1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Атина во фазата „Повикај пријател!“

15 мај 2018

Покрај Папандреу, поттик во обидите за решавање на спорот за името дал и поранешниот албански премиер, Фатос Нано. Неговата посета на Македонија не беше јавно објавена. Наскоро се очекува охрабрување и од т.н. тешкаши.

Flaggen von Griechenland und Mazedonien
Фотографија: Colourbox

Влегувањето на разговорите за името во најжешката фаза, особено пред Самитот ЕУ-Западен Балкан, на чии маргини ќе се реализира средбата Заев-Ципрас, резултира со фреквентни политички активности во Скопје и Атина. Во оваа фаза доминираат „средбите за охрабрување“, од кои дел се јавни, дел остануваат зад сцената. Во контекст на охрабрување за решавање на спорот, како клучна се смета средбата на германската канцеларка Ангела Маркел со грчкиот и македонскиот премиер, која, неофицијално се очекува да се одржи во Софија. Претходно, со цел да се поттикне успехот во преговарачкиот процес, серија средби оствари и поранешниот грчки премиер, сега лидер на Сегрчкото движење на демократските социјалисти и на социјалистичката интернационала, Јоргос Папандреу, меѓу кои една и со македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров, минатиот викенд во грчкиот град Сунио.

Координирано охрабрување?

И додека таа средба беше јавна, во истиот период во Македонија се одржале уште неколку, но без истиот предзнак. Станува збор за посетата на Македонија од страна на поранешниот албански премиер и поранешен лидер на Социјалистичката партија, Фатос Нано. Како што тврдат за ДВ домашни политички извори, Нано во текот на изминатиот викенд се сретнал со неколку македонски политичари. Неофицијално дознаваме дека тој имал средба со премиерот Зоран Заев, со поранешниот лидер на СДСМ и негов пријател, Бранко Црвенковски, со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, со претседателот на парламентот, Талат Џафери и со неколку други политичари.

Фатос Нано имал средби со неколку македонски политичариФотографија: AP

Нано во Скопје имал набиена агенда, но не помалку и во Зајас. Повеќе од шест часа траела средбата Нано -Ахмети во домот на лидерот на ДУИ. Според нашите извори, темите на разговор биле актуелните разговори за спорот за името, очекувањето тие да завршат со успех, со оглед дека решението на проблемот е клучно за деблокирање на интеграциските процеси на Македонија.

Според познавачите на состојбите, посетата на Нано се смета за корисна, бидејќи тој има долги пријателски врски со политичари од Македонија, но и во грчкиот естаблишмент. Веста за посетата на Нано ја пренесе единствено порталот KDPolitik, кој повикувајќи се на дипломатски извори додава дека Нано и Ахмети ја истакнале важноста на мотото „За Албанците сонцето изгрева на Запад“, што значи дека надворешно-политиката ориентација кон ЕУ и НАТО е од највисок приоритет и нема алтернатива.

Се смета дека искуството на Јоргос Папандреу и добрите релации со политичарите од регионот може да помогнатФотографија: picture alliance/ZUMA Press/Aristidis Vafeiadakis

Поранешниот албански премиер ја започнал својата мисија во Македонија фактички во исто време кога и неговиот пријател Папандреу минатата недела доби мандат за такви разговори, по двочасовниот состанок со премиерот Ципрас, а потоа и со шефот на дипломатијата Коѕијас. Папандреу и Нано како двајца поранешни премиери се во блиски пријателски односи и имаат влијание на политичката сцена во регионот. И самиот Папандреу (како премиер и министер за надворешни работи) во еден период имаше најдиректно искуство во разговорите за спорот за името, но во тој период не се постигна решение. Неговото искуство и добрите релации со политичарите од регионот се сметаат како фактор кој може да даде придонес во решавањето на спорот за името.

„Ако постои можност земјата да има успеси, да оди напред, потребно е да постои колку е можно поголем национален консензус. И сите имаме должност да му служиме на тоа“, рече Папандреу по средбата со Ципрас.

И Тереза Меј во Скопје

Овие средби и разговори се сметаат за корисни во фазата во која двете земји се обидуваат самите да дојдат до решение, со пријателски поттик. Но, доколку решението „заглави“, се очекува охрабрувањето да дојде и од т.н. политички тешкаши, не во форма на притисок, туку со темелно предочување што се добива, а што се губи со (не)решавањето на проблемот.

Меркел: мораме да ги решиме конфликтите на Западниот Балкан

00:58

This browser does not support the video element.

Меѓу нив е и името на германската канцеларка Ангела Меркел, која во последниот говор одржан во Минстер се заложи за итно решавање на отворените спорови во регионот на Западен Балкан.

„Без оглед дали гледате кон Косово, Србија, Босна и Херцеговина, дали гледате на спорот за името во Македонија, гранични конфликти тука и таму, дури и Словенија и Хрватска сѐ уште разговараат за своите граници. Мораме да го решиме сето тоа, за да не постои секогаш некоја тензија, која може во секој момент да пламне“, изјави Меркел.

Повеќе: 

Рот: Историска шанса за решавање на спорот за името

Неколку дена претходно таа оцени дека за време на претседавањето на Бугарија со ЕУ, премиерот Борисов постигнал успех во приближувањето на земјите од регионот кон ЕУ и дека „треба да продолжи да биде медијатор по тоа прашање“.

Според домашни извори, неспорен е ангажманот на Борисов по прашањето за решавање на спорот за името. Такви обиди се очекувани и од други европски политичари на маргините на Самитот во Софија, а веројатно и потоа. Медиумите веќе пренесоа дека веднаш по средбата Заев-Ципрас во Софија британската премиерка Тереза Меј на 18 мај ќе допатува во посета на Скопје и ќе оствари средби со државно-политичкиот врв на Македонија.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми