Слаби изгледи за успех на конференцијата за климата во Дурбан
28 ноември 2011Во јужноафриканскиот град Дурбан од денеска до 9 декември ќе се одржи меѓународната конференција за климата и мерките кои треба да бидат донесени во борбата против глобалното затоплување.
Централна тема на конференцијата е да се најдат решенија за Протоколот од Кјото. Експертите и политичарите се скептични дека ќе биде постигнат успех. Пред се’ изгледите дека Кина и САД во догледно време ќе се согласат на меѓународно - обврзувачки договор за климата се минимални.
Освен ова на конференцијата ќе се дебатира и за тоа како да им се помогне на земјите што најранливи поради климатските промени и како да се поттикнат земјите да дејствуваат во борбата против глобалното затоплување.
Протоколот, меѓутоа, не е потпишан од САД, ниту од економиите во забрзан развој, Индија и Кина. Тој опфаќа помалку од 30 проценти од емисиите на штетни гасови на глобален план.
На форумот учествуваат над 190 земји и меѓународни организации, кои испраќаат 12.000 делегати, меѓу кои министри, дипломати, еколози.
Автор: АТ/ дв/ миа
Редактор: Горан Чутаноски