Скопје и Атина чекаат бел чад од 15-иот кат во ОН
25 мај 2018Во седиштето на ОН во Њујорк денеска продолжуваат разговорите за решавање на спорот за името, од новата рунда што вчера ја започнаа шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас под покровителство на медијаторот Метју Нимиц. Грчките медиуми нотираат дека продолжението на разговорите е изненадувачко, со оглед дека Коѕијас претходно изјавил оти разговорите ќе траат само еден ден.
Грчкиот весник „Ефимерида“ се повикува на дипломатски извор, кој изјавил дека фактот што преговорите продолжуваат денеска „не е негативен развој“. Продолжението ќе започне во 9:30 часот по локално време, односно во 15:30 часот по македонско.
„Грчката страна не ја криеше желбата за вчерашното завршување на разговорите, со цел да се појави бел чад од 15-иот кат на седиштето на ОН во Њујорк. Покрај тоа, грчкиот министер дојде на масата за дијалог која сака да постигне решение. Ова (вчера-н.з) не е постигнато“, пишува „Прототема“.
Повеќе на темата:
-Ципрас се коцка во спорот за името со Македонија
-Грчки министер: Илинденска Македонија не е на маса
-Името ги вжештило телефонските линии до Атина и Скопје
Маратонски разговори
По вчерашната рунда која траеше речиси седум часа, двајцата министри не дадоа изјави за медиумите. Пред полноќ по македонско време тие ја напуштија зградата на ОН за да ги информираат премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев за текот на разговорите. Според „Прототема“, факторот кој значително ги обновил преговорите се Американците и Европејците.
„Нивната порака до двете страни беше дека состанокот во Њујорк мора да донесе решение. Тие го предупредија Заев дека ако дојде до ќор-сокак, ПЈРМ со години ќе остане надвор од НАТО и нема да има датум за почеток на пристапни преговори со ЕУ. Тие, исто така, ја предупредија Атина дека ако не успеат да заземат конструктивен став, ќе преземат одговорност“, пишува грчкиот весник.
Исто како и во Виена и Сунио, разговорите се одвиваат на две нивоа - меѓу министрите за надворешни работи и техничко-експертски групи. Министрите бараат решение на политичките прашања, а групите работат на технички детали за текстот на општиот договор и за листата на подзаконски прашања кои би произлегле во контекст на можното решение.
Македонскиот министер за надворешни работи замина за Њујорк со став дека на преговарачката маса останува последниот предлог „Република Илинденска Македонија“, а грчкиот - дека ќе се разгледуваат четирите предлози од сетот на Нимиц. Како што дознава ДВ од дипломатски извори, двете страни се охрабрени да нудат и свои креативни решенија, ако тие носат потенцијал за решение. Но, според грчките медиуми, Атина го преферира предлогот „Нова Македонија“ иако нема против ни за предлозите „Горна“ или „Северна“, но под услов тоа име да биде за севкупна употреба и „да резултира со уставни промени што ќе го елиминираат иредентизмот на Скопје“.
Дел од грчките медиуми оценуваат дека од денешната рунда ќе се процени дали преговорите имаат иднина, односно дали северниот сосед ќе се согласи на уставни промени кои грчката страна ги смета за неопходни за успех на решението.
„Атина верува дека топката сега е на теренот на соседната земја (...) Според сегашните сознанија, Скопје не дава зелено светло за уставна ревизија. Основниот аргумент е дека тоа не може да помине во парламентот“, пишува „Протема“.
Весникот се повикува на информациите од Њујорк, според кои, ниту една страна не сака да се повлече од договорот, бидејќи целта е да не се изгуби моментумот и да се овозможи да се сретнат двајцата премиери: „Накратко, се прават напори да се создадат услови за приближување, дури и ако нема конечен договор“.
Со волја до решение
Коѕијас пред средбата во Њујорк изјави дека „ниту е оптимист, ниту песимист, но има волја да се најде решение“. Изрази очекување „другата страна да покаже прагматизам и реализам со цел да се најде решение“.
Тој во изминатите денови беше во официјална посета на Вашингтон, а по средбите изјави дека нема притисок врз Атина во однос на разговорите за името.
„Никој не ја тера Грција на ништо, бидејќи таа ја има иницијативата за постапките, и сите на позитивен начин следат како една земја со активна надворешна политика промовира решенија“, рече Коѕијас.
Коѕијас во Вашингтон се сретна со американскиот државен секретар Мајк Помпео, со помошникот државен секретар на САД, Вес Мичел, со советникот за национална безбедност на претседателот на САД, Џон Болтон, и со членови на Конгресот. Коѕијас говорел и на затворена средба во Атлантскиот Совет, каде ги презентирал позициите на Грција во однос на Балканот, Турција и Источниот Медитеран.
Според грчки медиуми, ваквите контакти ги потврдиле „многу блиските односи меѓу Грција и САД во билатералната соработка, но и во сферата на одбраната“.
Весникот „Катимерини“ пишува дека тие односи се одразуваат и преку присуството на моќни единици на американската флота во водите на Грција.
„Во поморската база Соуда е закотвен носачот на авиони 'USS Harry Truman', во Пиреја пристигна 'USS Bulkeley', крај Родос 'USS Forrest Sherman', а крај Санторини 'USS Normandy'. Преку твит на Американската амбасада, зголеменото присуство е опишано како 'јасна посветеност' на грчко-американските односи, но исто така и верувањето дека Грција останува столб на стабилност во регионот“, објави весникот.