Скопје, Битола и Струмица излегоа на улица, утре и Вашингтон
16 април 2016 Повеќе илјади граѓани и вечерва, петти ден едноподруго излегоа на улиците на Скопје искажувајќи го своето несогласување со амнестијата за повеќе од 50 политичари и нивни соработници која им ја додели претседателот на државата Ѓорге Иванов.
Во Скопје, демонстрантите најпрво му искажаа поддршка на Специјалното јавно обвинителство, оттаму продолжија кон Собранието, а потоа и пред платото на владата.
Протестот заврши на стотина метри пред партиското седиште на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, каде повеќе полициски кордони ги блокираа околните улици.
Протести вечерва повторно имаше во Битола, но и во Струмица.
За разлика од претходните денови, приврзениците на ВМРО-ДПМНЕ не организираа контра-протести. Во интервју за Канал 5, експремиерот Никола Груевски ја поздрави оценката на ДИК дека се исполнети сите услови за одржување на изборите на 5 јуни.
Протести против амнестијата на Иванов #протестирам в недела ќе се одржат и пред македонската амбасада во Вашингтон, САД. Иселениците на овој начин сакаат да им изразат поддршка на своите сограѓани во Македонија.
„Овој протест е знак на поддршка за нашите сограѓани кои се борат за слободата, правдата, и демократијата во Македонија“, се наведува во најавата за протестот.
„Протестирам за подобра Македонија, за владеење на правото, за независно судство, за слободни медиуми, за демократска власт, за толеранција на различностите, за граѓанско општество со право на избор! Остануваме Македонци, без загради, наставки, претставки, додатоци!“, повикуваат Македонците во САД.