Словенија на пат да побара помош од ЕУ?
13 ноември 2011Преминувањето на границата од седум проценти камата за државните обврзници ги принуди Ирска, Грција и Португалија да прифатат финансиска помош. Минатата недела словенечкиот министер за финансии Франц Крижанич тврдеше дека неговата држава е добро снабдена со извори на капитал и дека до 2014 година не очекува поголеми проблеми.
Познатиот словенечки економист и министер за развој, Митја Гашпари, меѓутоа, ги убедуваше пратениците во парламентот да усвојат интервентни закони и тврдеше дека преминот на границата од седум проценти претставува оценка на финансиските пазари дека Словенија не е моќна да реагира на настанатите состојби. Во своето убедување министерот не беше успешен и парламентот не ги усвои интервентните закони.
Словенија последниот пат на меѓународните финансиски пазари се задолжуваше со камати нешто над пет проценти, а на крајот од неделава купувачите на словенечкиот долг за поголемиот дел од долгорочните обврзници бараа заработувачка од седум проценти.
Автор: ЖА/ЕМФ/бета
Редактор: Е. М. Фиданоска