Отвореното попречување во работата на новинарски тим во Дрезден е скандалозна, но речиси и секојдневна појава. Против ова неопходно е гласот да го крене демократска Германија. Но тоа не е на повидок, смета Јенс Турау.
Реклама
Во Германија стана речиси рутина Саксонците да се омаловажуваат како народ на заостанати и десничарски настроени. Глупаво клише, несомнено. Но, жителите на германската покраина Саксонија не ја олеснуваат работата. Така камера-тим на вториот канал на германска телевизија - ЗДФ, пред една недела едноставно си ја вршеше својата работа за време на посетата на канцеларката во Дрезден, и ги снимаше демонстрациите на десничарското движење Пегида против Ангела Меркел. А новинарите беа навредувани од страна на демонстрантите како „лажговци“, што пак воопшто не ги загрижи полицајците кои стоеја недалеку. Потоа тие навистина се активираа - против новинарите! Еден особено гласен демонстрант ги повика службените лица да преземат дејствија против соработниците на ЗДФ. И тоа и се случи. Полицајците немаа попаметна работа отколку повеќепати да ги проверувааат нивните лични документи - цели 45 минути.
Само полицајците се однесувале „сериозно“
Згора на тоа, премиерот на Саксонија, Михаел Кречмер, инаку сопартиец на Меркел во ЦДУ, побрза да изјави дека само полицајците сериозно се однесувале во целата оваа ситуација. Една недела по оваа бесрамна опструкција на слободата на печатот, покраинската влада на Саксонија едноставно информираше дека агресивниот демонстрант бил вработен на покраинската служба за борба против криминалот. Страшно, но не и неверојатно.
Имено, веќе не е никаква новина дека во Саксонија и секако и на други места во Германија, долго важечката демократска нормалност запаѓа во потешкотии. Лошото е недостатокот на каков било отпор од официјална страна. Новинарите се непријатели, а не гаранти за фундаментално право - така смета Пегида, но, очигледно и премиерот Кречмер размислува исто така. Кога тој вели дека само полицијата се однесувала „сериозно", тој впрочем го обвинува тимот на ЗДФ дека не бил „сериозен“. Патем, на снимениот материјал на колегите се гледа како на новинарите отворено им се закануваат и други учесници на демонстрациите. За тоа нема никаков коментар од покраинската власт.
Се разбира дека Кречмер и неговите колеги се водени од гол страв. На изборите за Бундестагот минатата есен, деснопопулистичката партија „Алтернатива за Германија" (АфД) во Саксонија веќе беше посилна од вечно владејачката ЦДУ. Следната година, во Саксонија ќе се избира нов состав на покраинскиот парламент - и изгледа ќе биде исклучително тешко да се формира нова покраинска влада без АфД. Десничарско-екстремистичките, антиимигрантски и антидемократски идеологии се широко распространети во сите слоеви на населението во Саксонија. А како што може да се види, дури и во покраинските служби.
Кој ќе им даде поддршка на новинарите?
Дури и во сојузната политика, новинарите само со големи напори стигнуваат до поддршка.Па така министерката за правда, Катарина Барли од СПД, настаните во Дрезден ги нарече „загрижувачки". И полицијата во Саксонија има намера уште оваа недела да се сретне со претставници на ЗДФ за да бидат разјаснети работите. Сето тоа е добро и убаво. Но за нас новинарите не значи многу, ако инцидентите како оние во Дрезден станат сѐ почести.
Слободното и непречено известување е суштински белег на демократијата - овој очигледен факт едноставно го заборавиле многумина. Агресивните демонстранти го заборавиле во секој случај, но и многу одговорни лица во службите, министерствата, во полицијата. И тоа ќе остане така, сѐ додека тивкото мнозинство во Германија, за кое оптимистички може да се претпостави дека сѐ уште високо ја цени слободата на известување, конечно не се јави за збор и не им понуди поддршка на новинарите. Или канцеларката може да го стори тоа. Но, за жал тоа не може да се очекува.
Апсени, мачени, убивани
Поради тоа што ја работат својата работа, новинарите се на мета на влади, нарко банди или екстремисти. По повод светскиот ден на Слободата на медиумите потсетуваме на дел од нив, од Мексико преку Македонија до Бангладеш
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/A.Naveed
Турција: Дениз Јуџел
Германско-турскиот новинар Дениз Јуџел од февруари 2017 година е во затвор во Турција. Обвинет е за ширење терористичка пропаганда и бунт. Докази за тоа не се доставени. И покрај острите критики од Германија, турскиот претседател Ердоган најави дека Јуџел нема да биде ослободен. Повеќе од 140 новинари се уапсени во земјата по неуспешниот пуч минатата година.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C.Merey
Русија: Николај Андрушченко
Непознато лице го претепа Андрушченко на улица во Санкт Петербург. На 19 април годинава, 73 годишникот им подлегна на повредите. Андрушченко пишуваше за кршење на човековите права и криминал. Во неговиот последен документарец говореше за тоа дека Владимир Путин на власт дошол благодарение на врските со криминалците и КГБ.
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Usov
Бангладеш: Авијит Рој
„Мукто- Мона“, „слободен дух“, така се викаше блогот на критичарот на Исламот Авијит Рој. За себе говореше дека е „секуларен хуманист“ поради што го предизвика бесот на исламистичките екстремисти во Бангладеш. Рој живееше во САД. Кога во февруари 2015 дојде на саем на книги во Дака, фанатици го расекоа со мачети. Блогерите се постојана мета на екстремистите во Бангладеш.
Фотографија: Getty Images/AFP/M. U. Zaman
Мексико: Мирослава Брич
На 23 март 2017, Мирослава Брич беше убиена со осум истрели во глава од платен убиец. Новинарката известуваше за корупција и злосторства на нарко-картелите. Убиецот оставил порака „За предавничката“. Брич е трета новинарка убиена во Мексико во март годинава.
Тој важеше за единствениот политички затвореник во Југоисточна Европа: Кежаровски се најде во неволја затоа што објави делови од интерен полициски извештај работејќи на расветлувањето на смртта на еден друг новинар.Во октомври 2013 година, по сомнителен судски процес, осуден е на четири и пол години затвор. Подоцна е осуден на две години куќен притвор, за што во моментов пишува книга.
Фотографија: DW/K. Blazevska
Ирак: Шифа Гарди
Репортерката Гарди загина на 25 февруари на боиштето во северен Ирак при експлозија на мина. Родената Ирачанка работеше за курдската новинска агенција Рудав во Ербил и известуваше за борбите меѓу ирачките сили и Исламската држава. Во околината на Мосул, терористите на ткн. Исламска држава постојано киднапираат, протеруваат и убиваат новинари.
Фотографија: picture alliance/dpa/AA/F. Ferec
Саудиска Арабија: Раиф Бадави
Саудискиот активист беше осуден на десет години затвор и 1.000 удари со камшик. Бадави е во затвор од 2012 година поради „навредување на Исламот“. Во јануари 2015 за првпат беше јавно камшикуван. Во светот беше покрената кампања за негово ослободување, а режимот ја суспендираше казната. Неговата сопруга Енсаф Хајдар и децата добија азил во Канада.
Фотографија: Imago/C. Ditsch
Узбекистан: Салијон Абдурахманов
Од 2008. година Абдурахманов е во затвор, поради наводно поседување дрога. Владата на критичарите им подметнува дрога за да ги замолчи, тврдат од организацијата Репортери без граници. Гревот на Абдурахманов е што за независни портали и за Гласот на Америка пишуваше за корупцијата, човековите права и заштита на животната средина.
Кина: Гао Ју
Новинари, блогери и активисти кои го критикуваат режимот, во Кина се под голем притисок. Така и поранешната соработничка на Дојче Веле беше уапсена во 2014 година. Поради наводно објавување на државни тајни во 2015 беше осудена на седум години затвор. Благодарение на меѓународниот притисок пуштена е од затвор и казната ја издржува во домашен притвор.
Фотографија: DW
Азербејџан: Мехман Хусеинов
Тој објавува политички интернет магазин во кој пишува за корупција и кршење на човековите права. Мехмед Хусеинов е еден од најпопуларните видео блогери во Азербејџан. Со кампањата „Лов на корумпирани функционери“ обвинува високи функционери на Азербејџан за корупција. Повеќе пати е изложуван на закани, а во март 2017 е осуден на две години затвор поради клевета.