1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот со Пауновски пред разврска

ДТЗ
26 април 2021

Утре на иста маса ќе седнат премиерот и инспекторите кои застанаа во одбрана на својот шеф. Од исходот на средбата зависи дали разрешувањето ќе се најде на владина седница.

Stojko Paunovski | Direktor der Marktinspektion in Nordmazedonien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Случајот со директорот на Државниот пазарен инспекторат,Стојко Пауновски кој одби да прими 35 рамковни административци на работа во неговата институција е пред разврска. Предлогот за неговото разрешување, коешто го најави премиерот Зоран Заев, се очекува да се најде на утрешната владина седница. Претходно премиерот ќе има средба со инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, кои застанаа во одбрана на својот шеф, потпишувајќи петиција со која бараат надлежните да се откажат од идејата за негова смена. Од исходот на таа средба ќе зависи и разврската на „случајот Пауновски“.

Премиерот Зоран Заев порача дека останува на ставот дека првиот човек на Пазарниот инспекторат, треба да се разреши.
„Се работи за почитување на закон донесен во декември 2020 година и согласно законот сите имале обврска да ја променат систематизацијата. Голем дел од институциите се обратиле поради невозможноста да се вклопат дел од распределените луѓе заради несоодветните профили, еден дел се обратиле затоа што не биле опфатени, еден дел од распределените не ни прифатија да одат и си дадоа оставка. Дефинитивно, прво се работи за почитување на законот, а потоа и за етичкиот кодекс“, вели премиерот. 

-повеќе на темата: Платата тече, дел од рамковните административци сѐ уште без работа

Заев е дециден дека одлуката ќе биде донесена согласно правните прописи и нема да дозволи ништо поинаку освен постапување по правните прописи. „Се работи за добар јавен службеник, мој добар пријател, нема да дозволам инаетење со претпоставени, неспроведување на законите и нема да дозволам апсолутно неовозможување на нормално поставување на целиот владин систем во оваа значајна постапка која е децениско прашање кое тлее во јавноста“, изјави Заев. 

Но, тој сепак ќе ги сослуша и аргументите на инспекторите на утрешната средба, оти „зошто би закажувал состанок ако е убеден во ставот што го соопшти во јавноста“. „Ги знам прописите, правилата, етичкото поставување, јасно знам каде оваа влада сака да стигне во својата поставеност, служејќи за добробит на граѓаните или слично. Но, секако ниту се сметаме за најпаметни и најинформирани ниту покажуваме каква било сила или моќ. Сакаме да се почитуваат законот за распределба, Законот за Влада, за хиерархиската поставеност на институциите и на крајот, не помалку важно, етичкиот однос на сите кон самите претпоставени, спрема граѓаните и спрема другите институции“, вели Заев. 

-повеќе на темата: Над осум милиони евра годишно за „армијата“ рамковно вработени

Причина за отворениот судир кој исплива на површина минатата недела меѓу Заев и Пауновски е прераспределбата на рамковните. Откако Пауновски одби да прими дел од административците поради несоодветно образование, премиерот му порача дека „пркос“ не е дозволен и дека ќе биде побарано негово разрешување. 

Проблеми со прераспределбата на овие кадри имаше и во други институции (МВР, УЈП), но таму во меѓувреме се спроведуваат или безбедосни процедури или системски измени со цел да се прилагодат работните места на стручната подготвеност на кадрите. Најсилен отпор пружи директорот на инспекторатот, Стојко Пауновски кој за ДВ неодамна изјави дека нема да дозволи кај него да бидат прераспределени кадри кои нема да работат, ќе седат дома, а ќе земаат плата. Тој истакна дека со несоодветна прераспределба на кадрите се доведува во прашање функционирањето на целата институција, во која изминативе години биле извршени коренити промени.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми