1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Уметност

Сликарот Паул Кле и градот Диселдорф

26 ноември 2018

Збирката дела од Паул Кле во Диселдорф постојано се зголемува. Таа се состои од 101 дело. Целата збирка прв пат може да се види во прекрасната изложба „Паул Кле. Една збирка на пропатување“ во Kunstsammlung NRW – К20

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Фотографија: Privat

„Иако во Диселдорф не се сите одред генијалци како во Десау, сепак, и овде  се забележува  уметничката клима и човек се чувствува како дома. А и конзервативните духови интуитивно се занимаваат со напредокот, па тие, делумно,се дури поискрени од модернистите, а затоа, во одредена мера, и поинтересни", и‘ пишува сликарот Паул Кле ( 1879 -1940),  во ноември 1931-та од градот на Рајна, на сопругата Лили Кле. Таа година тој  ја напушта сцената на генијалните модернисти, школата Баухаус во Десау, и ја прифаќа поканата од Диселдорф. Иако тој таму работел и живеел само кус период, таа епизода од неговиот живот  е исто толку творечка колку што е и трагична. Кле во Диселдорф создава многу од своите најубави дела, особено оние во минималистички редуцираниот израз. Тие се толку чисти во формата, како да не се од овој свет. Самиот велеше дека колку е поналудничав светот, толку е почиста уметноста. Од двете години поминати во Диселдорф, неколку месеци трагал по најдобриот стан или куќа за себе. Еден период постојано патувал меѓу Диселдорф и Десау. Кусо живеел под кирија во стан, во Голтштајнштрасе, во центарот. А потоа во куќа, во Хајнрихштрасе. Денес стои само уште куќата во Хајнрихштрасе.

Модернисти и традиционалисти

Кле се одлучува да ја напушти авангардистичката школа Баухаус по покана од директорот на ликовната академија, Валтер Кезбах. Кле го познавал од времето кога тој бил директор на музејот во Ерфурт, град близу до Десау и Вајмер, двете познати локации на Баухаус. Кезбах  ја делел истата модернистичка визија со генијалците како Гропиус во Десау. Иако многумина на академијата  во Диселдорф биле восхитени од новиот професор, голем дел од уметниците  биле традиционалисти. Најголемиот број уметници во Диселдорф во неговата професура гледале провокација. И локалниот печат бил скептичен, а иако било јасно дека тој е уметник од висок ранг, многумина стравувале дека тој ќе ги зарази и студентите со својот модерен ликовен израз. Директорот Кезбах го повикал Кле токму за да ја модернизира академијата.  Меѓутоа, фракцијата на конзервативните професори  од почетокот жестоко се противела на модернизмот на  директорот. Тоа создало два фронта – модернисти и традиционалисти. Отпорот на конзервативните кон модернистите бил толку силен, што дури и нивните студенти не зборувале едни со други. Во тој  разединет уметнички свет доаѓа Паул Кле, познат на Баухаус како мудар, молчелив  волшебник на бојата и формата, кого, затоа што малку говорел и постојано бил предаден на својата творечка визија, студентите на Баухаус го викале „Буда“. Тој во 1931-та веќе бил интернационално познат уметник. Затоа што бил надежта на директорот Кезбах, гневот на конзервативните професори кон него се  префрла и врз Кле. Тоа во времето на подемот на националсоцијалистите станува погубно за него. Во тој период уметничката јавност во Диселдорф има двапати можност да ги види делата на Кле на изложби. Во 1930-тата во една од галериите на Флехтхајм, која тогаш ја раководел Аксел Фемел. Обајцата галеристи биле пријатели на Кле. Втората изложба била  во 1931-та во Диселдорфското уметничко здружение, а имала цел  да се разбијат сите сомнежи на домашните уметници. Идејата потекнала од колекционерот  Алфред Флехтхајм, а ја организирал Аксел Фемел. Кле директно учествувал во концепцијата на поставката, во која биле изложени и многу дела од збирките на приватните колекционери во Рајнската област. Предговорот во каталогот го напишал Вил Громан, пријател на Кле и автор на монографија за него.

Паул Клее во 1921. годинаФотографија: picture-alliance/akg-images

Националсоцијалистички напади

Работата на Кле во Диселдорф не траела долго. Таа завршува на крајот на 1933-тата, кога националсоцијалистите ја преземаат власта. Непосредно по изборите  на 5-ти март 1933-та драстично се влошува неговата положба на академијата. На 15-ти март локалниот националсоцијалистички весник   објавува критика на кадровската политика на  директорот. Две недели подоцна националсоцијалистите го присилуваат Кезбах преку ноќ засекогаш да ја напушти академијата. Неколку дена подоцна националсоцијалистичкото списание за култура „Фолкспароле“ жестоко го напаѓа галеристот  со еврејско потекло Алфред Флехтхајм, но и неговиот пријател, Паул Кле. Во написот се иронизира со податокот дека една од прабабите на Кле имала африканско потекло: „Кле секому му раскажува дека  имал чиста арапска крв, а всушност е типичен Евреин од Галиција“. Под изговор дека  мора да го  намали прекумерниот број професори, новиот директор на академијата,  на 1-ви април, предлага да   се отпушти Паул Кле, заедно со други петнаесет професори. Потпирајќи се на антисемитските напади врз Кле, предлогот за отказот е формулиран кратко и јасно: „Професорот Кле, како Евреин и наставник, се смета за невозможен и за непотребен.“ На 21-ви април Кле е присилен на отпуст. Дали уследил официјален документ за отказот, останува  тајна. Досега во оставината на Кле не е најден таков документ. Дека добил отказ од 1-јануари  1934-та потврдува писмото на неговата жена Лили Кле до Вил Громан.

Други колумни од авторката: 

За заминатите и за домаостанатите

Македонско помирување

Литературата во „патриотската“ реторика

„Пречкртан  од листата“

Паул Кле го напушта градот на Рајна ден пред Божик 1933-тата. Ликовната академија во Диселдорф   од тој миг повеќе никаде не го споменува неговото име. Тоа не го споменува ниту националсоцијалистичкиот орган „Фолкспароле“, кога на 3-ти јули ја објавува листата на сите отпуштени професори. Кле е „чкртнат“ од листата. Tокму така се вика прочуенoто масло на хартија на Кле „Von der Liste gestrichen“ („Пречкртан  од листата“), што го насликал кусо пред да ја напушти Германија на 23-ти декември 1933-та. Тоа е последното дело кое Кле го создал во Германија. Делото е автопортет, изработен со редуциран колорит, со истакната  материјалност и тактилност, постигната со густ слој на бојата. Цртите на лицето на уметникот се груби, строги, од болка и ранетост. Лицето е раскинато во земјанотемни обоени „фрагменти“. Иако  сугерира ранливост и материјалност, ликот е небаре деперсонализиран. Контурите се присторуваат како да се засечени со остар нож во сува почва или во тврда кожа. Од горчина и  жолчка, кожата наместа е позелената, како патина. Врз ликот доминира  големото „X“. Тоа, по размерите, повеќе личи на накривен крст. Но, доколку на краевите би се допишале куки, тој веднаш би станал „кукест крст“ – симболот на националсоцијалистите. Очите на уметникот се затворени. Oвојпат не од  длабока, мистична свртеност кон себе, како во чудесниот цртеж-автопортет,  „Nach der Zeichnung oder Versunkenheit", од 1919.  Во цртежот од мал формат со наслов „По цртежот  или во-себе-потонатост“, Кле се преставува себеси во состојба на мистична потонатост, со затворени очи и уста, без уши за светот. Усните се полни и живи, полни сензуалност и нежност. На сликата од 1933. година, устата е згрчена линија, замолкнат крик. Во цртежот, уметникот, творечки мистик-еремит, го наоѓа поттикот во себе.  Цртежот е лесен и преполн светлина. Маслото  „Пречкртан од листата“  има  тврд, закостенет, земјан колорит. Тој е предзнак на  мртвост и распаѓање. Небаре некому, пред да биде  убиен, да му е одрана кожата на лицето. Толку е силен изразот на болката. Кле во сликата го насетил ужасот што доаѓа. Како што го беше насетил уште 1920-тата во прочуениот цртеж „Angelus novus“, кој го купил токму филозофот Валтер Бенјамиn, за да стане неговото омилено дело. Ангел на Кле тој го нарекува „ангел на историјата“. Кле како да го  гледал  Аушвиц. Умрел  во јуни 1940-тата,  кога само што беше започнал ужасот на Аушвиц.

Дело на Паул Кле, масло на платно, изложба „Конструкција на тајната“, БернФотографија: Zentrum Paul Klee, Bern, Bildarchiv

Државјанство по смртта

Колку го погодил прогонот од Диселдорф станува јасно само ако се познава неговата длабока поврзаност со германската уметничка сцена. Кле е, без сомнение, најпознатиот уметник на германската класична Модерна. Иако  е роден Швајцарец, тој се‘ до крајот на животот има амбивалентен однос кон  татковината. Германското државјанство го  добива, откажувајќи се од швајцарското, уште пред  Валтер Гропиус 1920 да го повика на Баухаус. Прогонет во Третиот Рајх од Германија, Кле се враќа во родниот Берн како  бездржавјанин. За неговите родени Швајцарци тој  е странец. Кле умира како бездржавјанин. Швајцарските власти го оставиле да чека на државјанство неколку години. Барањето е одобрено  кусо по неговата смрт.

Отказот во Диселдорф не била единсвената навреда за Кле. Уште посилно во 1937-та го погодила веста дека на изложбата „Entartete Kunst"  во Минхен имало 16  негови дела. Тој  тогаш веќе е тешко болен. Само една година по враќањето во Берн, Кле се разболел од  неизлечива болест - склеродермија. Таа, најверојатно, била последица на  кусо пред тоа прележаната сипаница. Склеродермијата се нарекува и болеста на тврда кожа. Таа ја напаѓа не само кожата, туку и внатрешните органи. Кај Кле, волшебникот на уметноста, за среќа, од болеста не е погодена кожата на рацете. Туку на лицето и на слузокожата на хранопроводникот. Кожата на лицето со време се стврднала и станала за него какао метален панцир. Како на сликата „Пречкртан од листата“. Кремата со која го мачкал лицето имала боја на земја и печена цигла или глина. Пак, како на сликата од 1933-та. Кле бил познат како надарен и префинет готвач. Во времето во Диселдорф, во големото атеље, секој ден готвел за себе најрафинирани јадења на малечко решо. За тоа детално и‘ пишувал на жена си во секое писмо. На крајот на животот за него голтањето било толку тешко поради крутоста на слузокожата, што се повлекувал сам во друга одаја, мачејќи се долго да голтне едно зрно ориз. Најновите истражувања на болеста на Кле потврдуваат дека таа најверојатно настапила по длабоката траума од прогонството од Германија.

Градот Диселдорф не го заборави неговиот кус престој на академијата. Покраинската влада во 1962. основаше музеј - Kunstsammlung NRW - сега познат како К20, за во него да се смести големата збирка  од 88 дела на Паул Кле, кои покраината Северна Рајна-Вестфалија во 1960. година ги откупи од многу приватни колекционери во целиот свет. Збирката на дела од Паул Кле во Диселдорф постојано се зголемува. Сега таа  се состои од 101 дело. Целата збирка прв пат  може да се  види во прекрасната  изложба „Паул Кле. Една збирка на пропатување“ во Kunstsammlung NRW – К20. Имено, од 1966-тата до 1985-тата делови од збирката патуваа на изложбите во многу големи градови во светот. Сега сите пак се збрани на изложбата во Диселдорф, каде што ќе можат да се видат  до март 2019-тата. Изложбата вреди за неа да се отпатува на еден викенд во Диселдорф.

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми