1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија: Назад во реалноста

Зоран Арбутина / Елизабета Милошевска Фиданоска15 декември 2012

Словенија долго време важеше за урнек меѓу новите членки на ЕУ. Сега земјата е во тешка економска и општествена криза. Најголем дел од проблемите се од „сопствено производство“.

Фотографија: picture-alliance/dpa

Низ Словенија шета дух - духот на чадорот за спас. Конзервативната влада на Јанез Јанша предупредува од можен „државен банкрот“ доколку не бидат спроведени социјални реформи и мерки за штедење. Тоа мора да се избегне, зашто „секоја словенечка влада ќе биде посоцијална од најблагиот диктат на Тројката“, вели Јанша.

Кога земјата заедно со девет други земји стана членка на ЕУ во 2004 година, беше фалена како „најдобар ученик“ и „земја за пример“. На неa се гледаше како на добро подготвена земја за членство во клубот на индустриските држави, земја со здрава и робустна економија. Никој не беше изненанден кога Словенија во 2007 година го воведе еврото.

Привлечноста на евтините пари

Сега се покажува дека ваквата слика била лажна. Словенија беше најразвиена југословенска република, а по приемот во ЕУ земјата доживеа дополнителен полет. Основата за тоа, меѓутоа, беа пред се‘ евтините пари што земјата без проблем ги добиваше на меѓународните финансиски пазари, објаснува Хермине Видовиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски студии:

Ученикот за пример е длабоко во криза

„Словенците во годините по приклучувањето кон ЕУ живееја многу на кредит. Имаа огромни долгови кон странство со што го финансираа градежништвото во земјата, кое меѓутоа наеднаш падна.“ Истовремено, поволните кредити ги поттикнуваа фантазиите на менаџерите за експанзија, вели Видовиќ и додава: „Имаше многу ризични преземања на фирми, но дел од тие фирми не го донесоа она што се очекуваше. Сега тие се многу задолжени.“

Друг проблем е тесната испреплетеност на политичките и економските структури во Словенија. За разлика од повеќето други поранешни социјалистички земји во Европа, во Словенија по распадот на Југославија немаше голема приватизација на стопанството. И со оглед на тоа што се настојуваше да се биде „господар во своја куќа“, се отежнуваше и приливот на „странски“ капитал секаде кадешто беше можно. Тоа значеше немање странски инвестиции.

Многу големи фирми и најважните банки во Словенија се и натаму во државна сопственост, вели Видовиќ, „што остава простор за сомнеж дека одлуките за кредити често не се носат поради економски, туку поради политички причини“. На тој начин носителите на политички одлуки си ја купуваат наклоноста на избирачите и социјалниот мир.

Последиците од ваквата политика се разорни. Задолженоста е двојно зголемена во последните четири години и изнесува околу 50% од брутодомашниот производ.

Дојде време за отрезнување

Општествените последици исто така јасно се чувствуваат. Луѓето во Словенија долго време знаеја само за една насока на економскиот равој - нагоре! Сега, за првпат по прогласувањето независност во 1991 година, се шири сознанието дека денес се живее полошо отколку порано и дека во иднина може да биде уште полошо. Тоа кај Словенците предизвика губење на самодовербата, објаснува Денис Ромац, политички аналитичар и новинар од Загреб. Се шири депресија, зашто „Словенците со години сметаа дека се најдобри, најуспешни и сите го следат нивниот модел“. Сега почнуваат да сфаќаат дека „направиле нешто погрешно“, вели Ромац.

Чувството на бесперспективност постојано преминува во бес. Во повеќе словенечки градови имаше протести против мерките за штедење на владата. Ромац вели дека бесни се пред се‘ младите: „Тие имаат чувство дека се предадени и измамени од страна на политичките елити. Имаат впечаток дека политичарите им земале нешто што тие го имале порано.“

Хемрине Видовиќ, напроти тоа, нагласува дека „луѓето во Словенија долго време живееле над своите можности“, што им било овозможено преку евтини кредити. Сега доаѓа време на отрезнување: „Времето на бум и трошење е минато, сега и во Словенија владеат реални прилики.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми