Слобода за Шешељ
31 март 2016„Војислав Шешељ е слободен човек“, рече денеска судијата Жан-Клод Антонети при изрекувањето на пресудата во отсуство на 61-годишниот српски радикал.
Шешељ беше обвинет за злосторства врз Хрвати и муслимани во Хрватска, Војводина и Босна и Херцеговина во периодот од 1991-1993 година.
Во три точки од обвинението Шешељ се товареше за злосторства против човештвото - прогон на не-Срби врз политичка, расна и верска основа, депортација и присилно преместување. Во шест точки од обвинението водачот на српските радикали се товареше за кршење на законите и обичаите на војување - убиства, мачење, безобѕирно уништување на села или пустошење кое не е оправдано со воена нужда, уништување верски објекти и ограбување јавен или приватен имот.
Во завршните зборови пролетта 2012 година, обвинителите тврдеа дека докажале оти Шешељ е виновен по сите точки од обвинението и побараа судиите да му изречат казна од 28 години затвор. Шешељ, кој се бранеше сам, тврдеше дека ги побил сите точки од обвинението и побара да биде ослободен. Тој рече и дека Трибуналот го прекршил неговото право на судење во разумен рок, држејќи го во притвор подолго од 11 години.
Во судскиот притвор во Шевенинген Шешељ беше од 24. февруари 2003 година, кога се предаде доброволно веднаш откако Трибуналот го обелодени обвинението против него, сѐ до 12 ноември 2014 година, кога е пуштен на привремена слобода во Србија. Тој потоа изјави дека нема доброволно да се врати на изрекувањето на пресудата.
На средината од март Судот одлучи дека Шешељ не мора да се врати на изрекување на пресудата поради тоа што беше усвоен аргументот на српската влада дека не е можно да се прекинува, ниту во Хаг да се продолжи лекувањето на Шешељ, кој боледува од рак на црниот дроб.