„Случајот Бандиќ“- показател за атрофираната политичка култура
21 октомври 2014Дури и по апсењето, Милан Бандиќ добива голема поддршка, од доселениците во главниот град на Хрватска, преку спортисти и општествени работници, до социјално маргинализирани групи. Впрочем, се работи за човек кој освои пет градоначалнички мандати, и покрај бројните скандали и обвинувања за клиентелизам кои никогаш не беа докажани, а кои пристигнуваа и од самиот премиер. Овој градоначалник не се ни обидуваше да им се допадне на интелектуалците кои, во голема мерка, отворено го презираа како уништувач на граѓанството и поддржувач на провинцијализмот. Понекогаш, неправедно, како мана го истакнуваа и неговото рурално потекло, што Бандиќ знаеше да го сврти во своја корист, особено кај оние кои себеси сакаат да се опишуваат како „мали луѓе“, кои и самите го сонуваа „хрватскиот сон“ кој во Хрватска најчесто се сведува на управување со јавни пари.
Популарноста на притворениот градоначалник одамна ги мина рамките на Загреб. Групите за поддршка на Фејсбук во само еден ден достигнаа 30 илјади членови, додека граѓаните во анкетите и на популарните портали масовно му изразуваат поддршка говорејќи за „монтиран процес“. „И ако крадел барем им даваше и на другите“. „Има и други кои крадеа повеќе па не се во затвор“, се дел од реакциите на граѓаните во корист на Бандиќ кои сведочат за целосното непознавање на функцијата на власта и јавната управа, но и за моралната деградација на општеството кое, декларативно, со сите сили сака да се ослободи од корупцијата.
Пензионираната професорка по психологија Мирјана Кризманиќ, феноменот Бандиќ и некритичноста на граѓаните кон него ја припишува на неговиот начин на владеење. Таа се присетува дека на самиот почеток на управувањето со Загреб, тој преку весниците го објави бројот на својот мобилен телефон и ги повика сите граѓани да му се јават доколку имаат проблем. „Тој лично им направи услуги на бројни луѓе. Вториот дел од приказната е дека тој навистина, постојано беше на нозе и вршеше обиколки на делови од градот во кој никој не оди. Така ги придобиваше луѓето за себе и им даваше сигурност“, вели Кризманиќ.
Популизмот како стил
Професорот на загребскиот Факултет за политички науки Берто Шалај тврди дека кај Бандиќ не се работи за идеолошки популизам како кај некои парламентарци како Иван Грубишиќ и Жељко Керум, кои ги смета за вистински популисти. „Тоа се луѓе во чии интервјуа можете да прочитате дека политичката класа е корумпирана, дека народот е излажан, а тие не се политичари туку обични луѓе кои се принудени да се занимаваат со политика. Бандиќ го прегрна популизмот како политички стил, а не како идеологија. Кај него тоа е исклучиво стил, тип на дискурс со кој ги привлекува граѓаните“, вели Шалај.
Шалај смета дека некритичката поддршка за градоначалникот е сериозен индикатор за нивото на политичката култура на граѓаните. „Да ја оставиме на страна вината, иако е осомничен за многу сериозна политичка корупција. Но, аргументот 'и да крадел, барем нешто му даваше на народот' е синдром. Според мене тоа е причина за сериозна загриженост“.
За атрофираната политичка свест и култура говорат и примерите на граѓани кои во пресрет на локалните избори ги фалат политичарите кои „нешто“ сториле, меѓу другото и за градовите со кои управуваат. „Потполно се несвесни дека се тоа пари на даночните обврзници и дека се тоа наши пари, и дека власта мора да одговара за секоја паричка“, вели Шалај.