1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободан и јас

Драгослав Дедовиќ/ превод:сн11 март 2016

Слободан Милошевиќ пред десет години беше пронајден мртов во хашкиот затвор. Иако многумина се трудат да заборават дека некогаш постоел, неговото дело живее - во кобните последици, коментира Драгослав Дедовиќ.

Фотографија: picture-alliance/dpa/dpaweb

Бев на Ушќе на тој 19. ноември 1988 година. Иконографијата: сесрпска. Формата: сѐ уште комунистичка. И многу луѓе. На говорницата, да речеме, еден поет за деца го слави својот вожд. Под бината концентрични кругови од синхронизирани хајкачи. И многу народ.

Естетика на рурална фашизоидност

Помислив дека Милован Ѓилас е во право- последен излез за комунизмот ќе биде национализмот. На митингот дојдов со скепса, а заминав доживувајќи го Слободан Милошевиќ како несреќа.

Естетски неговите масовни собири произлезени од социјализмот на умирање, а дополнети со српскиот страв политички претворен во агресивност ,беа национал-социјализам (нацизам) light. Додуша, малку понесмасна од нејзината историска предлошка од Германија како во инсценацијата, така и во интронизацијата на водачот. Важно е дека функционираше. Руралната фашизоидност никако не ми се допаѓаше.

Политичките ,но и моралните причини за моето целосно дистанцирање од „Слоба“ беа нешто покомплексни. „Слоба“ тврдеше дека се бори за опстанок на Југославија, која јас ја доживував како своја природна рамка. И за рамноправност на Србите во сопствената земја. Кој би имал нешто против рамноправноста и Југославија? Но да се поверува во таа приказна би значело дека сите кои не мислат како Милошевиќ се против рамноправноста на Србите и против Југославија. Што, едноставно, не беше точно. Тоа беше мешавина од демагогија и неоснована надменост.

Плебисцитарната моќ која во моите очи Милошевиќ го претвори во неоспорен водач тој ноемвриски ден пред 28 години ме натера да се замислам. Дали е можен поинаков пат? Ништо од масата негови приврзеници не се наѕираше во догледна иднина. Едноставно, не постоеше доволно силна опозициска личност, која ќе беше во состојба да му парира на новиот политички лидер. Тој не беше загрозен ни од неочетничкиот Вук Драшковиќ, ниту од задоцнетите, фини реформисти.

Пад - поради поразот

Дванаесет години и четири војни подоцна Милошевиќ не падна од власт само затоа што беше автократ. Ниту затоа што водеше војни во кои Србија „не учествуваше“. Туку затоа што ги загуби. Неговите надреалистични обиди капитулацијата во Куманово да ја претстави како победа остануваат за аналите.

Сѐ што следуваше потоа - во Хашкиот трибунал - најдобро го опиша една муслиманка од Сребреница. На новинарското прашање што мисли за процесот против Милошевиќ изјави: „Гледаш ли сине, како тој нив таму ги мези“. Значи таа сцена тој знаеше да ја употреби во сопствена полза. На недоследните и бавни судии конечно им ги побрка сметките со тоа што - умре.

Драгослав Дедовиќ

А она што дојде потоа му подари некој вид дискретен вечен живот. Имено, последиците од неговото делување се како радијација, невидливи, ама на долги патеки- смртоносни.

Национална катастрофа

Резултатите од политиката на Милошевиќ се мерливи. Југославија со асистенција на американскиот геополитички цинизам и несмасноста на Европската унија, словенечкиот национален егоизам и опседнатоста на Фрањо Туѓан со исправувањето на хрватските „Беспаќа на историската реалност“ постепено беше упокоена. Онаму каде Милошевиќ ги бранеше, Срби веќе нема- на Косово, во Хрватска, повеќе од половина Босна. Попатно беше уништено српското стопанство и значителни делови од соседните земји. Попатно соседните народи ги доживеаја Србите главно како непријатели. А потоа и многу недолжни Срби во тие земји го искусија нивниот гнев.

Рамки на невидлив континуитет

Еве неколку примери за нишките кои и натаму нѐ спојуваат со ликот и делото на Милошевиќ. Најнапред, луѓето кои растеа во неговата татковска сенка сега се на големата политичка сцена. Еден од нив е долгогодишниот портпарол на партијата на Милошевиќ, Ивица Дачиќ. Ја презеде партијата кога газдата падна. Подоцна на пропаднатите социјалисти, тогаш првиот човек на државата Борис Тадиќ им понуди своевидно „историско помирување“, за да ѝ обезбеди на сопствената партија уште еден мандат на власт. Мандатот го доби, но меѓу другото токму поради реанимацијата на Дачиќ ја доведе својата партија до просјачки стап, а себе во ситуација да биде поразен од реформираните радикали. Тадиќ е таму каде што е, а Дачиќ е осма година по ред на власт. Во моментов на привремена работа како министер за надворешни работи.

Но и омнипотентниот Александар Вучиќ во својата биографија има министерување во држвата на Милошевиќ, па најрадо би заборавил на „младешките гревови“. Меѓутоа, која е поентата на вакви годишници , ако сите заедно не се присетиме на старите добри времиња?

Системска корупција

Тајкунизацијата и „ортачко-другарскиот систем“, како што ја опишуваме тешката системска корупција, свои корени имаат во деведесетите години во Милошевиќева Србија. Додуша чесноста налага да се каже дека оние кои го соборија од власт Милошевиќ, неговиот систем го усовршија и проширија. Уште еден модел петтооктомвриските прваци научија од Милошевиќ: партијата е сѐ! И мајка хранителка и дива на чии каприци мора да одговараш за да не останеш осамен и беден, и чуварка на казанот која одредува кој прв ќе пријде и најефикасен завод за вработување. Таа е семејство. Партократијата е добар начин на сатирично имитирање на демократијата.

Освен тоа, во Србија немаше лустрација, немаше отворање на досиејата на тајните служби. Тамошните фанови на Милошевиќ продолжија да им служат на новите господари.

Аритмија на срцевиот мускул

Фиксацијата на Слободан Милошевиќ на Косово го крена во височни на почетокот на кариерата за потоа да биде важна и за неговиот пад. И таа фиксација човекот родум од Пожаревац ја остави во аманет на својот народ и на - Александар Вучиќ. Актуелниот српски премиер во Брисел преговара, молејќи го Бога во догледно време на ред да не дојде прашањето за признавање на Косово. Додуша, судејќи според количеството на солзавец во парламентот во Приштина, тоа нема наскоро нема да се случи. Но не ќе може ниту вечно да се одложува. Така Косово на кое нема ниту трага од српската држава останува „срце на Србија“, барем уште некое време.

На крајот треба да се спомене дека Слободан Милошевиќ и натаму е одлична проекциска површина за сите кои воодушевено му извикуваа „Слобо, слободо!“, а денес со новостекната памет го обвинуваат како единствен виновник за сѐ, иако со своите гласови ја легитимираа неговата кобна политика. Милошевиќ не беше диктатор, туку плебисцитарен автократ.

За утеха е фактот дека Србија целосно се откажа од силата како продолжение на националната политика со поинакви седства. Но , една деценија по неговата смрт и 16 години по развластувањето, последиците од владеењето на Милошевиќ ни од далеку не се надминати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми