Словенија ги блокира хрватските штедачи
9 март 2013Во банкарскиот кварт во хрватскиот главен град Загреб еднаш годишно Зоран Буриќ бара да му ја впишат каматата во неговата штедна книшка.
Фактички убава работа: на книшката има 71 илјада евра. Наследство за кое неговите родители како работници во Германија работеле и штеделе со децении. Парите ги испраќале во Љубљанска банка во тогашната југословенска република Словенија. Тоа за Буриќ денес е проблем. „Не можеме да дојдеме до парите, затоа што Љубљанска банка ја нема - тие велат дека тука повеќе немаат пари и оти сега хрватската држава е одговорна за тоа“, вели Буриќ.
Во прашање се милијарди
По распадот на Југославија, банката се прогласи за ненадлежна за клиентите од другите делови на државата. Во Загреб остана само едно претставништво во анонимна кула со канцеларии, каде всушност се крие банката.
„Тука нема никакво обележје на фирмата. Само на горниот кат има еден лист хартија на кој пишува Љубљанска банка. Друго ништо. Значи, или знаете дека е тука или не знаете. Но, официјално тука нема ништо“, истакнува Зоран Буриќ.
Банката не сака присуство на камера, никакво предизвикување внимание - се чини како да сакаат што е можно помалку од вкупно 300 илјади оштетени да ги одржат активни побарувањата. Според проценките, станува збор за милијарди.
Тоа може да им предизвика проблеми овде: час и пол возење на север во словенечкиот главен град се наоѓа Нова Љубљанска банка, делумно во државна сопственост, наследничка на банкротираната банка.
Неколку виртуелни евра повеќе
НЛБ не сака да има ништо со старата банка и ги блокира сите побарувања, иако при основањето во 90-те години презема се’: филијалите, клиентите и депозитите на старата Љубљанска банка.
Според словенечкиот аналитичар Карел Липнијак ова е грабеж, прикриен од владата, која сака да ја заштити банката во криза чиј делумен сопственик е и таа. Во Словенија - земја членка на ЕУ. Карл Липнијак, аналитичар во словенечкиот весник „Финансии“ истакнува:
„Од самиот почеток тоа беше чуден договор, можен само во времето на транзицијата од социјализам во демократија. Денес тоа би било нелегално“.
Во Загреб, Зоран Буриќ има неколку виртуелни евра повеќе - од каматата впишана во штедната книшка. Но речиси ја загуби надежта дека било кога ќе му биде достапно наследството.