1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопските општини ја „заглавија“ проверката на гласовите

ДТЗ
19 октомври 2021

Првиот човек на ДИК, Александар Даштевски, за ДВ вели дека записниците од скопските општини им биле подоцна предадени, а проблем имало и во Гостивар, каде не биле внесени сите податоци.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahlen: Aleksandar Dastevski, Präsident der Wahlkommission
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Скопските општини ја забавија проверката на податоците од записниците за локалните избори  коишто се одржаа во неделата (17.10) во Северна Македонија. Првиот човек на Државната изборна комисија, Александар Даштевски за ДВ вели дека веќе два дена е во тек детална проверка на податоците.

„Речиси сите скопски општини место да ги донесат веднаш записниците, тие ги доставија на увид со задоцнување. Претпоставка е дека прво заминале да отспијат по изборниот ден, па потоа да ги донесат“, вели Даштевски. 

Освен доцнењето на записниците од скопските општини, од кои некои дури синоќа ги доставиле документите од гласањето, процесот го забавија и проблеми коишто се појавија во Гостивар. Даштевски вели дека биле внесени помалку податоци отколку што имало, но за среќа грешката е навреме увидена и исправена. 

Во Гостивар биле внесени помалку податоци отколку што имало, но грешката е навреме увидена и исправенаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Два дена по завршувањето на гласањето, јавноста сѐ уште нема на увид целосни податоци за излезноста и поделбата на гласови. Процесот е успорен, бидејќи се врши поединечна проверка на секој од записниците поднесени од општинските изборни комисии и нивна споредба со електронски внесените податоци, бидејќи секој глас е важен на изборите. Шеесетина лица ја вршат проверката на обемниот материјал од локалните избори. Во записниците досега немало ниту една забелешка. 

Приговори на изборниот ден засега нема, но Даштевски вели дека имало најави од дел од партиите дека ќе достават во предвидениот рок, по што ќе бидат објавени конечните резултати за 80 општини и Град Скопје. 

Каде се избрани градоначалници? 

Триесет и четири општини добија градоначалници уште во првиот круг од локалните избори што се одржаа на 17 октомври во Северна Македонија. Во Центар Жупа и Маврово-Ростуше ќе се повтори изборната постапка поради неисполнување на законскиот услов од една третина од запишаните гласачи кои излегле на гласање.

Речиси во сите општини се избројани 100 отсто од гласовите, освен во неколку, но и таму исходот е извесен. Од избраните во првиот круг, најмногу има ВМРО-ДПМНЕ – 21 градоначалник, СДСМ има девет и ДУИ има тројца градоначалници. Во првиот круг градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ се избрани во Аеродром, Босилово, Бутел, Велес, Виница, Јегуновце, Кавадарци, Карбинци, Кисела Вода, Гази Баба, Градско, Ѓорче Петров, Зрновци, Илинден, Могила, Неготино, Новаци, Петровец, Прилеп, Свети Николе, Сопиште и Штип.

Градоначалници од СДСМ се избрани во Берово, Богданци, Валандово, Крива Паланка, Крвогаштани, Крушево, Делчево, Дојран и Струмица. Од ДУИ има тројца градоначалници избрани во првиот круг и тоа во општините Липково, Пласница и Сарај.

Во првиот круг победија седум скопски градоначалници:

Тимчо Муцунски во Аеродром;

Бобан Стефковски во Гази Баба;

Александр Георгиевски во Илинден;

Дарко Костовски во Бутел;

Орце Ѓорѓиевски во Кисела Вода;

Александар Стојкоски во Ѓорче Петров

Блерим Беџети во Сарај;

Во Советот на Град Скопје ќе има 17 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 12 од СДСМ, шест од ДУИ, четири од Левица, по два советника ќе имаат коалицијата на ЛДП и ДОМ и на Алијанса за Албанците/Алтернатива, како и „Зелен хуман град“. Битката за градоначалник во Град Скопје во вториот круг ќе се води меѓу независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска, која има освоено 85.657 гласа и кандидатот на СДСМ, Петре Шилегов, кој освои 77.852 гласа.

Во Центар Жупа и Маврово-Ростуше ќе се повтори изборната постапкаФотографија: Petr Stojanovski/DW

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во вториот круг ќе се борат за градоначалник во 25 општини. Владејачката СДСМ во вториот круг ќе има кандидати во 32 општини плус Град Скопје, а ВМРО-ДПМНЕ во 28 општини. Кандидатите на Алијанса за Албанците/Алтернатива и ДУИ ќе се соочат во осум општини, а во Тетово и Желино во вториот круг влегуваат кандидатите на ДУИ и БЕСА. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми