1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скендербег, НАТО и четвртата индустриска револуција

8 јули 2020

Изборните карти се мешаат, во игра се и математиките и тактиките. Етничкиот наратив е ставен на највисок пиедестал.

Nord-Mazedonien | Plakatwerbung der albanischen politischen Partei DUI
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Двосмислени пораки испраќаат партиите во одговорите со која партија би коалицирале во идната влада, во зависност од изборните резултати. Иако не го игнорираат фактот дека одлучувачка ќе биде „математиката“, сите се повикуваат на црвени линии под кои нема да отстапат под никаква цена. Кај партиите во албанскиот блок црвените линии се однесуваат на почитувањето на Охридскиот, Преспанскиот и Договорот со Бугарија, како и законот за јазиците. Владејачката ДУИ се обиде политичката цена да ја крене и со предлогот за „прв премиер Албанец“, што кај другите партии на Албанците наиде на оценка за евтин популизам.

Нема удобна позиција

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во тоа препознава обид на ДУИ да ги задржи гласачите што ги имала, односно да ја намали нивната загуба. Во интервју за МИА, Села ги опиша Ахмети и ДУИ како „факултативни и сезонски Албанци“, давајќи опширна хронологија на нивната неконзистентност, и на играњето со „етничкото“ во зависност од интерсите и потребите во одреден политички момент.

Зијадин СелаФотографија: DW/P. Stojanovski

Според Села, Алијанса за Албанците која е во предизборна коалиција со Алтернатива, нема да овозможи удобна позиција за ниту еден партиски субјект.

„На 15-ти јули кога ќе гласаат Албанците и останатите граѓани и кога ќе ни го дадат легитимитетот нам, јас веќе не сум Зијадин Села ниту Африм Гаши е Африм Гаши. Ние сме ветувањето што сме го дале ним и легитимирањето со глас на ова ветување со програмата ‘Држава за сите’. Така што, јас немам зошто да создавам комотни ситуација за ниеден политички субјект. Од друга страна, за поздравување е улогата на Зоран Заев и СДСМ во настаните како што е тоа што денеска сме членка на НАТО, но тука е и опасноста дека постепено и кај нив се создаваат олигарси. Олигарси беа тие што ја насочија ВМРО кон Русија. Ние ќе бидеме гаранција дека нема да се случи такво нешто, повторно некој да се ориентира натаму. Како прво, кога реков тука се програмата и идејата, забрането му е на секого да дојде и да преговара со нас со намера да отвори теми кои ние веќе сме ги затвориле“, изјави Села на ТВ „Алсат-М“.

Повеќе:

-Етно-националистички свингери

-Зошто сега никој не ја сака ДУИ? Барем јавно

-За Зибери штетно, за ДУИ контрапродуктивно

Тој посочи и дека владата потфрлила на главната тема на која Албанците се надевале - правна држава, потсетувајќи на хаосот со случајот „Рекет" и изгубената доверба во СЈО.

„Но, реално немаме комотност да ги вратиме процесите назад. ВМРО сè уште има потреба да се реформира. Да се оттргне од минатото“, изјави Села.

Според аналитичари, ваквите изјави не мора да значат јасна определба кој со кого не би коалицирал, ако се има предвид дека опозициската ВМРО-ДПМНЕ предизборно мобилизира гласачи токму преку критика на договорите со Грција и Бугарија, но со двојна позиција: од една страна дека „не ја игнорира реалноста", а од друга, дека ќе се обиде да ги промени тие договори, што остава „избор“ да се игра со покорисната/побенигна варијанта, ако од неа зависи формирањето на мнозинство.

Од Скендербег до НАТО

За црвени линии зборува и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој таква порака испрати и вчера, од средбата со граѓаните на Струга. 

„Ќе има црвени линии за секој кој ќе посегне да го наруши или негира Охридскиот договор, Договорот од Преспа и Договорот за добрососедски односи со Бугарија“, рече лидерот на ДУИ. Оние кои се скептични во идеите на ДУИ, тој ги потсети на реализираните ветувања, со етнички предзнак.

„Сите вие знаете дека Албанците сонуваа еден Скендербег да биде во еден мал дел на оваа земја. И да прашавте некого пред 30 години дека нашиот национален херој ќе биде поставен во центарот на Скопје, ќе ни одговореше дека умот не напуштил. Денес имаме и споменици на Иса Болетини и Хасан Приштина. Да кажеше некој пред извесно време дека Талат Џафери, претседателот на Собранието ќе го дигне знамето на НАТО, кој ќе веруваше дека тоа ќе е еден командант на ОНА. Премиер Албанец не може? Зошто да не може? Никој не ми дава одговор, додека нозете им се тресат од ова идеја", рече Ахмети. 

Али АхметиФотографија: picture-alliance/dpa/V. Xhemaj

Партијата не открива кои и се посакувани постизборни партнери, а нејзини претставници кусо одговораат дека за тоа ќе решат гласачите, односно изборните резултати. Од СДСМ во повеќе наврати испратија пораки дека „е време ДУИ да замине во опозиција", а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ дека „коалицијата на СДСМ и Беса ја има договорено федерализацијата на земјата", што за ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ креира еден крупен политички противник. Од успехот против него во изборната битка ќе зависи дали едните ќе можат и натаму ќе останат на власт, а другите повторно да вратат.

„Гласот за СДСМ и Беса коалицијата е глас за политичари од минатото потрошени и истрошени без нови идеи“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од оваа партија го критикуваа предлогот на ДУИ за прв премиер Албанец, но извори во албанскиот блок сметаат дека ако дојде на ред прашање за соработка меѓу тие две партии, „ДУИ експресно ќе најде друг наратив за да го оправда еродирањето на таа позиција, а да го ‘наплати' со повеќе други функции“.

Економски патриотизам

Ни лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не пропушти вчера од Гостивар да ги искритикува  политичките опоненти ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за изборната реторика.

„Дојдоа изборите, и повторно ДУИ и ВМРО ДПМНЕ пак со национализам. Зошто ДУИ 12 години не го носеше Законот за јазици? Се плашеа за рејтингот и кариерата? Дојдовме ние и го решивме прашањето. Се лажеа насекаде граѓаните дека сите ќе изгубиме, но дали е така? Не. Добивме сите, секој има право да комуницира на својот мајчин јазик. Имавме храброст за сите одлуки што ги носевме. Иако имавме 49 пратеници, сепак формиравме влада, но имавме многу пати и 80 пратеници за важните закони“, рече Заев.

Зоран Заев и Билал КасамиФотографија: DW/P. Stojanovski

Тој најави голема победа на коалицијата СДСМ - Беса во шестата изборна единца, и упати критики до актуелниот коалициски партнер ДУИ.

„Го слушам од ДУИ сакаат Албанец за премиер. Не можат да ни продаваат такви филмови нам. Тие не се борат за народот, се борат за власт и пари. Не може никој толку години да биде власт. Навлегуваат во институциите и го узурпираат системот. Нека знаат дека сега нема НАТО, ЕУ, Грција, Бугарија, сега имаме работа дома. Ги имаме сите фронтови отворени пред нас, треба да се биде економски патриот. Вистински патриот е тој што зголемува плати, што вработува млади, што им дава пари на граѓаните наместо да им ги краде, сите други се кукавици кои се кријат зад национализмот. Четврта индустриска револуција му се случува на светот, а ние не можеме да живееме во 19-ти или 20-ти век“, порача Заев од граѓанската трибина во Гостивар.

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми