1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Случајот „Шариќ“ го кочи формирањето на новата српска влада?

Ивица Петровиќ/ Александра Трајковска7 април 2014

Три недели по изборите во Србија сѐ уште не се знае речиси ништо за составот на новата влада. Колку на преговорите влијаат сознанијата за контактите на уапсениот нарко бос Дарко Шариќ со врвот на државата и полицијата?

Фотографија: picture-alliance/dpa

Преговорите за формирање на нова српска влада почнуваат денеска (7.04), а потенцијалните кандидати за коалициони партнери на Српската напредна партија (СНС) во новата влада се Новата демократска партија (НДС) на Борис Тадиќ и Социјалистичката партија на Србија (СПС) на бившиот премиер и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ. Меѓутоа, се стекнува впечаток дека главна точка на спорот е всушност СПС и тоа пред сѐ контроверзите околу контактите на „кланот Шариќ“ со кабинетот на Ивица Дачиќ и врвот на српската полиција.

Доскорешниот претседател на Собранието на Србија, Небојша Стефановиќ, повеќе пати јавно повтори дека е против влез на СПС во владата. Социјалистите, освен тоа, трпат и притисоци поради наводни сознанија дека бившиот шеф на таа партија Слободан Милошевиќ нарачувал политички убиства во Србија во деведесеттите години. Оттука, ситуацијата делува прилично безнадежно за социјалистите, но за сѐ да не биде толку едноставно се потруди т.н. „руски фактор“. Руската страна, според тие наводи, го поддржува влезот на социјалистите во владата, пред сѐ поради добрите контакти кои ги имаа со нив во областа на енергетската соработка.

Шариќ влијае врз преговорите за владата

Случајот „Шариќ“ во секој случај мора да влијае врз преговорите за формирање на нова влада, оценува за ДВ социологот Јово Бакиќ. Такво влијание, според него, имало во смисла на тоа дека Ивица Дачиќ бил уценуван, за да добие помал колач од власта, односно да биде задоволен со она што ќе му се понуди, а второто е навистина да се тргне во пресметка со работите кои се недопустливи. А тоа, се разбира, е соработка и дружење со нарко дилер, истакнува Бакиќ. Подигнувањето на процес против најодговорните луѓе во СПС би требало да биде дел од некоја нормална процедура, но не сум сигурен дека тоа навистина ќе се случи, бидеќи во Србија во тој смисол ништо не е извесно, вели Бакиќ.

Дарко Шариќ во специјалниот суд во БелградФотографија: picture-alliance/dpa

Преголеми очекувања од случајот „Шариќ“

Дарко Шариќ е само еден вид монета за поткусурување во приказната околу формирање на новата влада, вели за Дојче веле уредникот на „Нови магазин“ Воислав Туфегџиќ. Тој смета дека српската јавност имала премногу очекувања од појавувањето на Шариќ во судницата. Туфегџиќ вели дека лично бил скептичен кон тоа, но сметал дека се повторило она што постоело и во некои претходни случаи, кога луѓето очекувале да се открие вистината за врските меѓу политиката и организираниот криминал.

„Големи и важни бегалци доаѓаат пред суд и потоа од сите приказни не останува ништо. Јасно е зошто е така. Никој од обвинетите нема да се товари дополнително со некои приказни, ниту во крајна линија ќе открие кој му помагал. Бидејќи тие од тоа немаат ништо, а оној кој му помагал или оние кои помагале, утре би можеле повторно да бидат од помош. Тоа е едната страна на приказната. Другата е - што и да каже Шариќ, од правна страна нема никаква тежина. Тој може да изнесе вистина, може и некого лажно да го обвини за да му наштети, а може во крајна линија и да лаже дека тоа му е дозволено. Суштината е значи дека мора да се потпре само на она што го имаат собрано полицијата и обвинителството.“

Русија е заинтересирана за енергетскиот секторФотографија: picture-alliance/dpa

Судот на таблоидите

Откривањето на наводно нови сознанија за тоа дека Слободан Милошевиќ нарачувал политички убиства во текот на деведесеттите години може да се каже дека спаѓа во делот на оркестрирани напади врз СПС, смета Јово Бакиќ. Тој дополнува дека е многу лошо што такви работи се одвиваат преку таблоиди, наместо онаму каде им е местото. „Ако ние сме нормална и правна држава, истражните органи би си ја работеле својата работа и таа постапка би била подигната уште пред неколку години, бидејќи тие работи се знаат. Постои приказна за оние фамозни 130 дискови и тоа го знаат и службите, го знаат одговорните политичари, а се разбира го знае и обвинителството. Проблемот е што овде обвинителството чека знак од политичарите за да си ја заврши својата работа“.

Русите пресудуваат?

„Рускиот фактор“ исто така игра важна улога во формирањето на српската влада. Јово Бакиќ обрнува внимание на тоа дека Русија пред сѐ е заинтересирана за секторот на енергетиката и дека би сакала Душан Бајатовиќ, еден од челниците на СПС, да остане на директорската позиција во „Србијагас“, наведува Бакиќ. Воислав Туфегџиќ додава дека силни политички ветрови во Србија дуваат и од исток и од запад. „Меѓутоа, мислам дека сето тоа се смирува, што е добро за Србија бидејќи таа навистина нема многу простор да се определи за една или друга страна’, вели тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми