1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Сликичките „Панини“ - магија која освојува

Милчо Јованоски20 јуни 2014

Во Охрид, Скопје и други градови во Македонија пред и за време на Мунидијалот во Бразил, млади и стари купуваат и разменуваат самолепливи сликички со фудбалери од „Панини“. Собирањето е социјален феномен со посебна моќ

Фотографија: DW/M. Jovanoski

Социјалните мрежи и во случајот со собирањето и размената на сликички „Панини“ за Светското првенство во фудбал во Бразил, кое е во тек, ја одиграа главната улога. Еден од нај страствените собирачи на сликички во Охрид Филип Ангеличин - Жура за Дојче веле вели: „Колекционер сум од најмала возраст. Првиот албум којшто почнав да го собирам беше оној од Мундијалот во Италија во 1990 година. Начинот на организирање средби за менување сликички со годините станува се полесен, благодарение на социјалните мрежи и интернет страниците специјализирани за оваа намена. Со излегувањето на новиот албум ’Бразил 2014’ во март организиравме средби за менување на секои две недели на почетокот. Потоа зачестуваа и временскиот интервал помеѓу секоја средба беше се‘ пократок како што се ближеше и почетокот на Светскиот куп. Покрај класичното менување на договорено место, функционира и менувањето на сликички по пат на пошта со колекционери од други градови.“

Филип Ангеличин - Жура со години собира Панини сликичкиФотографија: DW/M. Jovanoski

Албумите „Панини “ се историја на фудбалот

Филип ни го опишува чувството кое го тера одново и одново да ги собира албумите и што е реткост, да ги чува како реликвии: „Љубовта кон фудбалот и кон спортот воопшто, се изразува на повеќе начини. Еден од нив е секако и собирањето на албуми со самолепливи сликички - официјалните на ’Панини’, се разбира. Албумите се сведоштва на историјата на Мундијалите. Страста е секогаш присутна кога ги разгледуваш и старите албуми. А секој нов процес на колекционирање актуелен албум е проследен со неповторлива возбуда. Покрај лепењето на сликичките, во него ги бележиш резултатите, ги повторуваш датумите на раѓање на играчите, ги паметиш клубовите за кои тие настапуваат. Уште поинтересен е самиот чин на размена на сликички кој претставува посебен социјален феномен. Колекционери од најразлични возрасти, од двата пола и од различни социјални слоеви со иста страст разговараат и притоа меѓусебно разменуваат дупли сликички“.

Од неговиот профил на Фејсбук откривме дека постојано навива за репрезентацијата на Италија, кога се во прашање големите првенства. И сака таа да биде шампион.

Берзата на сликички – како под команда

Едно неделно пладне потрагата по магијата на сликичките „Панини“ не‘ доведе во кафетеријата „Шила“ омилена кај тинејџерите. „Прво децата и родителите се собираа на кејот крај езерото. Меѓу оние загреаните за сликички беа и неколку наши колеги. Тие им предложиле да дојдат во кафетеријава и така почна. Средбите се случуваат секоја недела од 12 до 14 часот. На одредени луѓе ова им премина во навика и им стана ритуал,“ ни рече еден од вработените во кафето. Од секој агол слушаме: „Го имаш сликчето ... или колку уште ти недостигаат да го пополниш албумот?“

Фотографија: Panini-Verlags GmbH

Јован има 10 години и собира сликички. За да го комплетира албумот со фудбалери кои веќе се натпреварувааат на Мундијалот во Бразил му недостигаа уште четири сликички. Гледајќи во списокот, успеа да пронајде уште една сликичка која му недостигаше. Дванаесетгодишниот Филип спроти него ни објаснува дека доаѓа секоја недела во кафетеријата заедно со татко му.

„Од забава почнав да собирам сликички и ми фалат уште осум. Во едно пакување ’Панини’- Бразил има по 5 сликички и чинат 25 денари. На светското првенство навивам за Германија.

Сликичките ја поттикнуваат желбата за фудбал кај најмладите

На соседната маса го среќаваме Горан Серафимоски заедно со синот. Тој признава дека влијаел неговото дете да го засака фудбалот, а со тоа и на потребата да се знаат сите фудбалери и да се собираат нивните сликички. „И јас на негова возраст собирав сликички од минатите Светски првенства, ама за жал не ги зачував албумите.“

Мнозина признаваат дека не се толку по фудбалот и дека децата ги довеле тука. Тие си разменуваат сликички, ние повозрасните разговараме и се дружиме. Всушност ова ние шанса да се релаксираме и богами да се социјализираме. Трката по егзистенција направи од нас роботи. Среќа што има и нешто вакво, најчесто коментираа тие.

„До неодамна ги чував албумите со фудбалери од Светстките првенства во Аргентина 1978 и од Шпанија 1982, ама сега кој знае каде се. Овде ни навираат спомени на некои фудбалери кои тогаш беа популарни. Ги коментираме старите, ама и актуелните натпревари.Тогаш фудбалерите играа за фудбал, а сега играат за пари. И преку сликиве децата ќе имаат допир со топката, па можеби и ќе шутнат по некоја. Од почетокот кога почнавме да собираме сликички, син ми барем напредна мануелно во нивното лепење. Научи вешто да ги лепи, под конец што би се рекло, “ ни рече Михаил Томчов.

Фотографија: picture alliance/APA/picturedesk.com

„Едно време, барем кај нас собирањето сликички стагнираше, ама гледам сега се возобнови таа традиција која ме потсетува на детството и едно безгрижно време и ја поддржувам. Овде донесов албум од 1998 и сега децата со љубопитство го прелистуваат. Ми се чини дека фудбалот беше поромантичен. Убаво е да се видат стотина насмеани лица на едно место. На Светсково првенство, навивам за Италија, “ коментира Бобан Терзиоски.

Епидемијата наречена фудбал – се шири

Македонија е меѓу стотината земји во светот во која за „магијата“ наречена „Панини“ се знае со децении наназад. Сега постои веб – сајт – Сликички и посебна Фејсбук страница. Во Скопје на улицата „Македонија“, во Градскиот парк и во населбата Аеродром дружбата и размената на сликички е далеку помасовна, има по 1000 лица на едно место. Кажуваат дека таму за размена оделе и луѓе од блиските градови. Сепак во месецот на Мундијалот во Бразил се чини ќе најмногу ќе профитираат обложувалниците и кафетериите. Дебела сенка, добро друштво, студено пиво и голем ТВ екран. Таква е шемата. Во Охрид на пример амбиентот во најпознатите кафулиња потсетува на Бразил. Продавниците за бела техника со низа попусти ги мамат купувачите во месецот на фудбалот да купат некој од ТВ приемниците со голем екран за илузијата од Бразил да изгледа пореална.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми