1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вранишковски ќе излезе на слобода, МПЦ и СПЦ ќе влезат во преговори

Катерина Блажевска23 декември 2014

Ослободувањето на владиката Јован се очекува пред Божик, а веднаш потоа ќе се формираат црковни тимови кои ќе почнат фазни разговори за отворените прашања меѓу МПЦ и СПЦ, тврдат црковни извори

Фотографија: DW

Помилување на архиепископот на Православната охридска архиепископија, владиката Јован, негово ослободување од затвор пред Божик и одмрзнување и почеток на дијалогот меѓу Српската и Македонската православна црква. Тоа е очекуваниот епилог од посредништвото на Руската православна црква, преку еден од нејзините највлијателни владици, митрополитот Иларион Алфеев, кој изминатиот викенд се сретна и со државниот и со црковниот врв на Македонија. Тој побара Вранишковски да биде пуштен на слобода, како услов за продолжување на дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ.
Неговите пораки беа повод и за вчерашната вонредна седница на Светиот синод, по која МПЦ јавно побара „милост“ за Вранишковски и соопшти дека ја прифатила иницијативата на РПЦ да даде свој придонес за обновување и успешно реализирање на дијалогот меѓу МПЦ и СПЦ за решавање на отворените прашања меѓу двете цркви.
„САС на МПЦ-ОА служејќи Му на Бога, кој преку светиот пророк Осија, вели: Јас повеќе сакам милост, отколку жртва, (Ос. 6, 6) и потсетувајќи се на зборовите на Спасителот „одете и научете се' што значи: ‘Милост сакам, а не жртва’ “ (Матеј 9, 13), раководен од духот на човекољубието, а заради повисоки цели, ги повикува надлежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот поранешен митрополит Јован, кој и покрај престапите поради кои е осуден и одлежува затворска казна, во овие свети предбожикни денови, не треба да биде лишен од надежта за милосрдие“, се наведува во соопштението на МПЦ.
Потоа и ПОА се огласи со соопштение, во кое барањето за помилување на владиката Јован го оцени како значаен чекор.

„Јавното барање, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован да биде помилуван од затворската казна, коешто на 22 Декември 2014 година го објави МПЦ, непризната од останатите Цркви, го цениме како значаен чекор кон воспоставувањето дијалог за канонскиот статус на таа црква во семејството на признатите православни Цркви. Во исто време, изразуваме жалење, што се изгуби толку многу скапоцено време и се направија толку големи и болни жртви, но веројатно за цената на единството на Црквата не е ништо ни премногу, а не е ништо ни преголемо. Црквата е сепак Христова и Тој се грижи за неа повеќе од сите Епископи на светот заедно“, се вели во соопштението на ПОА.

Фотографија: MIA

Да не се повтори амбиентот од 2002 година

Повикот на МПЦ предизвика голем интерес, пред се‘, поради повеќекратните укажување на организациите за заштита на човекови права дека Вранишковски е жртва на политиката. Многу од нив сметаат дека повикот за помилување требаше да дојде многу порано. Сличен став дели и новинарот Зоран Бојаровски, упатен во проблематиката меѓу двете цркви.

„Се разбира дека е задоцнета оваа иницијатива на МПЦ-ОА, со која ги повикува 'надлежните власти на Република Македонија за милост во однос на затворениот поранешен митрополит Јован', односно Архиепископот на ПОА г. Јован. Тој без вина неколкукратно беше затворан и, организациите за човекови права, сосема со право, го прогласија за прв политички затвореник. Тоа за Македонија беше крајно непријатна ситуација, зашто е единствена земја во Европа со политички затвореник. Сето тоа го направија тие што сега бараат властите да покажат милост. Истите тие што ги покренуваа сите судски процеси. Од човечка страна, пак, имајки ја предвид ситуацијата во која е ставен Архиепископот Јован, ова е добредојдена иницијатива и искрено се надевам дека 'надлежните власти' ќе ја прифатат и наскоро човекот ќе и се врати на слободата. Сосема друго е прашањето каква порака и на кој начин таа порака им беше испорачана на 'надлежните власти' и на врвот на МПЦ-ОА од страна на претседателот на одделот за надворешни црковни врски на Московскиот Патријархат, Митрополитот Волоколамски г. Иларион (Алфеев). Резултат на таа испорака е оваа иницијатива, иако тоа истото се бараше и се очекуваше од МПЦ неколку години наназад. Сега е најважно оваа иницијатива да се испроцесуира докрај и да се ослободи првиот политички затвореник“, вели Бојаровски. Според него, засегнатите страни - „надлежните“ и МПЦ, ќе избираат зборови и ќе ги контекстуализираат, за да ги намалат штетите врз нивниот углед. Но, смета дека и тоа е помалку важно.

„Уште поважно е да не се повтори амбиентот од 2002 година, кога беше потпишан па порекнат Нишкиот договор. Сега е најбитно 'добрите познавачи' и 'аналитичари' да се воздржат и да не ја потпалуваат оваа ситуација. Ако тие ја потпалуваат, другите треба да го препознаат тоа и соодветно да го именуваат. МПЦ-ОА да се престрои, да се преуми и да сфати дека овој проблем треба да се рашава, а не да се турка под тепих и да се пребива во изолација. Ако се доврши овој прв чекор, тогаш треба да се искористат сите добронамерни иницијативи да се побара најдоброто решение“, сугерира Бојаровски.
Фазни разговори
По јавниот повик за помилување на владиката Јован, од МПЦ нема дополнителни објаснувања за она што било разговарано меѓу црковниот врв и рускиот митрополит, во однос на конкретни рокови за рализација на планираните цели. Црковни извори упатени во преговорите велат дека се очекува ослободувањето на Вранишковски да биде пред Божик. Потоа да се формираат црковни комисии, кои во фази ќе разговараат за статусот, името и именувањето на МПЦ од страна на други православни цркви за евентуалното решение да биде прифатено на Се‘православниот собор закажан во Истанбул.

Фотографија: DW

„Она што е најважно и треба да се поздрави е подготвеноста на Руската црква да посредува во одмрзнување на дијалогот со СПЦ. Тие односи не смеат да бидат во заложништво заради една личност. Добро е што тоа е прифатено и од црковен Белград, бидејќи досега од таму беа одбивани некои предлози од Скопје за посредништво, како на пример, посредник да биде албанскиот архиепископ Анастасиј Јанулатос. Посредништвото на РПЦ е многу важен и значаен чекор за градење на амбиент на доверба и дијалог меѓу МПЦ и СПЦ“, велат овие извори. Според нив, СПЦ досега одбивала посредување тврдејќи дека може сама да го реши проблемот, но тој став бил сменет по неодамнешната посета на рускиот патријарх на Белград, со која всушност и биле „поставени темелите“ на руското посредништво меѓу Белград и Скопје.

Засега не е извесно дали и во наредните фази ќе остане посредник митрополитот Иларион Алефеев или ќе има други. По ослободувањето на владиката Јован, во втората фаза, се очекува што поскоро да се формираат црковни тимови (комисии) кои ќе ги почнат разговорите за отворените прашања. Според црковни извори засега немало предуслови за персоналниот состав во комисиите. Во третата фаза ќе почнат да се отвораат најчувствителните прашања како што се статусот на МПЦ и името.

Со оглед дека во Белград не се спомнува црковното судење кое СПЦ го најави за македонскиот архиепископ г.г. Стефан, (тема, која наводно и не била отворена во разговорите со рускиот митрополит), во МПЦ тоа го сметаат за знак на градење атмосфера за дијалог. Веруваат дека такво нешто и воопшто нема да се случи, бидејќи во спротивно ќе се доживее како радикализација на атмосферата и може да придонесе за прекинување на контактите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми