кои ги даваат здравствените услуги и оние кои ги користат односно сите ние. Овој случај ја покажува крајната незаштитеност, изложеност на лекарите на ваквите немили случки, како и на пациентите. Исто така паралелно со здравство одговорноста ја носат и институциите кои ги застапуваат лекарите и пациентите. Пред се Лекарската комора, која анемично молчи, но и синдикатите. Дали се тоа претставници на лекарите или соработници на министерството за здравство мислам дека луѓето сами можат да заклучат“

На одговорност денеска повикаа и дел од лекарите во Клиничкиот центар кои во знак на револт се собраа пред хируршките клиники. Бараат оставка од министерот Никола Тодоров и итни законски измени со кои се регулираа здравствената сфера. Ако не се реагира предупредија и на порадикални чекори. Од министерството за здравство го осудија инцидентот. Побараа надлежните целосно да го расветлат случајот и соодветно санкционирање согласно законот.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми