Вашингтон, Риад,Техеран- сложен триаголник
9 август 2015
Една држава официјално е дефинирана како исламска, со неа владее иста династија веќе 83 години, религијата диктира дека жените не смеат да возат и како смеат да се облекуваат. Другата држава е мнозински- но и не официјално- христијанска, каде граѓаните ги избираат политичарите, а секој може да се облекува како што сака. Единствено што Саудиска Арабија и САД го имаат заедничко се интересите и непријателите. Изгледа дека тоа е доволно за цврстото партнерство кое успешно преброди многу искушенија.
Демонстрација на партнерство
„Тој сојуз ги преживеа сите можни провокации, вклучувајќи го и признавањето на Израел од страна на американскиот претседател Хери Труман во 1948. година“, вели Томас Липман, поранешен шеф на дописништвото на угледниот весник „Вашингтон пост“ за Блискиот исток. Липман за ДВ наведува оти партнерството меѓу Белата куќа и саудиското владејачко семејство ќе го преживее и договорот кој светските сили го постигнаа со Техеран за иранската нуклеарна програма. Договорот вклучува и олабавување на санкциите кон Техеран, што неизбежно ќе доведе до јакнење на шиитскиот Иран.
За да потврди дека САД остануваат приврзани на соработката со сунитската сила Саудиска Арабија, шефот на Стејт департментот Џон Кери во неделата отпатува во регионот, најпрво во Катар. Тој за време на посетата, како и повеќе пати за време и по преговорите со Иран, потврди дека САД и натаму се грижат за безбедноста во Персискиот залив. Минатата недела Америка им продаде на Саудијците 600 проектили за одбранбените батерии „Патриот“ и ги наплати 5,4 милиони долари.
Томас Липман не верува оти овој дил има врска со атомскиот договор со Иран, но вели дека ракетите секако дополнително го обезбедуваат Ријад од евентуален напад од вечните непријатели од Иран. „Не се сомневам воопшто оти Саудицијте ги презираат шиитите, дека се нервозни поради ситуацијата со Иран и активностите на земјата во регионот. Тоа не е тајна“, вели Липман. „Исто така во Риад одлично знаат од која страна свети сонцето за нив- од американска. Никој друг никогаш не би им продал 600 ракети.“
Профитабилен бизнис
Ричард Марфи, поранешен амбасадор во Ријад, вели дека- за разлика од Израел- арапските земји во Персискиот залив не се грижат толку за можноста Иран да развие атомско вооружување. Напротив, Советот за соработка во Персискиот залив- во кого покрај Саудиска Арабија се уште и Бахреин, Оман, Катар и Обединетите Арапски Емирати- вмнимателно го поздрави договорот со Иран. Но овие арапски земји се загрижени дека укинувањето на санкциите и засилената економија ќе му овозможат на Иран посилно да ги поддржува шиитските паравоени формации во Ирак, Либија, Сирија и Јемен. Токму во Јемен, Саудиска Арабија воено директно се вмеша. „Тие се загрижени поради количеството пари со која ќе располага Техеран, а од Иран секогаш очекуваат се’ најлошо“, вели Марфи за ДВ. „Добро ги помнат зборовите на ајатолахот во првите години по исламската револуција во Иран, кога повика на соборување од власт на корумпираните влади во целиот муслимански свет.“
Но, ако на конфликтот на регионалните сили се гледа како на трка во вооружување, тогаш Саудиска Арабија троши четири пати повеќе пари од Иран. Заедно со сојузничките држави од Арапскиот полуостров, буџетот за одбрана е 6 до 7 пати поголем од иранскиот. Од дебелиот паричник на нафтените империи најмногу профитираат токму САД. Администрацијата на Барак Обама во 2010. година склучи историски договор кога на Саудијците им продаде софистицирано вооружување за дури 60 милијарди долари. Договорот вклучува 84 авиони Ф15, 70 хеликоптери „Апачи“, 72 хеликоптера „Црн јастреб“, и 36 хеликоптери „Мала птица“.
„Продажбата на оружје е константа во нашите односи“ , вели Марфи. „Тоа е многу исплатлив пазар за нашата индустрија за вооружување.“ Тука, вели овој дипломат, ништо нема да се промени.
Практичен брак
Новинарот Томас Липман односите меѓу Вашингтон и Риад ги нарекува „практичен брак“ во кој нафтените резерви на Саудиска Арабија играат сѐ помала улога бидејќи САД повеќе не зависат од енергенсите од ова подрачје. Поважни се безбедносните прашања- Саудијците добиваат американски гаранции додека за возврат мора да го поддржуваат дипломатскиот пристап кон Израел и мерките против терористичките организации Ал Каеда, Исламска држава и други радикални исламисти. „ Првичниот инстинкт на саудиските владетели секогаш е самоодржување“, вели Липман. „Ѕнаат дека ИД ја сака Мека. Знаат дека Ал каеда би им ги отсекла главите. И затоа тие се борат против нив.“
Но зарем не се бори и Иран против ИД и тоа, засега, со многу поголем жар отколку Саудијците? Оваа позитивна улога на техеран ги потхранува шпекулациите дека Американците сѐ повеќе би можеле да се вртат кон Иран на сметка на добрите односи со Саудиска Арабија. Но дипломатото Марфи вели дека тоа е бесмислено: „ Иранците не сакаат таков вид односи, а не сакаме ни ние. Ама изгледа дека во Персискиот залив сите веруваат во таа теорија.“