1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Слободан Милошевиќ починал од инфаркт

Лудгер Казмјерчак / Зоран Јордановски13 март 2006

Тоа го покажа четиричасовната обукција. Но, и натаму не се исклучува ни можноста од труење на поранешниот југословенски претседател

Починатиот Милошевиќ
Починатиот МилошевиќФотографија: AP

Според синоќа објавениот привремен извештај од извршената аутопсија, експертите по судска медицина констатирале две срцеви болести кај Милошевиќ, кои би можеле да го предизвикаат инфарктот. Но, токсиколошки ќе биде испитана и крвта на починатиот, за да се види дали евентуално има траги на отров во неа. Во аутопсијата учествуваше и еден српски експерт, а уште двајца други претставници беа присутни како набљудувачи. Според агенцијата Франс прес, претставниците од Србија ја оцениле работата на лекарскиот тим што ја вршеше обдукцијата како „многу професионална“. Според хашкиот Трибунал, до поднесувањето на дефинитивниот извештај може да поминат и повеќе денови.

Зденко Томановиќ, адвокат на Слободан Милошевиќ, вчера на јавноста и’ прикажа писмо напишано од починатиот, во кое тој искажува страхувања дека би можел да биде отруен во затворот на судот на ОН за воени злосторства во некогашна Југославија. Во анализата на крвта, извршена на 12-ти јануари, биле најдени високи дози на лек кој вообичаено се применува во третманот на лепра или туберкулоза – се тврди во писмото. И холандската телевизиска станица НОС извести дека при истрагата за смртта на Милошевиќ биле констатирани супстанци кои го засилувале дејството на лековите што тој вообичаено ги примал за третман на високиот крвен притисок и на срцевите тегоби.

Главниот обвинител на Трибуналот Карла дел Понте вчера не сакаше да исклучи ни инфаркт, како ни самоубиство. Таа остро ги отфрли прекорите дека обвинетиот не бил доволно медицински згрижен и оцени дека е на место решението на судот да не му дозволи на Милошевиќ да се лекува во Москва. Руски специјалисти можеле да го лекуваат во секое време, но само во Ден Хаг, рече дел Понте.

Таа призна дека ненадејната смрт на Милошевиќ е личен пораз за неа. Постојано наново и’ беше префрлувано дека обвинението го преоптоварила со многубројни детали и поради тоа процесот не можеше да биде приведен кон крај. На прес-конференција во саботата Карла дел Понте се бранеше дека во овој случај не станува збор само за осуда и казна, туку и за вистината – жртвите на војните во екс-Југославија имале право да дознаат што се случувало тогаш. „Најдлабоко жалам поради смртта на Слободан Милошевиќ. На жртвите тој им ја украде праведноста, што ја заслужија“ – рече дел Понте. Таа изрази надеж дека вистината сега ќе излезе на виделина преку другите процеси.


Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми