Словенците избираат - дали стариот ќе биде нов претседател?
11 ноември 2012За претежно репрезентативната функција претседател конкурираат тројца кандидати. Според последните истражувања на јавното мислење направени пред изборите, досегашниот претседател Данило Тирк води, а зад него е поранешниот премиер Борут Пахор. Во трка е и кандидатот на владејачката централно-десничарска коалиција Милан Звер. Се очекува да има и втор круг избори, односно се претпоставува дека ниту еден од тројцата кандидати нема да освои апсолутно мнозинство уште во првиот круг гласање.
Словенија во моментов се бори со една од најтешките рецесии во целата еврозона. Земјата има пред се‘ проблеми поради драстичното намалување на извозот, полошиот животен стандард на граѓаните и високата стапка на невработеност. Во моментов, во земјата има околу 12% невработени. Во текот на летото, пак, каматите за словенечкиот државни обврзници изнесуваа седум проценти. Оваа вредност се смета за критична, поради тоа што таквите камати ги натераа Грција, Ирска и Португалија да бараат помош од чадорот за спас. Поради тоа се шпекулира дека и на Словенија можеби би и‘ била потребна помош од европскиот механизам за спас.
Данило Тирк ја обвинува владата на Јанез Јанша дека не реагирала доволно брзо на економската криза. Освен тоа, според Тирк, пакетот мерки за штедење што ја има поддршката на Јанша, не паѓа подеднакво на товар на сите граѓани.