1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сликата за Балканот во романите на Карл Мај

Линдита Арапи / Елизабета Милошевска Фиданоска30 март 2012

Покрај својот познат Винету-роман, Карл Мај (починал на 30 март пред сто години) има напишано и роман за Ориентот во шест тома. Во него има многу „слики“ за Балканот, со описи кои не отскокнуваат далеку од клишеата.

Фотографија: picture alliance / dpa

Во богатото творештво на Карл Мај, Балканот зазема само дел од неговиот роман за Ориентот во шест тома. Сепак, приказните за крадците на Карл Мај имаат невообичаено дејство. Петер Бренер од Техничкиот универзитет Минхен објаснува зошто Карл Мај, кој толку малку знаел за Балканот, извршил толку големо влијание врз создавањето на претставата за Балканот во Германија:

„Тој бил фантастичен раскажувач кој сето тоа можел логично да го претстави. Истовремено, бил и многу рафиниран писател. Посегнал по определени стереотипи кои постоеле долго време и кои делумно потекнувале уште од 18. век, а кои одговорале точно на она што неговата публика го очекувала.“

Кога Карл Мај на крајот на 19. век ги напишал своите книги за Балканот, регионот бил во немири. Различни балкански народи воделе огорчена борба за ослободување од Османлиите. Пропаѓањето на Османлиското царство е тематизирано во книгите на Мај, но тој многу малку се занимава со политичките аспекти.

Карл Мај (фотографија од 1892 година)Фотографија: picture-alliance / akg-images

„За Мај е карактеристично што тој е свесен дека во одделни балкански земји постоеле ослободителни движења, но за него сите тие се само банди на крадци. Тој не ги сфаќа сериозно овие национални движења“, констатира Бренер.

Никогаш не бил на Балканот

Дали ваквиот став се должи на неговата стара љубов кон Османлиското царство или писателот не сакал неговите балкански приказни, кои добро се вклопувале во веќе постоечките предрасуди за Балканот, да ги замени со приказни за борци за слобода? Истражувачите на Карл Мај досега немаат дадено конечен одговор на овие прашања. Сепак, постои единствен став дека раскажувачот не бил многу добро информиран за Балканот, каде никогаш и не престојувал.

Затоа му се поткраднуваат различни грешки. Во романот „Низ земјата на шиптарите“ тој српскиот и албанскиот јазик ги изедначува како еден јазик, а погрешни понекогаш се и имињата на местата или географските одредници.

Фотографија: DW

Сепак, Мај имал големо влијание врз подоцнежните генерации, вели историчарот и познавач на Албанија, Михаел Шмит-Неске:

„Имал големо влијание. Колку пати само формулацијата од насловот на книгата ’Низ земјата на шиптарите’ нашла примена во литературата и филмот! Благодарение на Мај во Германија станал воопшто познат зборот ’шиптари’ (Албанци н.з.)“, вели Шмит-Неске.

Поттикнување на фантазијата

Сепак, не се‘ што Карл Мај напишал за Балканот било „паднато од небо“. Неговата критика на корупцијата и давањето бакшиш на османлиските службеници била резултат на фактичките состојби. Она што го пишувал Мај била опомена за мизеријата на османлиските власти на Балканот.

Но книгите на Карл Мај за Балканот не биле читани поради неговите познавања на народите во регионот, туку затоа што неговата лектира била возбудлива. Тој ја поттикнувал фантазијата, особено на младите, кои биле меѓу неговите најверни читатели. И немал лоши намери. Во тоа бил убеден и самиот, зашто на крајот на неговиот живот, исто толку возбудлив колку и неговата литература, рекол: „Мојата намера беше добра.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми