Russland Kursk Putin
12 август 2010На 14 август 2000 година во вестите во Русија проструи кратката информација: „Се случи несреќа во Баренцовото Море. Се прават сите напори за преземање соодветни мерки.“
Два дена претходно, на 12 август, потона „Курск“, најмодерната нуклеарна подморница на руската армија. На прашањето што се случило со подморницата, новоизбраниот претседател Владимир Путин, кој беше на одмор на Црното Море, одговори едноставно: „Потона.“ Ова беше една од најголемите грешки за време на неговиот мандат – денес Путин не би си го дозволил тоа. Русија изгуби драгоцено време, одбивајќи да прифати меѓународна помош. Армијата стравуваше дека странците ќе ја искористат можноста за шпионирање.
Три дена подоцна беше соопштено дека не загинале сите 118 членови на екипажот. Дваесетмина од нив успеале да се затворат во една од неоштетените простории на подморницата, снабдена со доволно кислород. Сепак, руската морнарица не успеа да го отвори безбедносниот отвор и да ги спаси преживеаните.
Помошта дојде предоцна
Секоја секунда беше важна – но ништо не се случуваше: немаше ни трага, ни глас, ниту од од Путин, ниту од каков било кризен менаџмент. Самопрогласените експерти ширеа шпекулации дека американска подморница е одговорна за потонувањето на „Курск“.
Конечно, десет дена по катастрофата, им беше дозволен пристап на специјалисти од Англија и Норвешка, кои за кратко време ја отворија вратата на „Курск“ – но веќе беше предоцна. Целата посада веќе беше мртва. Адмиралот на Северната флота излезе пред камерите, обраќајќи им се на мајките и сопругите на жртвите: „Не` снајде голема неволја. Меѓутоа, животот продолжува. Израснете ги децата. Ве молам за прошка, што не успеав да ги спасам вашите мажи.“
Дури две години по несреќата во извештајот од истрагата се заклучува дека причина за потонувањето на „Курск“ била експлозија на неисправно торпедо. На Путин, пак, оттогаш никогаш не му се повтори грешката да оди на одмор, додека во земјата владее некоја катастрофа. Телевизиските канали што го критикуваа, еден по еден беа исклучувани.
Автор: Херман Краузе / Трајче Тосев
Редактор: Александра Трајковска