1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Скопје и Софија заедно ќе се поклонат пред Гоце Делчев

ДТЗ
4 февруари 2022

Од македонската Влада го поздравија учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од „раѓањето на најзначајниот историски лик за Северна Македонија“.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Северна Македонија и Бугарија на 4 февруари заеднички ќе ја прослават 150- годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Бугарската делегација во Скопје ќе ја предводи министерката за надворешни работи, Теодора Генчовска, а бугарскиот премиер Кирил Петков заедно со в.д. македонскиот амбасадор во Бугарија, Владимир Крстевски ќе се поклонат пред споменикот на Делчев во Борисовата градина во Софија. 

И покрај отсуството на премиерот, Димитар Ковачевски и на шефот на диппломатијата, Бујар Османи, кои се во посета на Брисел, од македонската Влада потврдија дека државни делегации ќе учествуваат во неколку свечени настани и одбележувања. Вицепремиерот и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во 10 часот ќе положат цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас. 

Подоцна, во 10.30 часот, владина делегација составена од министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска, заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и советникот на премиерот Едмонд Адеми ќе положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев во градскиот парк во Скопје, а во 11 часот на споменикот на Гоце Делчев на Плоштадот Македонија во Скопје.

Гоце Делчев

Во рамките на овие одбележувања, во 13 часот, на гробот на Гоце Делчев во црквата Свети Спас, министерката за култура Костадиновска Стојчевска и заменичката министерка за надворешни работи, Фатмире Исаки, ќе положат венец заедно со делегации од Република Бугарија.

„Го поздравуваме учеството на делегациите на Бугарија во одбележувањето на 150-годишниот јубилеј од раѓањето на, за нас, најзначајниот историски лик за нашата земја, со што двете држави продолжуваат со напорите за интензивирање и продлабочување на вкупната соработка и зацврстување на довербата“, соопштија од Владата. 

Заедничкото чествување на Гоце Делчев го најави бугарскиот премиер, Кирил Петков, при неодамнешното реферирање пред пратениците во Народното собранието на Бугарија за резултатите од разговорите со Северна Македонија, по посетата на Скопје на 18 јануари 2022 година. Заедничкото чествување е во насока на релаксирање на односите меѓу двете земји, за кои Скопје и Софија оценија дека се движат во добра насока. Се најавува интерзивирање на дијалогот и забрзана активност на работните групи кои што се формираа, со цел зајакнување на економската соработка и решавање на спорните историски прашања. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми