1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ќе стане ли една граѓанска активистка шеф на држава?

Кено Верзек
29 март 2019

Во Словачка сето укажува на тоа дека адвокатката и граѓански активист Зузана Чапутова ќе победи на претседателските избори. Ова се историски избори кои ќе ја постават насоката–не само за земјата, туку и за целиот регион.

Slowakei Zuzana Caputova Präsidentschaftskandidaten
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Baumann

Една година по убиството на истражувачкиот новинар Јан Куциак и неговата свршеница Мартина Куснирова, во Словачка во сабота се одржуваат историски избори за земјата и целата Источна и Југоисточна Европа – вториот круг од претседателските избори. По првиот круг од пред две недели повторно се соочуваат двајцата најдобро пласирани кандидати: социјаллибералната граѓанска активистка Зузана Чапутова и непартискиот евро-комесар Марош Шефчович, кој е поддржан од популистичката владечка партија, СМЕР. Иако претседателот на Словачка има претежно репрезентативна улога, сепак ова се избори кои според словачките аналитичари, како на пример, Матуш Костолни, главен уредник на дневниот весник Деник Н, се одлучувачки избор меѓу мафијашка структура или правна држава.

Јасно водство на Чапутова

Според анкетите, 45 годишната адвокатка и политичко ново лице Зузана Чапутова значително води и според проценките е можно да добие околу 60% од гласовите. Нејзиниот противкандидат, 52 годишниот дипломат од кариера Марош Шефчович има поддршка од 40%. Ако ова се оствари, Капутова ќе биде прв кандидат на словачки претседателски избори кој ќе победи со предност од 20%.

Всушност Словачка е доминантно конзервативна земја – иако е управувана од коалиција под водство на номинално социјалдемократската партија СМЕР. Фактички СМЕР доминантно застапува десно-национални и десно-популистички позиции. Но, тоа што сега фаворит е една разведена жена, која застапува политички либерални ставови и се залага за левичарска социјална политика, покажува колку е голема промената на расположението во земјата. Тоа е контраст со порастот на популистите во целиот регион. Анкетите во сите земји на Југоисточна Европа покажуваат дека многу луѓе сакаат пофункционална правна држава, транспарентност и подобро владеење.

Фотографија: picture-alliance/dpa/CTK/S. Petr

Повеќе:

-Убиството на Јан Куциак: Што знаеше државата?

-„Словачка оди по патот на Орбан“

-Словачка - земја со „мафијашки структури“?

Политичкиот подем на Чапутова од една страна се објаснува со разочарувањето на многу Словаци од коруптивните и криминални афери на нивната владејачка елита, а од друга страна поради недостатокот на промени по убиството на Јан Куциак. Додуша пред една година двајцата најмоќни луѓе во Словачка поднесоа оставки – шефот на владата Роберт Фицо и неговиот министер за внатрешни работи Роберт Калинак. Сепак, до сега не се случија фундаментални промени во политиката и државата.

Коруптивни врски

На крајот на краиштата убиството на Куциак и Куснирова е делумно расветлено. Освен тоа двајца од најконтроверзните словачки претприемачи се во затвор поради афери со измама – магнатот со недвижности, Ладислав Бастернак и бизнисменот Мариан Коцнер. За вториов се вели и дека го нарачал убиството на Куциак. Двајцата се симбол за коруптивни и криминални практики во Словачка, чиј успех зависи од политичка и државна помош – Бастернак и Коцнер со години одржуваа тесни врски со врвни политичарии и високи функционери во земјата. Роберт Фицо, на пример се уште живее во луксузен апартман во еден комплекс кој што до неодамнешната конфискација на имотот беше во сопственост на бизнис империјата на Бастернак.

Зузана Чапутова пак се залага за борба против вакви врски. Имено таа до пред некое време не им беше позната на многу луѓе во Словачка. Сепак таа веќе две децении работи како адвокат за граѓански права и во еден долгогодишен процес доби историска одлука за Словачка, со која во нејзиниот град Пезинок, североисточно од Братислава забрани изградба на нелегални депонии.

Таа не ужива доверба само поради нејзината долгогодишна работа и борба против естаблишментот, туку и поради тоа што во изборната кампања самата отворено застапува ставови кои не го отсликуваат словачкиот мејнстрим, како што се истополовите партнерства или абортусот. Тоа и дава дополнителна слика на цврстина и интергритет.

Марош ШефчовичФотографија: picture-alliance/abaca/ANDBZ/Monasse

Проблематичен имиџ на противкандидатот

Нејзиниот противкандидат, Евро-комесарот за енергетика, Марос Шефчович е сѐ понеуверлив. Тој е познат како левичарски социјалдемократ, но во изборната кампања се претставува како чувар на традиционалните вредности и класично семејство, како побожен христијанин и словачки патриот – промена на која многу не и веруваат. Поддршката од владеачката партија СМЕР исто така не му е од корист, особено не во последниве недели кои се полни со негативни наслови за партијата. Така на пример, првиот човек на СМЕР, Роберт Фицо, којшто е познат по неговите тиради против независните медиуми, минатата недела повеќепати остро ги прекори медиумите – последен пат минатата среда, кога кажа дека најголема закана за демократијата во неговата земја се медиумите. Тој нема никаква почит за новинарите. Но по убиството на Куциак јавноста се покритички реагира на ваквите испади.

Една новинарка која Фицо лично ја нападна и која доби тужба за нејзин напис, е Беата Балогова, главен уредник на СМЕ, најголемиот дневен весник во земјата. Пред изборите во недела таа во нејзиниот главен текст напиша: „Нам не ни е потребен уште еден моќен член од олигарсите. Нам ни е потребен автентичен авторитет кој може да направи разлика меѓу добрите и лошите и кој разбира дека треба да изгради пристојна политика."

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми