Словенија и Хрватска се договорија
11 септември 2009Хрватската премиерка Јадранка Косор денеска (11.09.09) до шведското претседателство со ЕУ испрати изјава дека ниту еден документ, став, писмена или усна изјава во хрватскиот преговарачки процес не ја прејудицира државната граница меѓу Хрватска и Словенија. Во таа гаранција исто така се наведува дека ниту еден документ или едностран потег по 25 јуни 1991 година нема правно дејство во решавањето на граничниот спор, било на арбитражниот суд, или во текот на преговарачкиот процес.
Словенија ќе деблокира
Словенечкиот премиер, Борут Пахор, истакна дека преговорите околу решавањето на граничниот спор продолжуваат во рамки на ЕУ, на онаа точката на која беа прекинати на 15 јуни оваа година, кога на маса беше последниот предлог на комесарот за проширување на ЕУ, Оли Рен. Пахор истакна дека словенечката влада ќе им предложи на комисиите за надворешни и европски работи при словенечкиот парламент да ги деблокираат претпристапните преговори на Хрватска со ЕУ.
Ако владиниот предлог добие поддршка во парламентот, Пахор рече дека е договорено пристапните преговори да продолжат што е можно поскоро, односно дека двете земји ќе го повикаат шведското претседателство што поскоро да свика претпристапна конференција, што ќе овозможи истовремено да се укине блокадата и да се продолжат преговорите за надминување на граничниот спор. Косор истакна дека се надева оти оваа конференција да се одржи до крајот на септември.
Победа на дијалогот
Двајцата премиери изразија големо задоволство од постигнатиот договор и оценија дека станува збор за успех и победа на дијалогот и заштитата на интересите на двете држави и народи. Пахор и Косор се согласија дека со овој договор се отвора нова страница во односите меѓу двете земји, или како што рече Косор „поглавје на пријателство и меѓусебно почитување.“
На крајот од прес-конференцијата во Љубљана, на која не беа предвидени новинарски прашања, беше истакнато дека ова ќе овозможи и интензивирање на економската соработка меѓу Хрватска и Словенија.
Словенија го блокира отворањето на девет глави од пристапните преговори, како и затворањето пет глави од преговорите.
Автор: ТТ/ЗЈ/хина
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска