1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија: Братушек в понеделник ќе поднесе оставка

СН/жа/дпа/афп/ртр3 мај 2014

По загубата на претседателското место во нејзината партија, словенечката премиерка Аленка Братушек најави оставка. Таа изрази надеж дека во јуни ќе можат да бидат одржани предвремени избори во земјата.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Словенечката премиерка Аленка Братушек денеска (03.05) по состанокот со претседателите на партиите во својата коалициска влада најави дека во понеделник ќе поднесе оставка до претседателот на државата Борут Пахор, и за тоа ќе го извести и претседателот на парламентот Јанко Вебер.

„Заедно дојдовме до заклучок дека за Словенија би било најдобро да има предвремени избори што побрзо, значи пред лето“, рече Братушек, по состанокот со претседателот на социјалдемократите (СД) Игор Лукшиќ, претседателот на Демократската партија на пензионери (ДЕСУС) Карл Ерјавец и претседателот на Граѓанската листа (ДЛ) Грегор Вирант.

Со оставката на 44-годишната премиерката според ќе престане и мандатот на министрите, а владата до именување на новата ќе ги извршува тековните работи. Братушек во изјавата за јавноста оцени дека предвремените избори може да се случат пред јули, така што првиот можен датум е веќе 22. јуни, а одлуката за датумот зависи од пратениците во парламентот. Братушек додаде дека политичката ситуација не е причина „за паника“ бидејќи нејзината влада ги стабилизираше јавните финансии, а и оценката за економските прогнози до крајот на годината е подобра од поранешните.

„И постигнатите резултати и прогнози покажуваат дека Словенија е на пат кон успех“, додаде таа. На прашањето каков ќе биде нејзиниот личен пат, Братушек рече дека тоа зависи од неа и од пратениците кои ја поддржуваат откако приматот по внатрешните избори во партијата Позитивна Словенија (ПС) морала да му го препушти на љубљанскиот градоначалник Зоран Јанковиќ.

Претседателот на социјалдемократите Игор Лукшиќ ја поддржа одлуката на Братушек да поднесе оставка, истакнувајќи дека тоа е најсоодветен чекор во сегашните околности. „Актуелната влада ја остава Словенија во значително подобра состојба од онаа во која ја остави претходната влада. Станува збор за промислена одлука откако главната задача на оваа влада годинава е довршена“, изјави Лукшиќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми