1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Словенците одлучуваат за границата со Хрватска

4 мај 2010

Словенечките граѓани на 6 јуни ќе се изјаснат за Договорот меѓу Хрватска и Словенија за решавање на спорот за границата со меѓународна арбитража. Но, многумина сметаат дека референдумот ќе биде тест за владата на Пахор.

Спор околу Пиран: крајниот збор ќе го имаат граѓанитеФотографија: AP

Со 78 гласа „за“ и ниту еден „против“, словенечкиот парламент доцна во ноќта ја донесе одлуката граѓаните да го кажат последниот збор околу стапувањето на сила на договорот за решавање на граничниот спор со Хрватска. Резултатите од референдумот ќе бидат обврзувачки за владата и во случај одговорот да биде негативен, владата на Борут Пахор во наредната една година нема да смее пред парламентот да поднесува нови предлози за решение на меѓуграничниот спор.

Граничниот спор ја попречува интеграцијата на Хрватска во ЕУФотографија: DW

Парламентарната расправа покажа дека во претстојниот период ќе се води жестока референдумска кампања. Така владејачката коалиција тврди дека одбивањето на арбитражниот договор би било катастрофална грешка, бидејќи се работело за добро решение на долгогодишниот граничен спор, со кој се штителе и виталните интереси на Словенија. За опозицијата меѓутоа Договорот претставува пат кон губење на словенечкиот територијален контакт со меѓународното море. Шефот на опозицијата, Јанез Јанша, го повика премиерот Борут Пахор да поднесе оставка, во случај референдумот да пропадне, а се` повеќе се засилуваат гласовите кои велат дека изјаснувањето за договорот постигнат од Пахор и Косор би можело да се претвори во референдум за актуелната влада.

Референдумот важен за владата на Пахор

Затоа премиерот Пахор и неговата влада ќе мораат со сите сили да се потрудат референдумот да не пропадне. И тоа од неколку причини. Поддршката за Пахор, по сите реформски зафати, опасно е разнишана, а словенечката опозиција ќе настојува изјаснувањето околу начинот за решавање на граничниот спор со Хрватска да го искористи како мерка за уривање на поддршката што владата, премиерот и неговите реформи ја уживаат кај граѓаните. Затоа негативниот исход од референдумот би можел да значи и пад на владата на Пахор. Од друга страна, ЕУ ги затопли односите со Љубљана, откако договорот беше потпишан и веќе не ја гледа како противник на европската политика за проширување. Затоа Брисел нема со благонаклонетост да гледа на ново заострување на словенечко-хрватските односи.

Автор: Гордана Симоновиќ / Трајче Тосев

Редактор: Жана Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми