„Скендербег не е компензација за Скопје 2014“
4 октомври 2010Граѓаните на Скопје во наредните два месеца ќе можат да ги кажат своите забелешки, предлози и мислења за иницијативата за израдба на плоштадот Скендербег, во Старата скопска чаршија. Општина Чаир отвори јавна дебата за идејниот проект. Во фоајето на општината се поставени неколку варијанти од замислата на новиот лик на овој дел од Скопје. Плоштадот Скендерберг е во функција на ревитализација на Старата скопска чаршија и не треба да се гледа како компензација на проектот Скопје 2014, изјави градоначалникот на општина Чаир Изет Меџити.
„За плоштадот Македонија е одобрена одлука и средства за три клучни фигури од албанската историја - Јосип Багери, Пјетр Богдани и Неџат Аголи. Процедурата е во тек и се води од општина Центар, така што нема причина да има неков реванш, или револт. Ова е проект за ревитализација на чаршијата, за отворање на погледот кон Калето и за други бенефити за чаршијата“, рече Меџити.
Предвидено е плоштадот Скендербег со површина од 20 илади квадратни метри да се протега до стоковната куќа „Мост“, Даут пашин амам, Македонската филхармонија, МОБ и стоковната куќа „Илинден“.
Кој ќе плати?
Плоштадот Скендербег е главен проект за општина Чаир, а можеби и за градот Скопје, оцени вицепремиерот Абдулаким Адеми:
„Фигури од албанската историја ќе има не само на плоштадот Македонија, туку и во Музејот на ВМРО и на мостот Око“, вели Адеми.
На денешниот старт на јавната дебата за Скендербег не се појави министерката за култура Елизабета Канчевска Милевска. Со една изјава од пред неколку дена се отвори дилемата кој ќе ја финансира изградбата на плоштадот Скендербег.
„Може да е во рамките на буџетот на општината и ние како министерство за култура немаме издвоено средства во таа насока“, рече Канчевска-Милевска.
Наспроти ова, вицепремиерот Адеми кажа дека со ребалансот на буџетот, владата на општината ќе и‘ доделела 10 милиони денари.
Автор: Горан Петрески
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска