1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенија, новиот претседавач на ЕУ

28 декември 2007

Словенија од 1 јануари 2008 година е првата од 12-те нови членки на Европската унија што ќе седне на шефовската фотелја во Брисел. На крајот од шестмесечниот турнус ќе биде оценувана само по една тема: Балканот.

Љубљана ќе биде соочена со балканските проблемиФотографија: AP

Експертите сметаат дека претстојното прогласување независност на Косово во наредните месеци би можело да го потресе целиот регион. На Љубљана ќе и’ биде потребна голема политичка вештина за да спречи ескалација. Тоа, како што се вели во Брисел, ќе биде единствената проба на тоа претседателство.

По повод словенечкото претседателство на Европската унија, весникот „Зиддојче цајтунг„ пишува дека Словенија е најпросперитетната држава на Балканот. Посебно импресионира со економскиот биланс. Од напуштањето на федерацијата пред 16 години, бруто-домашниот производ по глава е седум пати поголем и сега изнесува 25 илјади евра. Стапката на невработеност е на ниво на просекот во Унијата, а извозот доживува бум. Весникот додава дека словенечкото претседавање доаѓа во поволен момент за Балканот. Политичарите во земјата ги познаваат народите во регионот, нивниот јазик и историјата на судирите, на пример на Косово. Поради тоа, словенечкиот шеф на дипломатијата е уверен дека неговата земја ќе успее да спречи поделба во Унијата за косовското прашање. Истовремено, Словенија ќе направи се за интеграцијата на Балакн, а со тоа и на Србија, во Европската унија„.

За истата тема во виенскиот весник „Ди пресе„ читаме:

„Љубљана, кога станува збор за косовското прашање, се уште очекува некои компликации. Додуша, на самитот во декември, унијата во принцип одобри мисија на Косово, но конкретното спроведување бара уште една согласност на европските влади. Станува збор и за не помалку дипломатски замрсеното признавање на независноста на Косово. Пред се Кипар страхува од поддршка на независноста, зашто овој случај би можел да биде интерпретиран во полза на турски Северен Кипар. Словенечкото претседателство ќе мора, покрај интерните несогласувања во Европската унија, да се постави и кон разликите со Москва и Белград. Повторно би можел да биде загрозен неопходниот економски договор меѓу Русија и ЕУ, поради спорот околу Косово. Словенија инаку, се залага за целосно решение за Балканот кое тргнува од позицијата за членство на сите поранешни ју-републики во Унијата. Најнапред ќе треба да биде спроведено олеснување на визниот режим, како и посилно економско поврзување„, пишува меѓу другото виенскиот весник „Ди пресе„.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми